Татковците и нивното влијание врз успехот на децата

Познатиот и признат социолог Др. David Popenoe е еден од пионерите на релативно младата гранка на испитување на улогата на таткото и татковството. Според него и истражувањата кои се направени, татковците се многу повеќе од само вториот возрасен човек во домот. Татковците кои се вклучени и ангажирани во животот на децата ќе донесат повеќе позитивно влијание од било кој друг човек. Татковците имаат директно влијание врз добросостојбата на нивните деца.

 

Ангажираност - основата на една врска

Првиот чекор во секоја врска е обостраното чувство дека другата личност е заинтересирана и сака да биде во заедништво. Многу татковци се подготвуваат за односот со детето уште тоа пред да се роди и сакаат да бидат вклучени и ангажирани. Се интересираат за бременоста на мајката, се подготвуваат за доаѓањето на детето, учествуваат во следењето на бременоста и подготовката на породувањето итн. Кога детето ќе се роди таткото е ревносен да го држи, да си игра со него, да го милува, да му зборува итн. На тој начин тој му испраќа порака на бебето, која гласи:
Сакам да ти бидам татко, ти си ми многу важен, нашата врска ми е многу важна, заинтересиран сум за тебе и уживам во твоето присуство.
 

Влијанието на односот помеѓу мајката и таткото врз однесувањето на детето

Таткото кој има добар однос со мајката на своето дете, има поголема веројатност дека ќе биде вклучен во животот на детето, ќе поминува повеќе време со него и ќе има поголеми изгледи неговото дете да биде психолошки и емотивно поздраво. Слично на ова, кога мајката се чувствува прифатена и почитувана од таткото и има добри односи со него, има поголема можност таа да биде добра мајка. Навистина, кваилететот на односот помеѓу родителите влијае врз квалитетот на нивното родителство.
Една од најважните придобивки од добриот однос помеѓу родителите е што ќе му дадат на детето добар модел на однесување. Татковците кои се однесуваат кон мајките на своите деца со почит и ги решаваат конфликтите на зрел и соодветен начин, имаат поголеми изгледи дека ќе имаат синови кои и самите ќе се однесуваат кон жените со почит и ќе имаат помала агресивност. Ќерките пак на овие татковци имаат помали изгледи да се впуштат во насилна и нездрава врска.
Напротив, истражувањата покажуваат дека татковците кои се однесуваат кон своите сопруги со презир, гнев и градат ѕид помеѓу нив (им даваат така наречен "тивок третман", веројатно ќе имаат деца кои ќе бидат загрижени, повлечени или ќе покажуваат антисоцијално однесување.

Влијанието на таткото врз умствените способности и образованието на детето

Децата на активно вклучените татковци, покажуваат подобар успех во образованието. Бројни студии покажуваат дека татковците кои се ангажирани, грижливи и си играат со своите деца, имаат деца со повисок коефициент на интелигенција и подобри лингвистички и когнитивни способности. Децата на овие татковци постигнуваат повисока академска спремност и полесно се справуваат со стресот и фрустрациите поврзани со нивното образование, отколку децата на неангажираните татковци.
Во 2001 год, податоците од Одделот на Образование на САД покажуваат дека децата на високо ангажираните биолошки татковци имаат за 43% поголеми изгледи за најголема заработувачка (кога ќе пораснат) и 33% помали изгледи дека ќе го повторуваат класот, во споредба со другите деца.

Влијанието на таткото врз психолошката добросостојба и социјалното однесување на децата

Уште од самото раѓање, децата на ангажираните татковци е поверојатно дека ќе бидат емоционално сигурни, ќе имаат доверба да ја истражуваат нивната околина и кога ќе пораснат да имаат подобри социјални врски со нивните врсници. Овие деца имаат помала веројатност дека ќе најдат во проблеми дома, на училиште или пак на улица. Децата кои примаат големи дози на љубов од нивните татковци ствараат посигурни односи, затоа можат да ја испитуваат околината кога родителот се наоѓа во близина и се утешуваат кога по кратка одвоеност, родителот повторно ќе се врати. Бројни студии покажуваат дека овие деца се подруштвени и попопуларни во споредба со другите деца.
Начинот на кој таткото си игра со детето има важен удел во неговиот емотивен и социјален развој. Татковците најчесто поминуваат многу поголем удел од времето во "еден на еден" интерактивни, стимулирачки, разиграни активности, одколку мајките. Од овие интеракции децата учат како да ги регулираат своите чувства и однесување. Татковците ги потикнуваат децата на самостојност и ориентација кон надворешниот свет. Како резултат на тоа, децата е поверојатно дека ќе имаат подобра самоконтрола и подобро социјално однесување.
Една студија од J. Mosley и E. Thompson  покажа дека во школска возраст децата на ангажираните тактковци имаат помали изгледи за депресија, помалку лажат, помалку пројавуваат насилно однесување и се подруштвени. Истата студија покажала дека синовите на вклучените татковци имале помалку проблеми на училиште, а ќерките имале поголема самодоверба.
Бројни студии покажуваат дека децата кои живеат со своите татковци имаат поголеми изгледи за добро физичко и емотивно здравје, за поголеми академски достигнувања и избегнување на дроги, насилство и деликвентско однесување.


Затоа татковци знајте дека вашата улога е од непроценлива важност за вашето потомство. Она што ќе го вложите во вашето дете и последиците од тоа, ќе го следат во текот на целиот негов живот.