Важноста и изградбата на самопочитувањето кај децата

Што е самопочитувањето


Самопочитувањето е збир од уверувања и чувства што ги имаме за самите себе, односно тоа е начинот на кој се перцепираме и доживуваме самите себе. Понатаму од оваа перцеција произлегува нашето однесување, мотивација и емотивно прилагодување.

Здравото самопочитување на детето ќе му биде заштита и помош во предизвиците со кои ќе се среќава во текот на целиот живот. Децата кои добро се чувствуваат во врска со себе, полесно ги пребродуваат пречките и негативните ситуации со кои се среќаваат, полесно се справуваат со негативните емоции, оптимисти се, повеќе се смеат и се радуваат на животот, поспремни се да им помогнат на другите итн.

Децата пак кои имаат ниско самопочитување, предизвиците и пречките ги доживуваат како извор на фрустрација и грижа и одбегнуваат да се зафатат со нови работи. Овие деца често пати се чувствуваат несакани, емотивно се незаинтересирани (или пак глумат дека се такви), полесно потпаѓаат под влијанија, ги потиснуваат своите таленти, се повлекуваат во себе, можат да бидат депресивни итн. Овие деца често пати се повлекуваат во себе со мислите: не сум доволно добар, не можам и сл. Кога ќе се соочат со предизвик нивната реакција веднаш е: не можам.

Самопочитувањето е засновано на минатите искуства и новите перцепции на детето, па затоа тоа постојано се менува и се прилагодува. Уште додека е детето мало успехот кој го постигнува влијае на градењето на самопочитувањето.

Постојаните неуспеси пак го предизвикуваат спротивното - ниско самопочитување. Кога детето се обидува да направи нешто и после повеќе неуспешни обиди успева во тоа, кај него се гради став дека тоа МОЖЕ и јакне неговата самодоверба.

Но во исто време децата сликата за себе ја градат и врз основа на тоа како се однесуваат другите луѓе спрема нив. Токму од оваа причина родителите имаат клучна улога во формирањето на здрава слика за себе и здраво самопочитување кај детето. Значи самопочитувањето може да се дефинира како комбинација на чувство на способност и чувство дека детето е сакано. Ако детето постигнува успеси, но не се чувствува сакано, може многу лесно да развие ниско самопочитување. Важи и спротивното, ако детето чувствува дека е сакано, но не е уверено во своите способности, веројатноста е дека пак нема да има позитивен став и самопочитување.

Како да препознаете дали вашето дете има здраво самопочитување

Децата кои имаат ниско самопочитување често пати можете да ги слушнете како зборуваат негативно за самите себе: глупав сум, не можам, никогаш нема да успеам да го научам тоа и сл. Покажуваат ниска толеранција на фрустрација и лесно се откажуваат од постигнување на целта. Претерано се критични и лесно се разочаруваат во самите себе. Тие привремените пречки ги доживуваат како трајни и несовладливи препреки и кај нив доминира чувството на песимизам.

Децата со здраво самопочитување добро се чувствуваат во групни активности, како и во индивидуалните цели, тие сакаат интеракција со другите. Кога ќе наидат на некој предизвик, можат да најдат решение и наместо да кажат: глупав сум, тие би кажале нешто како: не го разбирам ова. Децата со здраво самопочитување го искажуваат своето незадоволство без да се потценуваат самите себе или другите луѓе. Тие ги знаат и ги прифаќаат своите јаки и слаби стани и преовладува чувство на оптимизам.

Како да му помогнете на вашето дете да се здобие со здраво самопочитување


Како родител вашето влијание е незаменливо и огромно. Вашите акции и зборови ќе придонесат за развојот на самопочитувањето кај вашето дете повеќе од било што друго.

Внимавајте на вашите зборови. Вашите зборови можат да го изградат, но и да го срушат детето. Децата се многу осетливи на зборовите на нивните родители.  Никогаш немојте да употребувате навреливи и пониживачки изрази, како: лош си, не те бива итн.

