Вклученоста на таткото во бременоста ја намалува смртноста кај децата

Досега повеќе студии покажаа дека татковците кои се активно вклучени во одгледувањето на нивните деца можат значително да придонесат за раниот развој на нивните деца, академските постигнувања и нивната добросостојба. Сега една нова студија на Универзитетот на Јужна Флорида покажа дека вклученоста на таткото пред раѓањето на детето може да игра многу важна улога во спречувањето на смртта кај детето во текот на првата година од животот. Резултатите од студијата се објавени во списанието: Journal of Community Health.

Студијата покажа дека недостатокот на татковска ангажираност за време на бременоста е важен ризичен фактор за смртноста кај децата. Др. Amina Alio - авторот на студијата и професор на Универзитетот на Јужна Флорида, вели дека значителен дел од смртноста кај децата може да се спречи ако татковците повеќе се вклучат во бременоста.

Резултатите од студијата покажаа дека:

  • Децата на отсустните татковци имаат поголем ризик да се родат со мала телесна тежина, да бидат родени пред терминот или пак со помала тежина од онаа која е нормална за таа гестациска возраст.
  • Смртта кај новороденчињата била 4 пати поголема кај оние бебиња чии татковци биле отсутни, во споредба со оние новороденчиња чии татковци биле присутни.
  • Смртноста кај црните бебиња чии татковци биле отсутни во бременоста била за 7 пати поголема од онаа кај белите и хиспано-американските деца.
  • Компикациите во бременоста, како: анемија, хроничен висок притисок, еклампсија и одлепување на плацентата биле позастапени кај жените кои носеле бебиња чии татковци биле отсутни.
  • Кај мајките во групата со отсутни татковци имало поголем процент кои пушеле во текот на бременоста, а воедно имале полоша пренатална нега во споредба со мајките на децата чии татковци биле вклучени во бременоста.


Присуството на таткото во бременоста може да го намали стресот кај мајката, а е познато дека стресот може да доведе до лош исход на бременоста. Исто така присуството на таткото може да ја поттикне и охрабри мајката за водење на поздрав живот во текот на бременоста.

Dr. Alio вели: Кога татковците се активно вклучени децата подобро успеваат во училиштето и развојот. Така, не треба да не изненадува и тоа што кога татковците се присутни во животот на бремените мајки, децата се со многу подобри изгледи. Со залагењето за вклученост на татковците ќе се избегнат многу компликации од предвременото раѓање, медицински третмани, трошоци и смртност кај децата.