Како да изградите добра комуникација со вашето дете

Добрата комуникација е исклучително важна за воспоставување на добар однос родител - дете. Таа во исто време ќе го зајакне односот помеѓу нив и самодовербата на детето.


Комуникацијата помеѓу родителот и детето започнува уште со неговото раѓање, бебето комуницара со плач, насмевка,  испуштање на звуци итн. По некое време комуникацијата преминува во вербална комуникација. Но она што е важно да се истакне е дека комуникацијата не значи само разменување на информации, туку споделување на чувства и разбирање на другата личност.

 

Како да изградите квалитетна комуникација со вашето дете


Мудриот родител е добар набљудувач и активно ќе ја гради комуникацијата со своето дете. Добрата комуникација е потребно да се гради и да се развива постојано. Таа е многу важна и кога станува збор за мало дете и кога станува збор за тинејџер. Еве некои практични насоки како да ја изградите.

  • Ставете му на детето до знаење дека сте занитересирани за него, дека сте вклучени во неговиот живот и дека ќе му помогнете секогаш кога ќе има потреба од помош.
  • Кога вашето дете сака да ви каже нешто, исклучете го телевизорот или компјутерот, оставете го весникот, не разговарајте на телефон и покажете му дека го слушате со целосно внимание.
  • Не дозволувајте за време на разговорот да ви лута вниманието, детето тоа лесно ќе го забележи.
  • Кога детето ви кажува нешто слушајте внимателно и бидете љубезни. Немојте да го прекинувате додека ви зборува, почитувајте го како што би почитувале и возрасен човек.
  • Оставете го да ви го каже тоа што сака, наместо да ја извртите суштината на тоа што го зборува и да го префлите разговорот на друга тема.
  • Кога ви кажува нешто, немојте да го прекинете со зборовите: Не ме интересира тоа и немој да си се вовлекол во тоа. Наместо тоа, дозволете му да се отвори кон вас.
  • Покажете сочувство кон детето, немојте да му речете: тоа се глупави чувства - бидејки за него се многу реални. Наместо тоа дозволете му да ви каже како се чувствува, покажете му дека го разбирате и утешете го.
  • Кога имате да му кажете нешто на вашето дете, направете го тоа на само, не пред други луѓе. На тој начин ќе воспоставите најдобра комуникација со него.
  • Немојте да го срамите детето пред други луѓе, така нема да предизвикате добра комуникација туку само негативни чувста.
  • Ако заради нешто сте многу вознемирени, немојте веднаш да разговарате за тоа со детето. Прво обидете се да се смирите, па потоа почнете го разговорот.
  • Не прашувајте зошто, туку како нешто се случило.
  • НИКОГАШ немојте да употребувате навредливи, ниту зборови кои би го потцениле детето како: глупав, мрзлив, неспособен и сл.
  • Бидете му на детето пример за она што го поучувате. Децата повеќе ќе го следат вашиот пример, одколку вашите зборови. Вашето однсеување нека биде во согласност со вашето поучување.
  • Покажете му на детето дека го сакате безусловно и дека го прифаќате такво какво што е, без разлика на тоа што го направило или не го направило. Покажете му дека проблемот е во неговото однесување, а не во самото дете.
  • Подтикнете го детето да кумуницира со вас и понатаму, со тоа што ќе го пофалите неговиот напор за комуникација. Оставете ја вратата отворена и за во иднина.

За децата е многу важно постојано да се опкружени со позитивно внимание. На многу родители полесено им е да му ги кажуваат забелешките на детето, одколку што ќе го пофалат и ќе му дадат позитивен подстрек. Тоа е грешка.


Пофалните и љубезни зборови, зборовите полни со љубов ќе потикнат поголема желба кај детето да соработува и да комуницира со вас. Позитивниот подстрек е храна и за самодовербата на детето. Позитивните зборови кои му ги кажувате на вашето дете, ќе имаат влијание и кога ќе биде возрасно.


Охрабрувајте го детето на тој начин што ќе го фалите. Употребувајте ги често следните или слични зборови: добро, одлично го направи тоа, одлична идеја, прекрасно, така треба, се радувам што си мое дете итн. Прегрнувајте го, смејте се со него (не го исмевајте него) и секојдневно покажувајте му ја вашата љубов.