Ферментирани кисели краставички

Од: Твое Бебе on Петок, 21/11/2014 - 22:59

Еве една вкусна и лесна рецепта за кисели краставички, кои не само што се крцкави и добри барем колку купечките, туку се полни со пробиотици или така наречени добри бактерии (учествуваат и се производ на процесот на ферментирање), кои се неопходни за здравјето на стомакот и имунитетот.

За тегла од 1 литар ви е Потребно:

  • Краставички (корнишони)
  • Копар (ако можете да најдете свеж или пак имате цела главица уште подобро)
  • 2 Чешниња лук
  • 1/2 Чајно лажиче семе од коријандер
  • 1/4 Чајно лажиче синапово семе
  • 0,5 Литри вода
  • 1 Супена лажица сол
  • По желба можете да додадете и некое феферонче.
  • Грст листови од лоза, малина, даб, рибизла или цреша. (овие листови содржат танини, кои ќе помогнат вашите краставички да останат крцкави)
  • Кромид


Подготовка:

Зависно од големината на краставичките и од вашата желба, краставичките можете да ги ставите цели или да ги исечете. Пресечените краставички ќе ферментираат нешто побрзо. Краставичките добро измијте ги и ставете ги во теглата, така да бидат збиени. Ставете ги зачините врз нив. Измешајте ја солта со водата додека добро не се растоври и прелејте ја врз краставичките. Внимавајте да оставите околу 2,5 см празно место до врвот на теглата, а краставичките да бидат целосно потопени во водата. За да ги потиснете, ставете врз нив половина главица кромид и затворете ја теглата.

Краставичките оставете ги на собна температура. Тие ќе стасаат некаде за 3-5 дена. Проверете ги на третиот ден и доколку ви се допаѓа степеност на стасаност и киселоста, ставете ги теглите во фрижидер за да прекине процесот на ферментација. Теглите во фрижидер ќе траат неколку месеци. Ако не се доволно стасани проверувајте ги секој ден додека не бидат според ваш вкус. Внимавајте да не претерате со ферментацијата и премногу да омекнат, сепак треба да бидат крцкави.

Наздавје!