Одвикнување од пелени

Успехот во одвикнувањето од пелени не зависи толку од возраста на детето, колку што зависи од неговата физичка и емотивна спремност. Поголемиот број на деца покажуваат интерес за да го совладаат одвикнувањето од пелени до 2 годишна возраст, но кај некои тоа може да се случи на 2,5 години, па и повеќе. Ако се обидете да го одвикнете детето од пелени пред да биде спремно, одвикнувањето може да трае подолго. Што и да кажуваат експертите, вие најдобро ќе знаете кога вашето дете е спремно.


Како да знаете дали детето е спремно за одвикнување од пелени?


Потребно е детето да биде физички и емотивно спремно за промената. Постојат знаци, кои можат да ви укажат дали детето е физички зрело за да почнете да го одвикнувате од пелени, најчесто ова ретко се јавува пред 18 месечна возраст:

  • Детето прави изрази на лицето или го менува ставот, со кои покажува дека има потреба да изврши нужда.
  • Детето има двочасовни суви периоди во текот на денот или често се буди суво од спиење.
  • Празнењето на цревата изостанува во текот на ноќта.
  • Празнењето на цревата се јавува во прилично редовни интервали.


Детето може да биде физички спремно за одвикнување од пелените, но емотивната спремност може да дојде подоцна. Детето треба да биде волно да се одвикне од пелените, без присилување. Присилувањето може да предизвика контра ефекти. Ако детето се противи, оставете го одвикнувањето за понатаму, не е спремно сега.

Знаци дека детето е емотивно спремно да се одвикне од пелени:

  • Детето може да се жали кога пелената е мокра или полна или да бара да го пресоблечете.
  • Покажува интерес да седи на нокшир или тоалет.
  • Покажува интерес кога возрасните го користат тоалетот.
  • Сака да носи долен веш наместо пелени и сл.
  • Сака да биде уредно и чисто.
  • Се гордее со новите постигнувања и сака да угоди.


Кога ќе одлучите дека е време за одвикнување од пелени, создадете услови за успех. Секогаш имајте позитивен дух, фалете го детето за секој успех, а кога ќе се случи грешка не кревајте галама и охрабрете го.


Совети за одвикнување од пелени:


Охрабрете го детето да седи на нокширот, па макар на почеток и во пелена. Покажете му за што служи нокширот, тоа можете да го сторите и така што содржината од полна пелена ќе ја истурите во него.

Оставајте го детето да седи на нокширот по неколку минути, повеќе пати во текот на денот.

Кога го одвикнувате детето од пелени нека биде облечено така да може брзо да се соблече, без пантолони со рамки, каиши и сл.

Бидете брзи, кога ќе приметите знаци што ви кажуваат дека детето има потреба да изврши нужда веднаш ставете го на нокшир.

Кога ќе изврши нужда на потребното место, пофалете го за успехот. Можете да му кажете нешто како: браво, учиш да вршиш нужда исто како големите деца и сл. Наградете го и охрабрете го. За некои деца дополнителен мотив можат да бидат екстра прошетки, ѕвездички на раката итн. Одберете го тоа што го мотивира вашето дете. Бидете позитивни, дури и кога патот до нокширот завршил неуспешно.
 
Иако ќе помине уште долго време додека детето да може самото убаво да се избрише, сепак сега е време за учење и на таа вештина. Девојчињата секогаш учете ги да се бришат од напред наназад, за да избегнат префрлање на микро организми до ректумот во вагината.

Погрижете се по извршената нужда детето секогаш да ги измие рацете.

Имајте на ум дека тоа што детето успеало да врши нужда на нокшир во текот на денот не значи дека ноќно време ќе биде така. Обично за тоа е потребно подолго време, понекогаш неколку месеци, па можеби и години.

Ако детето се опира на употребата на нокшир или пак процесот не напредува и после неколку недели, направете пауза. Веројатно дека сеуште не е спремно. Обидете се повторно по неколку месеци.


Ќе се случуват грешки


Грешките обично се случуваат кога детето е занесено во некоја активност, која во тој момент е поинтересна од користењето на тоалетот. За да ги намалите шансите за грешки потсетувајте го да изврши нужда, веднаш кога ќе стане наутро, после јадење, пред да влезете во кола, пред да оди во кревет итн. Внимавајте на знаците дека се стиска.

Бидете смирени, децата не прават грешки за да ги иритираат родителите. Ако детето направило грешка не го зголемувајте неговиот срам со карање или казнување. Можете да го охрабите на пример со нешто како: овој пат се случи грешка, но следниот ќе стасаш побрзо или ќе биде подобро.

Одвикнувањето од пелени направете го да биде целосно позитивно искуство. Бидете креативни, можете да му дадете играчка која ќе биде наменета баш за времето кога го користи нокширот или тоалетот, можете вежбањето да го направите поинтересно со тоа што заедно ќе ја фрлите содржината од нокширот во тоалетот или ќе му дозволите на детето да пушти вода итн.

Во секој случај ќе ви биде потребно трпение, но тоа досега го имате усовршено.