Намалено количество на плодова вода - олигохидрамниоза

Плодовата вода и нејзината улога

Плодовата вода е течноста во која живее бебето. Таа почнува да се формира 12 дена по зачнувањето и игра исклучително важна улога во развојот и животот на бебето во утробата, се до неговото раѓање. Нејзината улога е:

  • Служи како амортизер и го штити бебето од удари и потреси.
  • Го штити од инфекции.
  • Не дозволува да дојде до сплеснување на папочната врвца и да се прекине доводот на храна и кислород.
  • Му овозможува на бебето да се развие респираторниот систем со тоа што ја вдишува и издишува течноста.
  • Со голтање и екскреција на плодовата вода се развива дигестивниот систем на бебето.
  • Го овозможува движењето на бебето, а со тоа и развојот на неговите коски и мускули.
  • Ја одржува константна температурата во матката.

Во првото тромесечие плодовата вода доаѓа преку примање на течности од мајката. Од второто тромесечие бебето со голтање, мокрење и повторно голтање и самото учествува во одржувањето на нејзиното количество. Поголемиот дел од плодовата вода всушност ќе се состои од урината на бебето.

Максималното количество на плодова вода се достигнува од 28-та до 32-та седмица и останува така зголемено се до при крајот на бременоста, кога почнува да се намалува.

Намалено количество на плодова вода (олигохидрамниоза)

Понекогаш може да се случи количеството на плодова вода да биде премногу мало и таквата состојба е наречена олигохидрамниоза. Се јавува кај околу 8% од бременостите. Процентот е малку поголем кај жените кај кои терминот за породување надминал 2 седмици и се движи околу 12%.

Причини за намалено количество на плодова вода

Точните причини за оваа појава не се знаат секогаш, но најчесто се следните:

Дефекти кај бебето. Ако бебето има проблеми со срцето или бубрезите, може да не биде во состојба нормално да ја рециклира и да го одржува потребното количесто на плодова вода.

Проблеми со плацентата. На пример во случај на одлепена плацента. Ако плацентата не го снабдува бебето со потребните хранливи материи и течности, тоа ќе престане да ја рециклира плодовата вода.

Пробушени околуплодови обвивки. Во овој случај има зголемена опасност од инфекции, затоа што бактериите може да навлезат во плодовата вода. Обично се јавува при крај на бременоста и можеби и сами ќе приметите дека вашиот веш е влажен, но понекогаш може да се јави и порано. Некогаш е последица на амниоцентеза. Може да се случи дупката да зарасне и количеството на плодовата вода повторно ќе се обнови.

Ако помине терминот за породување, односно ако бременоста се оддолжи над 42 седмици. Во оваков случај се зголемува шансата да се намали плодовата вода, како резултат на ослабувањето на работата на плацентата.

Некои заболувања кај мајката придонесуваат за намалување на количеството на плодова вода. Тука спаѓаат: дехидратација, висок крвен притисок, прееклампсија, дијабетес и др.

Кај бременоста со близнаци исто има поголеми шанси да дојде до оваа состојба. Но понекогаш вистинската причина и не се знае.

Последици од премалото количество на плодова вода

Коклу покасно ќе се јави во текот на бременоста, толку поголеми се шансите за да нема сериозни компикации.

Можни последици доколку олигохидрамниоза се јави во првата половина од бременоста се:

Ако се јави во втората половина од бременоста можно е да дојде до:

  • Намален раст на бебето.
  • Предвремено породување
  • Компликации во текот на породувањето. Како главна компликација која може да се јави се смета сплеснувањето на папочната врвца. За да се избегне ова, можно е преку цервиксот да се внесе катетар и да се дополнува со солен раствор. На овој начин често пати се избегнува потребата од царски рез.

Третман кај ологохидрамниоза

Мерките кои ќе се превземат ќе зависат од тоа во која фаза од бременоста се наоѓате, како напредува бебето и дали има други компликации. За да се утврди тоа внимателно ќе биде следена Вашата состојба и состојбата на бебето.

Доколку немате никакви здравствени проблеми, а бебето напредува добро, често пати нема потреба од превземање на некакви мерки. Веројатно ќе Ви биде советувано да пиете поголеми количества на вода, да внимавате на здравата исхрана, доколку пушите да престанете со пушењето и доволно да се одмарате.

Доколку има некакви компликации н.пр. ако имате тешка прееклампсија или бебто не напредува добро, ќе биде индуцирано предвремено породување.