По дијагнозата

По дијагнозата


Прифаќањето на дијагнозата е една од најтешките работи што му се случуваат на родителот на дете со посебни потреби. На почетокот се убедувате да поверувате дека се е во ред, но грубата реалност ве соочува со фактот дека има некаков проблем. Многу родители на почетокот се обидуваат да побегнат во замислите дека нема никаков проблем, но многу важно е да увидите дека дијагнозата не е крај на светот, туку почеток на добивањето на помош и соодветен третман. Стравот и одрекувањето на вистинската состојба нема да му помогнат на вашето дете, она што ќе му помогне е вистинската дијагноза и вашата борба да добие соодветна нега. Имајте во предвид неколку работи:


Вашето дете иако не е такво какво што очекувавте и го замислувавте додека го носевте во утробата, тоа сепак е вашето дете. Посебните потреби ќе донесат борба, фрустрации, напор, умор итн., но во исто време сепак ќе има и радост, љубов, моменти на среќа и вашето дете секогаш ќе биде ваше дете. Животот на вашето семејство ќе продолжи и понатаму, иако не онака како што очекувавте.

Доколку се сомневате во дијагнозата и стручноста на лекарот, побарајте второ мислење. Родителот е постојано со детето, за разлика од лекарот кој го гледа од време на време, споделете ги вашите сомнежи.

Прочитајте и информирајте се за посебните потреби на вашето дете колку можете повеќе. Така ќе имате поцелосна слика за состојбата на вашето дете, ќе знаете што може да очекувате и како полесно да се прилагодите на ситуацијата.

Секогаш имајте в предвид дека не сте сами. Поврзете се со здруженија и родители на деца со слични потреби во вашето место. На интернет можете да најдете специјализирани сајтови за подршка на родителите на деца со посебни потреби, придружете се на некој од форумите, на тој начин ќе добиете подршка, информации, ќе знаете дека не сте сами и дека има некој што разбира низ што минувате.

Разговарајте со вашето семејство и пријателите. Доколку се чувствувате спремни, споделете ги вашите грижи со оние кои ви се блиски. Немојте да се разочарате, ако кај некои луѓе наидете на реакција која не ја очекувате. Имајте в предвид дека луѓето се различни. Секогаш ќе се наидете и на оние кои се навистина спремни да бидат искрена подршка и поткрепа, иако можеби нема сите да бидат такви.

Секое дете е различно. Децата се развиваат со различно темпо, различно реагираат на медикаментите итн. Вашето дете е единствено и си има свое темпо на развој. Имајте впредвид дека истата дијагноза не значи дека детето исто ќе се развива како некое друго. Исто така имајте на ум дека ако некоја терапија не дала резултати, тоа во никој случај не значи дека и следната ќе се покаже таква. Немојте да се обехрабрувате затоа што сте се изнаслушале тажни приказни за семејства со деца како вашето. Вашето семејство и дете не мора да бидат такви.

Секогаш има надеж. Медицината и науката напредуваат со брзо темпо, исто така и развојот на свеста во општеството. Се откриваат нови поефикасни лекарства, поефикасни терапии, методи на едукација итн. Условите за живот на лицата со посебни потреби се подобри одколку што биле во минатото, а тоа подобрување очекуваме да биде уште поголемо во иднина.

На крај никогаш немојте да заборавите дека упорноста и љубовта прават чуда.