Водач низ трудничките хормони

хормони во бременоста

Бременоста, породувањето и периодот после нив зависат од хормоните. Хормоните се заслужни за промените на вашето тело од почетокот на бременоста, па се до моментот кога ќе го држите вашето најмило во прегратка.

Трудничките хормони вршат огромна работа, но исто така си имаат и своја не толку популарна страна. Тие се заслужни и за мачнините, промените на расположението и уште многу други работи кои не се така пријатни.


Хормоните за време на бременоста


Уште пред да го направите тестот за бременост хормоните веќе работат на големо. Мачнините, уморот, кои се чести во раната бременост можат да бидат заслуга на хормонот HcG, додека пак психолошките промени се должат на покачениот естроген и прогестерон. Кога ке ги искомбинирате сите заедно добивате интезивно време. Важно е да запомните дека бременоста е привремена состојба. На крајот ќе го држите вашето убаво бебе во раце, па имајте го секогаш тоа во предвид кога хормоните ќе ви предизвикаат:

  • Утрински мачнини (кои се погрешно именувани и често траат и по цел ден) и повраќање.
  • Ератички емотивни промени.
  • Козметички промени: Зголемениот крвотек ќе ви донесе погуста и посјајна коса и поцврсти нокти и тие ќе растат побрзо од вообичаено. Но, кај некои жени се јавуваат и акни, кршливи нокти, чувствителна кожа (особено на сонце) и зголемена пигментација на лицето, брадавиците и стомакот (познатата темна линија или линеа нигра).
  • Констипација и гасови. Прогестеронот ја забавува дигестијата на храната и ги опушта мускулите во гастроинтестинаниот тракт, па тие се само последица на неговото дејство.
  • Краток здив
  • Растечен / затнат нос и повремено крварење од носот. Ова се должи на истенчените мукозни мембрани.
  • Зголемен вагинален секрет.
  • Болки во градите и стомакот.
  • Главоболки и мигрени.

 


Хормоните после породувањето


Мислевте дека промените во бременоста се големи? Навистина се, но почекајте, има уште. Вашето тело се менува, закрепнува и исцелува. Сега доите, веројатно многу малку спиете и се обидувате да се снајдете во првите денови од родителството. Хормоните дефинитивно имаат голем удел, но има уште многу други работи со кои се соочувате. Едно знајте, хормоните ќе се нормализираат.

Веднаш по породувањето скока окситоцинот, кој е познат и како хормон на љубовта. Тој помага да се зацврсти почетната врска помеѓу мајката и бебето. Окситоцинот е заслужен и за контракциите на матката и може да биде стимулиран од грижата и љубовта на таткото за време на породувањето.

За време на породувањето исто така се зголемува и количеството на ендорфини - природни ублажувачи на болката, кои се синтетизираат во мозокот.
Доењето е овозможено од пролактинот, хормон на хипофизата кој го подржува производството на млеко. Пролактинот е познат и како релаксирачки хормон, така да нека не ве изненадува тоа што за време на доењето можеби ќе ви се приспива.

Со покачувањето на пролактинот, се намалува естрогенот, се потиска овулацијата (веројатно и вашата менструација), а тоа резултира со ноќно потење и жештини (слични на оние во менопауза), ниско либидо, вагинална сувост - што од своја страна може да го направи сексот помалку пријатен.

Жедта, која ја чувстувате за време на доењето не е само поврзана со потребата за хидрација, туку хормоните кај многу жени предизвикуваат чувство на силна жед и потреба да се напијат вода веднаш.

Беби блуз, благ и краткотраен емотивен пад. Ова е потполно нормално по породувањето. Возвишеноста опаѓа, вие сте исцрпени и уморни, ненаспани и се обидувате да се приспособите на новата реалност, а хормоните не соработуваат. Она што е навистина загржувачка состојба е постпородилната депресија, која е многу поинтезивна, трае подолго и може да биде резулатат на хормоните (на пример на тироидните), генетиката и се јавува кај околу 10% од жените. Постпородилната депресија бара помош и подршка. Некои знаци на постпородилна депресија се: необјасниво плачење, неможност за спиење и кога се има прилика, незаинтересираност за бебето и фантазирање за
 повредување на самата себе, бебето или суицидални мисли. Повеќе за постпородилната депресија можете да прочитате тука. Доколку имате симптоми кои траат подолго од 1 недела разговарајте со вашиот лекар.