Триесет и осма седмица од бременоста

Што се случува оваа недела од бременоста?

Мајката:

Мукозниот чеп, кој што ја затвора матката може да се растопи постепено или да падне одеднаш. Неговото паѓање сепак не значи дека породувањето ќе почне веднаш. Но е добар знак дека треба да бидете во исчекување, за да ги препознаете вистинските болки кога ќе се јават.

Како што се ближи породувањето, грлото на матката се истанчува, па може да приметите и мало крварење или розикава течност измешана со белиот исцедок.

Лажните болки можат да бидат и многу болни, но не се јавуваат во редовни временски интервали. Можат да се јават во различни делови од телото: долниот стомак, карлицата, грбот... Карактеристично за нив е што кога ќе легнете или ќе ја смените положбата исчезнуваат.

Вистинските болки се разликуваат по тоа што почнуваат од најгорниот дел на матката и се движат надолу по целата матка, преку долниот дел од грбот до карлицата. Се јавуваат во редовни временски интервали. Вистинските болки стануваат се поболни и не се ублажуваат и ако ја смените положбата.

Совет: Внимавајте на реакциите на вашето тело и бидете во очекување да ги почувствувате и препознаете вистинските контракции. Ако не сте сигурни, сепак е побезбедно да отидете во болница и пак да се вратите, отколку да го родите бебето пред да стасате таму. Торбата нека биде спремна.

Бебето:

Иако вашето бебе е целосно развиено и подготвено, продолжува да се развива мозокот и нервниот систем. Тие секако ќе продолжат да се развиваат и по неговото раѓање.

Просечната должина на бебето сега е околу 50 см, а просечната тежина околу 3100 грама.

Таткото:

Продолжете да и се наоѓате при рака на мајката и помагајте и секаде каде што можете. Бидете на штрек, многу скоро ќе треба да ја водите во болница.