Чистење на затнато носе

Веројатно дека чистењето на затнатото носе нема да му се допадне на бебето, но по чистењето ќе дише, јаде и спие полесно.


Како да го исчистите носето на бебето


За да го исчистите носето на бебето прво е потребно да му капнете во ноздрите солен раствор за да се навлажни и да се расвори мукусот.

Капките солен раствор можете да ги купите во аптека, но внимавајте да не бидат со прејака концентрација. Исто така можете да употребите и физиолошки раствор или самите да приготвите солен раствор дома. За таа цел треба растворите една четвртина лажиче сол во 250 мл топла вода. Секогаш правете свеж раствор пред употреба.


Легнете го бебето, така што брадата да му биде малку подигната и капнете по 1-2 капки солен раствор во секоја ноздра. Откако ќе му ставите од капките во носот, обидете се да ја држите главата на бебето мирна десетина секунди. После секоја употреба исчистете ја капалката од капките.

Самиот солен раствор може да помогне да се отне носето на бебето. Но, ако и после неколку минути сеуште е затнато можете да употребите помагало.


Најчесто ќе сретнете 2 вида помагала за чистење на носето: со гумена пумпица и назален аспиратор со цевче. Првиот вид се понепрактични затоа што внатре се насобираат нечистотии и мувла, кои не можат добро да се измијат. А тоа може уште повеќе да ги влоши респираторните инфекции. Вториот вид (со цефче) подобро ја вршат работата и можете лесно добро да ги измиете.

Аспиратор со гумена пумпица

 

Како се користи аспираторот со гумена пумпица


Стиснете ја гумата за да со истиснете воздухот и да создадете вакум. Потоа нежно ставете го врвот на пумпицата во носето на бебето. Полека ослободете го стисокот врз гумата за да го вшмукате мукусот. Потоа силно притиснете на гумата за да го исфрлите мукусот на парче хартија. Повторете исто и со другата ноздра.

Ако носето на бебето не се отне и после 5-10 минути повторно ставете солен раствор и употребете ја пумпицата уште еднаш. Немојте да ја користите повеќе од 2-3 пати дневно, затоа што можете да ја иритирате слузокожата во носот. Исто така солениот раствор не го користете повеќе од 4 дена по ред за да не се исуши внатрешноста на носето и да се влоши состојбата.

Внимавајте целиот процес да биде нежен, ако премногу грубо го правите вшмукувањето можете да направите да се воспали ткивото во носето на бебето, па дур и да прокрвари.


Како да ја измиете пумпицата


Пумпицата мијте ја добро со топла сапуница, по секоја употреба. Стиснете ја во топлата вода за да се наполни со вода и протресете за да се измие одвнатре. Истиснете ја водата и исплакнете неколку пати на истиот начин. Оставете ја да се суши во стаклена чаша, така што да биде свртена со врвот надолу за да се исцеди водата.
 


Како се користи назален аспиратор со цевче


Поновите назални аспиратори се состојат од цевче, на кое е прикачено црево, а на другиот крај од аспираторот се наоѓа делот кој се става во устата. Ставете го врвот од цевчето во ноздрата на бебето и со устата нежно вшмукајте. Филтерот во аспираторот ќе спречи да ги внесете бактериите и мукусот во устата.

Направата лесно можете да ја расклопите и добро да ја измиете со сапуница.

Повеќето родители ги преферираат назалните аспиратори со цевче и ги сметаат за поефикасни, полесни за употреба и понеинвазивни, а во секој случај се похигиенски.