Дванаесетта седмица од бременоста

Што се случува во оваа недела од бременоста?

Мајката:

Вие веројатно ќе почнете да се чувствувате подобро. Некаде оваа седмица, заради растот, вашата матка ќе се помести понапред и погоре. Ова ќе направи притисокот на бешиката да се намали. Ползата од тоа ќе биде што вашите посети на тоалетот ќе станат поретки. Ова ќе трае се до (околу) третото тромесечие. Во третото тромесечие заради зголемувањето, матката повторно ќе почне да притиска на бешиката.

Вашиот стомак расте, особено ако ова не Ви е прва бременост.

Додека мачнините и уморот стивнуваат, главоболките може да станат почести. За тоа придонесува зголемениот волумен на крвта. Доколку страдате од главоболки, разговарајте со својот лекар.

Плацентата во овој период ќе го превземе производството на хормони.

Најрадосната вест е што од оваа недела ризикот за спонтан абортус е значително намален.

Совет: Препорачливо е да закажете преглед кај вашиот стоматолог. Здравите непца и заби се многу важни за нормалното одвивање на бременоста. Не само што воспаленијата на непцата и парадонтозата не се добри за Вас, туку може да доведат и до помала тежина на бебето, како и предвремено породување.

Бебето:

Органите на бебето продолжуваат со нивниот развој. Бубрезите почнуваат да лачат урина.

Бебето е целосно потопено во течност, но не се грижете за неговото дишење. Вашето бебе кислородот го прима преку плацентата, директно во крвта.

Иако цревата му се прилично развиени, дел од нив не се наоѓаат во стомачната празнина, туку надвор во папочната врвца.

Косата и ноктите растат.

Вашето бебе сега е долго околу 7,5 см и тежи околу 20 грама.

Таткото:

Бидејки мајката веројатно веќе се чувствува подобро, охрабрете ја на заеднички редовни прошетки. Уживајте во ова време, наскоро многу работи ќе се изменат.

 

bremenost nedela 12

Бебе во 12-та седмица на бременост

 

 

Анимација на развојот на бебето 10 седмици по оплодувањето (12-та гестациска седмица) 

 

Претходна Следна