Исхраната за време на доењето

Како да го подобрите квалитетот на млекото



доење на бебеСовет број 1 е одморот. Обидете се колку можете повеќе да одмарате. Уморот е непријател на млекото. Кога вашето бебе одмара, обидете се и вие да преспиете. Не се обидувајте да завршите премногу обврски и избегнувајте премногу гужва. Така ќе си го обезбедите квалитетот на млекото.

Веројатно дека нема да ви биде потребна некоја поголема промена во вообичаената здрава исхрана.


Една од прекрасните особини на мајчиното млеко е што е совршена храна за бебето, дури и кога исхраната на мајката не е совршена. Сепак имајте во предвид дека ако не внесувате доволно храна или ако јадете еднолична храна, тоа може да се одрази врз квалитетот и квантитетот на вашето млеко.

 

Дали е потребно да внесувате повеќе калории додека доите

 

Да, доењето бара поголем внес на калории. Обично се потребни дополнителни 400-500 калории дневно. Многу доилки чувстуваат засилен глад заради зголемената потреба од храна. Не е потребно да броите калории, вашето тело ќе ви каже дека е гладно. Добро е да имате и помали закуски освен главните оброци, бидејки вашето тело работи на произведството на млеко без прекин, во текот на 24 часа. Некои мајки со доењето губат килажа, некои пак не, но првите месеци по раѓањето на бебето не се време за диета.
 

Дали е потребно да имате некоја посебна исхрана додека доите


Не е потребно да имате специјална исхрана, но треба да се храните здраво. Тоа ќе ви помогне да ја имате потребната енергија, но исто така и ќе ви помогне да имате доволно количество на млеко. Јадете повеќе овошје и зеленчук, но секогаш гледајте претходно добро да ги измиете за да ја намалите количината на внесени пестициди. Ако можете да најдете плодови од органско производство уште подобро. Вашето внесување на разновидна храна ќе го менува и вкусот на млекото, што може да му помогне на бебето полесно да ги прифати разните вкусови кога ќе почнете да му давате цврста храна.


Колку течности треба да внесувате


Многу важно е доилките да бидат добро хидрирани. Пијте често, по можност уште пред да почувстувате жед, а ако урината има темно жолта боја пијте уште повеќе течности. Додека го доите бебето имајте си чаша вода при рака. Внимавајте со соковите, тие се богати со шеќер, а тоа може да ве саботира во губењето на трудничките вишок килограми. Внимавајте и на кофеинот, дневниот внес на кафе или кофеински пијалоци нека биде ограничен. Кофеинот во вашето млеко може да го вознемирува бебето и да му го попречува сонот.

Она на што треба да внимавате се алкохолот, кофеинот, лекарствата и токсините од околината.


Најдобро е ако алкохолот го избегнувате целосно. Имајте на ум дека како и се друго, преминува и во млекото, односно ќе дојде и во бебето.

Кофеиниот земајте го во умерени количини, не претерувајте со кафето и кофеинските пијалоци како кока кола или некои чаеви. Премногу кофеин може да го вознемирува бебето и да му го поремети сонот.

За секое лекарство задолжително консултирајте се со вашиот лекар.

 

Што да јадете додека го доите бебето



Можете да јадете речиси се. Понекогаш кај бебињата може да се јави пречувствителност на некоја храна што ја јадела мајката, но тоа не се случува често.

Некои мајки приметуваат дека е добро за мешето на бебето ако избегнуваат храна која создрава гасови, како грав, кромид, зелка и сл. и зачини. Ако се сомневате дека нешто во вашата исхрана му создава проблеми на бебето, почнете да водите дневник со забелешки што сте јаделе. Така најлесно ќе можете да го увидите шаблонот.

Воопшто не мора да значи дека вашето бебе ќе има грчеви ако вие јадете од храната која ја набројавме и не треба да ја избегнувате ако не се покажало дека предизвикува проблеми кај него.

Понекогаш храната богата со  Ц витамин може да предизвика пеленски осип кај бебето, на пример ако јадете ананас, лимон, домати и сл.

Бидејки кога мајката јаде храна со силни вкусови или зачини се менува вкусот на млекото, бебето можеби ќе негодува за некоја храна, на пример ако приметите дека негодува при доењето, а претходно сте јаделе лук, избегнувајте го лукот некое време.

Важно е вашата исхрана да биде разнообразна, па така и внесот на протеини. Во протеините кои ги внесувате, нека биде вклучена и риба. Рибата е важна не само за исхраната на трудниците, туку и на доилките. Преку мајчиното млеко бебето ќе ги прими и потребните омега 3 масни киселини, кои се неопходни за здрав развој на мозокот и очите. Но исто така студиите покажуваат дека мајките кои не внсуваат доволно омега 3 масни киселини почесто страдаат од постпородилна депресија. Ако не сакате да јадете риба можете да земете квалитетни омега 3 додатоци во исхраната.
 

Како да ги избегнете алергиите



Во глобала ако во семејството веќе има некои потешки алергии, обратете внимание на тој вид на храна. Често пати тоа можат да бидат млечни производи, кикиритки, јајца, лешници и некои житарки. Ако родителите се алергични на некој вид храна, има поголеми шанси и бебето да биде алергично на истата храна.Доколку кај бебето има алергиска реакција на нешто што вие го јадете, веројатно ќе покажува и други знаци освен да биде плачливо, како повеќе повраќање, плукање, грчеви, осип, чешање на устата, затнат нос итн. Ако кога е плачливо можете да го смирите со почесто доење, веројатно дека не се работи за алергија на храна.  

Ако се покаже дека бебето веќе има алергија, едниствен лек ќе биде целосно да ја избегнувате таа храна.

Се покажало дека доколку мајката ги избегнува сите видови на храна на која таа или таткото се алергични за време на целата бременост и додека го дои бебето, има многу помала шанса да се појави алергија кај него и кога ќе порасне. Ако вашето бебе е алергично на нешто, во следната бременост се препорачува да ја избегнувате таа храна за да ја намалите можноста да дојде до алергија и кај помладото бебе.

Ако сметате дека бебето е алергично на некоја храна која ја јадете, но не знаете на која, ќе треба да експериментирате. Направете список на сомнителната храна и почнете да ја елиминирате по една, ако кога ќе се откажете од една храна бебето се смири значи дека сте го пронашле изворот на проблемот. Можеби процесот на пронаоѓање на причинителот на алергијата ќе биде тежок, но имајте на ум дека трудот ќе се исплати. Ако за некоја храна не сте сигурни, можете по неколку дена пауза повторно да јадете од неа, ако проблемот се обнови тогаш можете да бидете сигурни дека е до храната.


Инаку доењето е одлично оружје за борба против алергиите.

 

Токсини



За да ја намалите можноста преку вашето млеко бебето да прими токсини обратете внимание на следното:

  • Избегнувајте да вдишувате штетни гасови, на пример на бензинска пумпа.
  • Избегнувајте да вдишувате хемикалии, како отстранувач на лак за нокти, растворувачи на бои, бои со олово итн.
  • Ако можете хранете се со органска храна.
  • Не јадете риба за која знаете дека е уловена во загадени води.
  • Немојте да купувате нови теписи или мебел. Понекогаш од нив испаруваат штетни хемикалии.
  • Избегнувајте да инсталирате нов компјутер, телевизор или други поголеми уреди кои содржат пластика. Тие се премачкани со хемикалии за заштита од оган и можат да бидат токсични. Ако морате да купите некој нов уред избегнувајте ја таа соба и колку можете повеќе чувајте го прозорецот отворен. Повеќето од хемикалиите се  изветрејуваат за 3-6 седмици.