Грчеви во нозете во бременоста

Причини за појава на грчеви во нозете во бременоста

Грчевите се силна болка во нозете, предизвикана од нагло стегање на мускулите. Се смета дека можни причини за грчевите во нозете во бременоста е притисокот на матката врз крвните садови на нозете, а со тоа и спречувањето на циркулацијата на крвта, како и притисокот на матката врз нервите. Друга причина може да биде тоа што нозете мораат да ја носат зголемената тежина на телото, а тоа ги преморува, па последица се грчеви во нозете. Причина за грчеви може да биде и недостатокот на течности во организмот, предолгото стоење итн. Некои лекари сметаат дека грчевите можат да се јават заради недостаток на калциум, но тука мислењата се поделени.

Грчевите можат да се појават во второто тромесечие, но стануваат поинтезивни во третото тромесечие со зголемувањето на стомакот на мајката и одминувањето на бременоста. Можат да се јават и во текот на денот, но сепак се почести ноќно време во текот на спиењето.

 

Масажата може да биде од голема корист кај грчеви во нозете

 

Како да ја спречите појавата на грчевите

  • Избегнувајте да стоите подолго време.
  • Избегнувајте да седите во иста положба подолго, особено ако положбата ја спречува циркулацијата на крвта како седењето со прекрстени нозе.
  • Истегнувајте ги листовите повеќе пати во текот на денот, а особено може да помогне ако ги истегнете десетина пати пред да си легнете навечер. Внимавајте на тоа никогаш да не ги истегнувате прстите на нозете на надвор.
  • Правете кружни движења со глуждовите и вежби со стапалата.
  • Немојте да спиете со ножните прсти истегнати право напред.
  • Кога можете одмарајте со кренати нозе.
  • Лежете на левата страна за да ја подобрите циркулацијата.
  • Секојдневно правете прошетки, освен ако лекарот не ви го забранил тоа.
  • Пијте многу вода и никогаш немојте да дозволите да дехидрирате.
  • Направете си топла бања пред да отидете во кревет.
  • Разговарајте со вашиот лекар. Понекогаш може да помогне земањето на магнезиум.

 

Што да направите ако добиете грч

 

Ако имате грч во ногата истегнете ја ногата и листот, прстите повлечете ги нагоре и масирајте го листот на ногата во правец кон петицата.


Може да помогне и ако ставите топла облога.


На некои жени им помага неколку минути шеткање низ собата.

Внимание:
Ако болката е многу честа и силна или ако приметите црвенило, жештина и оток веднаш појдете кај вашиот лекар. Тоа можat да бидат знаци на појава на згрутчување на крвта. Венската тромбоемболија (грутка од крв која се задржува во вена во ногата) е ретка но сепак е ризик во бременоста и ако се јави е потребна итна интервенција.