  • Фалете го вашето дете не само за секој постигнат успех, туку и за вложениот труд. Се разбира вашите пофалби треба секогаш да бидат искрени. Детето и ако не успеало нешто да постигне, можете да му кажете дека се гордеете за напорот и упорноста кои ги вложило во тоа. Пофалете го за тоа колку трпеливо си играло со сестричката, како добро изреагирало на нешто итн. Многу родители многу често ги критикуваат децата, но внимавајте критиките да не ги надминат пофалбите. Имајте в предвид дека пофалбите често пати можат да придонесат многу повеќе за позитивни промени кај детето отколку критиката. Фалете го редовно и постојано, но пофалбите секогаш нека бидат искрени и без претерување. Децата можат да почувствуваат дали нешто доаѓа од срцето на човекот или не.
  • Освен пофалбите многу важно е и охрабрувањето на детето. И кога не успеало да направи нешто успешно, охрабрете го и дајте му признание за вложениот труд. На тој начин детето ќе се чувстува дека е вредно и кога нема да успее во нешто. Кажете му дека верувате во него, пофалете го неговиот труд и охрабрете го да продолжи.
  • Бидете позитивен пример за детето. Негувајте го вашето сопствено самопочитување. Ако вие самите сте претерано строги кон самите себе, зборувате негативно и сте песимист, детето многу лесно ќе го прифати вашето однесување. 
  • Идентификувајте ги и помогнете му на детето да нема ирационални уверувања за самото себе. На пример ако е добар ученик, а е послаб по некој предмет, немојте да дозволите тоа да го генерализира и да се чувствува како неспособен и лош ученик. Ако завземе таков став, тоа ќе се одрази на неговата иднина. Наместо тоа укажете му на детето дека тоа е навистина добар ученик, а тоа е само област во која треба да вложи повеќе напор и помогнете му да ја совлада проблематичната област.Помогнете му да има реална слика и реални очекувања од самото себе. 
  • Бидете спонтани и опсипувајте го со љубов. Уште додека е многу мало бебе, детето е чувствително на тонот на вашиот глас, говорот на вашето тело, начинот на кој го држите итн. Вашата љубов ќе го зголеми неговото самопочитување повеќе отколку што можете да претпоставите. Прегрнувајте го, кажувајте му дека го сакате, дека сте задоволни и среќни со него, дека ви е многу мило што е ваше дете, дека е прекрасно дете итн. Покажете му дека вашата љубов е безусловна и дека го сакате без разлика на тоа какво е или што прави. Покажете му дека не го прифаќате негативното однесување, а не самото дете. Наместо да му речете: ти си лошо дете, кажете му дека тепањето не е добро, дека ги повредува луѓето и кажете му да не го прави тоа.
  • Посветете му неподелено внимание, на тој начин испраќате порака дека ви е важно и тоа ќе се чувствува дека е вредно и ценето. Обезбедете време за заеднички разговори, прошетки, заеднички семејни оброци, односно обезбедете време во кое ќе можете да му се посветите. Ако сака да разговара со вас, исклучете го телевизорот и посветете му целосно внимание.
  • Обезбедете му здрава средина, во која ќе се чувствува безбедно. Ако детето е малтретирано или не се чувствува безбедно, кај него неминовно ќе се појави ниско самопочитување. Децата на родители кои постојано се караат, често пати се повлекуваат во себе и се депресивни. Исто така погрижете се детето да не биде малтретирано и од други луѓе, на пример во градинка и сл. Доколку се појави некаков проблем решете го чувствувтелно и брзо.
  • Давајте му позитивна и точна реакција. На пример наместо да му речете дека се однесува неконтролирано, можете да му кажете: навистина се налути на твоето братче, но многу се радувам што не му се дереше и не го удри. На тој начин ги признавате неговите чувства, го наградувате неговиот избор со пофалба и го стимулирате да направи правилен избор во иднина.
  • Поставете му разумни ограничувања. Правилата кои ќе ги поставите во домот, иако на почетокот можеби ќе треба да ги повторувате почесто и ќе треба време за детето да се навикне на нив, ќе му дадат чувство на сигурност. Многу честа грешка кај родителите е што не се држат секогаш до правилата кои ги поставиле. Ако еднаш му кажете дека нешто не смее да се прави, бидете конзистентни на тоа и другиот ден. На пример немојте еден ден да му кажувате дека не смее да јаде на подот, а следниот да го дозволите тоа. Бидете јасни и постојани и покажете му на детето дека имате доверба во него дека ќе се придржува до нив.
  • Подржете го детето во превземање на здрав ризик. Охрабрете го да истражи нешто ново: да проба некоја нова храна, да почне да учи некоја нова вештина итн. Дозволете му на детето да експериментира на безбедно и воздржете се од тоа да го "спасите" и вие да го направите нештото наместо него. Ако не му дозволувате самото да ја реши ситуацијата, го потикнувате да биде зависно од вас и му се намалува самодовербата. Обидете се да најдете начин да балансирате помеѓу желбата да го заштитите и неговата потреба да истражува нови нешта.
  • Немојте да го споредувате детето со другите деца. Избегнувајте да му речете на пример: зошто не можеш да бидеш послушен како сестра ти или како твоето другарче, на тој начин ќе предизвикате кај детето да се јави натпревар, завидливост и срам. Немојте да го споредувате дури ни во позитивна смисла, на пример не му велете: браво ти си најдобар во цратње, на тој начин детето ќе биде под притискок да се обиде да живее според таа слика која му ја покажувате. Наместо тоа, нека знае дека го цените заради тоа што е уникатна и единствена индивидуа, без разлика на успесите кои ги постигнало. Тоа ќе му помогне да се прифати и самото себе.
  • Бидете сочувствителни, на пример ако детето се жали дека не може да направи нешто толку добро како другите деца, охрабрете го на тој начин што ќе му укажете на неговите позитивни страни. На пример ако е тажно затоа што не може да ја фрли убаво топката, потсетете го дека тоа има талент за цртање. На тој начин ќе му помогнете да сфати дека сите имаат свои слаби и силни страни и дека не мора да биде совршено за да се чувствува добро во врска со себе.

Запомнете дека градењето на самодовербата и воспитувањето на детето бараат големо трпение, но на крај сето тоа ќе биде исплатливо вложување и ќе го следи целиот живот.