Постпородилна уринарна инконтенција

уринарна инконтенција

После породувањето околу 30-40% жени искусуваат некаков степен на уринарна инконтенција, која најчесто се јавува при кивање или смеење. Во бременоста мускулите во малата карлица не само што се растегаат, туку се под притисок од целата дополнителна тежина на матката. Освен тоа и трудничките хормони, а секако и чинот на раѓањето ги растегаат мускулите и го зголемуваат ризикот од урнинарна инконтенција. Но немојте да се грижите, кивањето најверојатно нема засекогаш да биде проблематично.

За среќа кај поголемиот број на жени оваа состојба исчезнува најчесто во рок од неколку месеци или до една година после породувањето, но со секоја наредна бременост се зголемуваат шансите да стане трајна. Тоа што најмногу може да ви помогне да ги вратите мускулите и пелвисот во нормала се кегеловите вежби. Повеќе за кегелови вежби прочитајте тука. За да откриете за кои мускули станува збор можете да направите мал експеримент додека уринирате: обидете се да го прекинете млазот и оние мускули што помогнале да го направите тоа се токму оние мускули со кои треба да се прават кегеловите вежби. Основните кегелови вежби се прават така што ќе ги стегнете мускулите на пелвисот во време од 5 секунди, а потоа ќе ги олабавите 5 секунди, па ја повторувате вежбата.

Колку е поинтезивен програмот на вежбање - толку подобро. Можете на пример да правите 2 сета дневно, од по 15 повторувања. За да внесете промена можете да ги стегнете мускулите за време од 5 секунди, да ги олабавите 5 секунди и да направите уште 4 брзи контракции. Од кегеловите вежби ќе имате и мал бонус, тие можат да им помогнат на жените во постигнување поголемо сексуално задоволство.
 

Доколку чувстувате и други симптоми како печење, болка и сл. консултирајте се со вашиот лекар, можеби се работи за инфекција на бешиката.