Одвојување од бебето

Бебињата на одредена возраст почнуваат да покажуваат силни знаци на загриженост и плачење кога мајката (односно примарниот старател) нема да биде во нивна близина.

Ова е сосема нормална фаза од развојот на бебето. Обично започнува во 7-от месец и може да трае до крајот на третата година од животот на детето.

Бебето додека е мало предметите кои не му се пред очите веднаш ги заборава, односно тогаш за него важи девизата: далеку од очите далеку од срцето. Но веќе после 6-иот месец почнува да ги памети објектите и важи: далеку од очите сеуште во умот. Така кога ќе ја снема мајката, бебето е свесно дека веќе не е со него. Најчесто најинтензивна е околу првиот роденден до 18 месеци, но тоа е индивидуално. Проблемот е што бебињата на оваа возраст се уште ги немаат научено фактите за постојаноста на објектите. Кога мајката ќе замине бебето се уште нема научено дека таа повторно ќе се врати, од таму доаѓаат неговите фрустрации.

Оваа загриженост заради заминувањето на родителот ја искусуваат сите бебиња, само кај некои може да биде помалку, а кај некои повеќе изразена.  Загриженоста и фрустрацијата на бебето се многу разбирливи имајќи во предвид дека тоа е сосема зависно од неговиот старател. Паралелно со приврзувањето кон една личност може да се јави и отпор кон туѓинци, па дури и спрема други блиски личности како бабата или дедото.

Немојте да мислите дека вашето бебе така се однесува затоа што сте го разгалиле и не ги слушајте советите дека треба да го игнорирате. Неговото страдање заради напуштањето е сосема реално. Дозволете му на вашето бебе да биде бебе. Загриженоста која ја покажува е знак дека сте изградиле цврста врска со него и тоа е позитивна работа.

Немојте да мислите дека ќе со разгалите детето со тоа што ќе му покажувате премногу љубов. Напротив, децата кои примаат многу љубов и нежност од родителите, покасно се посамостојни и посигурни од другите деца.

 

  • Минимизирајте го напуштањето на бебето, оставајте го само тогаш кога е неопходно.
  • На почетокот не го оставајте подолго време. Можете да заминете на еден час, за бебето постепено да се навикне на помислата дека може да биде и без вас.
  • Помогнете му на детето да научи за постојаноста на објектите. Ова можете да го направите со тоа што ќе си играте криенка со предмети. Земете некоја играчка, тргнете ја од неговиото видно поле и покажете му дека повторно ќе се појави. Играјте си така што ќе го покриете вашето лице и ќе го откриете и сл.
  • Можете да отидете во другата соба и од таму да му зборувате, пеете и сл., така ќе сфати дека иако не ве гледа не сте исчезнати.
  • Ако го оставате детето на негователка, дајте му прво време да се прилагоди на неа пред да го оставите само со неа.
  • Многу деца имаат некој омилен предмет кон кој се особено приврзани, тоа може да биде играчка, ќебенце и сл. Овие предмети на бебето му помагаат да не се чувствува отфрлено и  напуштено и ќе му даваат доза на сигурност.
  • Кога ќе заминувате нагласете му на бебето дека ќе се вратите, бакнете го и кажете му чао или папа. Не заминувајте набрзина, дајте му на детето време да го обработи процесот, но немојте и непотребно да го одолговлекувате разделувањето, отежнувајки го уште повеќе. Кога ќе кажете папа заминете.
  • Немојте да се навраќате за да проверите како е и да ѕиркате, така само ќе ја влошите ситуацијата. Наместо тоа можете по пола час да се јавите да прашате како е.
  • Немојте да се искрадувате кога не ве гледа. Така можеби ќе заштедите неколку солзи, но бебето ќе стане понесигурно, знаејќи дека може да ве снема одеднаш, во секој миг.
  • Оној со кој останува бебето нека се обиде да му го одврати вниманието со некоја играчка или нешто друго што му е интересно.
  • Немојте да плачете и да покажувате пред него знаци дека и вас ви е тешко. Бебето ќе ги познае вашите емоции и тоа уште повеќе ќе ја засили неговата загриженост. Наместо тоа бидете ведри, кажете му дека се ќе биде во ред и дека пак ќе се вратите.
  • Ако го носите во градинка, гледајте да му објасните дека тоа е убаво место на кое ќе му биде убаво, ќе си игра итн.
  • Имајте в предвид дека се работи за совршено нормална и позитивна фаза од неговиот живот, која ќе помине. Не гледате во школските дворови 10 годишни деца кои плачат и се држат за скутот на мајката, зарем не?

Бебињата обично покажуваат изразена поврзаност со една личност. Другиот родител нека не го сфаќа тоа лично. Тоа е само е една нормална фаза од развојот, која наскоро ќе заврши, а ќе ја надминете со нежност, трпение и прифаќање.