Дваесет и седма седмица од бременоста

Што се случува во оваа недела од бременоста?

Мајката:

Обично од сега па до 36-та недела почнува забрзано качување на килажата. Имајте на ум дека не сте дебели, туку качената килажа е нешто неопходно за здрав и нормален развој на вашето бебе. Вишокот килограми ќе ги симнете по породувањето. Тежината што ќе ја добиете во овој период е распоредена на повеќе места: вашите гради, бебето, зголеменото количество крв, плодовата вода ит.н.

Како што матката се шири и ги притиска ребрата, вашиот здив може да станува пократок. Не се грижете, вашето бебе сепак го добива потребното количество на кислород, без никакви проблеми.

Може да чувствувате уште поизразено чешање на кожата, како што се проширува вашето тело. Тоа е нормално, затоа што кожата значително се растегнува.

Веројатно се уште Ве следат киселините и слабото варење на храната . Овие проблеми може да станат уште посилни. Како што расте бебето, матката притиска и на хранопроводот.

Може да почнат да се јавуваат т.н. Брекстон-Хиксонови или лажни контракции. Тие не се опасни и всушност се припрема на телото за чинот на породувањето.

Совет: При Брекстон-Хиксонови-те контракции, матката е мека како врвот на носот. Тоа можете да го почувствувате ако го допрете вашиот стомак. Обично ако се напиете чаша вода и легнете да одморите, овие лажни контракции престануваат.

Кога се работи за вистински контракции, кои можат да доведат до породување, матката станува тврда како челото.

Ако мислите дека чувствувате симптоми на предвремено породување, испијте неколку чаши вода и легнете на левата страна. Напипајте го стомакот за да видите дали матката е тврда.

Ако сметате дека е потребно, отидете на лекар. Многу жени отишле на лекар со лажни контракции, но подобро е да се биде на сигурно и ако постои вистинска опасност да се спречи лошото.

Предвременото породување понекогаш може да се избегне многу лесно, нпр. само со намалување на количеството кофеин што го внесувате.

Ако имате страв од породилните болки, не сте единствени. Разговарајте со други жени, читајте и обидете се да дознаете што повеќе за текот на породувањето. На тој начин ќе знаете што да очекувате и стравот ќе се намали.

Бебето:

Интезивниот раст на мозокот продолжува.

Имунолошкиот систем и белите дробови продолжуваат да се развиваат.

Доколку дојде до предвремно породување во оваа фаза, бебето има 85% шанси да преживее. Ова е можно затоа што белите дробови се доволно развиени, за со медицинска помош да може да дише.

Ако се работи за машко бебе, тестисите се веќе целосно спуштени во скротумот.

Просечната должина на бебето сега е околу 36.6 см, а просечната тежина околу 875 грама.

Таткото:

Ако мајката се жали дека е дебела, утешете ја со тоа дека качената килажа е потребна за здрава бременост. Имајте разбирање за нејзините напади на глад по одредена храна, иако можеби ќе се случат во незгодно време. Сепак е добро да не ја искушувате со нудење на чоколада или други слатки.

 

bremenost nedela 27

Бебе во 27-ма седмица на бременост