Помогнете им на вашите деца да изградат квалитетни односи помеѓу себе

Многу родители сметаат дека најтежок дел од подигањето на децата е да одржат мир помеѓу нив. Но Laurie Kramer од Универзитетот на Илиноис вели дека е погрешно да се сконцентрирате на тоа само да ставите крај на конфликтите. Наместо тоа родителите треба да се сконцентрираат на позитивните работи кои ќе им помогнат на децата да се согласуваат.

Kramer вели дека дури и да сте успешни во редуцирањето на конфликтите и антагонзмот, сепак ќе има многу малку позитивна интеракција помеѓу децата. Зарем навистина сакате секое од вашите деца да си седи во својата соба, со своите интереси и своите другарчиња?

Таа ги охрабрува родителите да размислат каков однос би сакале да имаат децата помеѓу себе и додека се мали и кога ќе станат возрасни, а потоа да им помогнат на децата за да изградат таков однос на позитивна подршка и поткрепување.

Повеќето родители би сакале нивните деца да разговараат меѓу себе, да си поминуваат убаво кога се заедно и да си пружаат подршка во тешките моменти во нивните животи.

Истражувањето на Laurie Kramer покажало дека постојат вештини кои можат да ги развијат децата за да бидат браќа и сестри кои ќе знаат како да даваат подршка. Еве како родителите можат да им помогнат на децата да ги развијат тие вештини:
 

  • Помогнете им на децата да научат да ги гледаат работите од перспектива на нивните братчиња или сестричиња и научете ги да ги почитуваат туѓите погледи на светот.
  • Научете да ги идентификуваат своите емоции и да се справат со нив кога ќе се најдат во ситуација која ги фрустрира.
  • Научете ги децата да не ја претпоставуваат најлошата работа за намерите на нивните братчиња или сестричиња и за било чии намери.
  • Научете ги дека конфликтите се проблеми кои можат да се решат и поучете ги како.
  • Обидете се да ги задоволите специфичните потреби на секое од децата без притоа да покажувате пристрасност кон некое од нив.
  • Научете ги дека работите кои ги знаат едно за друго треба да ги искористат за да си помогнат и да се зајакне односот помеѓу нив, наместо да го злоупотребуваат тоа.
  • Потикнете ги во заедничка игра, разговор, подршка, заеднички интереси и забава.
  • Пофалувајте ги децата кога ќе си помогнат, ќе си дадат подршка и соработуваат меѓусебно.


Kramer ги охрабрува родителите да ги преиспитаат своите цели за децата и да превземат акции кои ќе доведат до постигнување на целите.

На пример ако сакате децата да се забавуваат заедно, овозможете им повеќе заеднички семејни активности за да можат да го прават тоа. Ако имате големи проблеми со кавгите помеѓу децата научете ги како да ги решаваат конфликтите итн.

Проблемите имаат свои решенија и има логички процес кој ќе ве доведе до постигнување на консензус. Осигурајте се дека двете деца разбрале за што е кавгата и научете ги да се стекнат со навика секое од нив да си го искаже своето гледиште и да го разгледа гледиштето на другиот. Тогаш помогнете им да учествуваат во изнаоѓање на решение кое ќе биде победа за двете деца. Ако се испостави дека решението не функционира помогнете им да изнајдат друго решение.

Kramer е свесна дека родителите се зафатени и можеби сметаат дека немаат доволно време, но ако им помогнете на децата да се здобијат со вештините на земање на туѓото гледиште и решавање на проблемите тие наскоро ќе станат дел од семејниот живот, а ќе имаат и долготрајни придобивки. Овие вештини ќе им помогнат на децата и во ситуациите надвор од семејството. Последиците од вашето поучување ќе се протегаат и понатаму во животот на вашите деца како возрасни индивидуи, тие ќе им помогнат да ги решаваат проблемите на позитивен начин.

Уште една многу важна работа. Бидејки емоциите на децата во врска со нивните братчиња и сестричиња се комплексни и збунувачки, многу важно е родителите да им пружат добар пример.

Ако родителите сметаат дека е важно да останат смирени за време на конфликтот, да разговараат за него и да се обидат да го разберат гледиштето на другата личност, треба така да се однесуваат помеѓу себе и со другите возрасни. Децата ќе гледаат и ќе учат од нивните интеракции.