Семејството - јадро на психички здраво дете

Психичкото здравје на возрасната личност зависи од наследните особини и условите во кои таа личност се развивала како дете. Ние не можеме директно да влијаеме на генетската структура на децата, но можеме да оформиме една средина, која што позитивно ќе влијае на здравиот развој на детето.  
 
Доколку во семејната атмосфера владее меѓусебно разбирање, доверба, љубов помеѓу двајцата родители и помеѓу родителите и децата, многу е голема веројатноста дека тоа дете ќе израсне во личност со позитивни особини, личност која ќе биде урамнотежена, одговорна, самостојна, сигурна во себе, со добри социјални контакти и висок степен на толеранција на фрустрација. Таквите деца обично се слободни, весели и без чуство на пониска вредност.
 
Семејството се формира во оној момент кога се создава нов живот.  
 
Предуслов за здрава семејна атмосфера е детето да биде сакано. Ако детето не е сакано, уште за време на бременоста емоционалното незадоволство на мајката негативно ќе се одрази на развојот на детето. Несаканото дете мајката свесно или несвесно го отфрла или пак премногу ќе го штити поради чуството на вина, кое што се јавува кај неа заради неговото отфрлање, а тоа пак негативно се одразува во понатамошниот развој на личноста на детето. Децата кои што ќе почувствуваат дека се непосакувани и отфрлени се немирни, со своето однесување сакаат да привлечат внимание на себе, бидејќи подобро е да се има некаков контакт па дури и тоа да е негативен контакт со тепање и со карање, отколку да се чувствува осамено и запоставено.
 
Децата кои што растеле во деструктивна семејна атмосфера се емоционално нестабилни, тешко се концентрираат и завземаат непријателски или одбрамбен став спрема сите, бидејќи не сакаат нови емоционални повреди.
 
Прифатените деца се чувствуваат сакано, на тие деца родителите физички и вербално им покажуваат колку ги сакаат, но тоа го прават спонтано и неусилно. Допирот,прегратката,погледот и насмевката, сето тоа може да помине и без зборови, а да се препознае љубов. За да бидат сигурни дека таа љубов не е лажна, понекогаш на децата им е потребно да се слушат и збор кој ќе означува љубов. Прифаќањето создава топол однос во кој детето се чувствува сигурно.
 
Болно е кога детето ќе сфати дека не е посакувано во својот дом, болен е секој лош збор упатен кон детето, секој поглед полн со бес. Зачудувачка е креативноста на некои родители во малтретирање на сопственото дете.

 

Семејството - место каде детето треба да се чувствува безбедно, сигурно и прифатено


Улогата на семејството во сите развојни процеси на детето е доминантна. Родителите се тие кои што го стимулираат или инхибираат развојот на детето. Од семејните ресурси и способности ќе зависи и емотивниот, социјалниот, физичкиот и когнитивниот развој на детето. Родителите со своето однесување и со својата личност влијаат на формирањето на сликата за себе кај своите деца, а иднината и среќата на децата зависи од менталната слика која што ја имаат децата за себе.
 
Може да се каже дека нема совршени родители, туку дека постојат само повеќе или помалку хармонични родители. Секој родител ќе го одгледа своето дете спрема сопствената личност, со позитивни или негативни особини, кои што самиот родител ги носи во себе, а детето ќе го изгради сопствениот лик угледувајќи се најнапред на родителите, а понатаму кога тоа дете и самото ќе биде родител, ќе ги прави истите грешки, кои што ги правеле неговите родители.
 
Потребата за сигурност кај детето е многу голема. Уште од самото раѓање детето доживува стравови, кои што нема да може да ги совлада доколку во негова близина не се најде некој во кого ќе има голема доверба. Прв елемент на таа сила е љубовта на мајката. Постои голема разлика помеѓу оние деца, кои што се сигурни во љубовта на родителите и оние кои не се сигурни во тоа. Саканото дете ќе биде повеќе сигурно во себе и неговиот селф-концепт ќе биде поголем во однос на дете кое што не е сигурно и гледа во животот со страв, бидејќи не било сакано.
 
Друга темелна основа на детето е автономноста и осамостојувањето. За детето да израсне во зрела и здрава личност потребно е постојано да се докажува пред своите родители и во средината во која што живее. Процесот на одвојување и осамостојување е особено важен во адолесценцијата кога возрасното дете влегува во светот на возрасните.
 
Најважно нешто, кое што младата личност ќе го понесе со себе, е позитивната слика за себе, градена со љубов на родителите.

 

        Дипломиран психолог

          Слаѓана Анѓелкоска