Шеста седмица од бременоста

Што се случува во оваа недела од вашата бременост?

Мајката:

Оваа седмица веројатно вашите утрински мачнини ќе станат поинтезивни. Тоа се случува како резултат на зголеменото присуство на хормони. Запомнете дека иако се викаат утрински, мачнините можат да се јават во било кое време во текот на денот.

Во овој период од бременоста, често пати се јавува интезивен умор, поспаност и исцрпеност. Тоа е совршено нормално.

Исто така може да се јави силна желба за одреден вид на храна, како и голема одбивност кон други прехрамбени продукти.

Градите можете да ги чувствувате изразено болни и тешки, а ареолите, односно темните кругови околу брадавиците стануваат потемни. Ова се случува затоа што Вашето тело веќе се подготвува за чинот на доење.

Совет: Бидејки ова е критично време за развојот на органите на Вашето бебе, избегнувајте: алкохол, медикаменти без лекарски совет, фарби за коса, маникири и други хемикалии кои навистина не ви се неопходни.

Доколку се уште не сте закажале лекарски преглед, сега е препорачливо да го направите тоа.

Доколку дојде до појава на било какво крварење, грчеви или болки во стомакот, веднаш јавете се на лекар. Не секое крварење или болка претставува опасност од губење на бебето, но секогаш е подобро да се реагира навреме. Ако постои некаква опасност за бебето, Вашиот лекар ќе Ви препише соодветна терапија. Сепак и ако забележите некој од овие знаци не паничете. Многу жени кои прокрвареле во текот на бременоста, родиле совршено здрави деца.

Доколку чувате мачка, грижата околу кутијата со песок нека ја превземе некој друг. Во изметот на мачката може да се најде паразитот Токсоплазма. Токсоплазмата пак може да предизвика оштетување или смрт кај бебето.

Бебето:

Растот во оваа недела е многу интезивен.

Вашето бебе веќе има добро развиен и стабилен срцев ритам, иако е се уште слаб за да може да се слушне.

Делбата на клетките е интезивна и веќе почнуваат да се формираат: очите, устата и ушите. Почнуваат да се формираат и пупки, од кои ќе се развијат рацете и нозете. Постелката веќе почнува да се развива, иако продукцијата на хормони ќе ја превземе дури после 12-тата седмица. Гестационата кеса е веќе добро видлива на ултразвук.

Просечната големина на бебето е 2-4 мм.

Таткото:

Не е лесно да ја гледате мајката на Вашето бебе како се измачува со утринските мачнини и другите пропратни симптоми.

Mожете да направите некои работи кои ќе и помогнат. Нa пример: наутро можете да ја потсетите да изеде неколку крекера пред да стане од кревет, тоа може да и помогне околу мачнините. Охрабрувајте ја почесто да се одмара, затоа што тоа го бара нејзиното тело. Таа веројатно нема да може да ги извршува сите домашни работи со истото темпо како и до тогаш, обидете се да и помогнете во оние работи каде што можете.

Некогаш можеби ќе сака да биде сама. Промените во расположението никако немојте да ги сваќате лично. Тие се резултат на огромните промени на хормоните во нејзиното тело. Верувајте дека Вашето активно учество во бременоста ќе биде од огромна полза и понатаму многукратно ќе Ви се исплати.

 

bremenost nedela 6

Бебе во 6-та гестациска седмица на развој

 

 

Анимација на рзавојот на бебето 4 седмици по оплодувањето (6-та гестациска седмица)

 

 
 
 
Претходна Следна