Исхраната на идниот татко

 

Правилната исхрана е многу важна не само за идната мајка, туку и за идниот татко. Испитувањата покажале дека храната која ја зема мажот, како и претераното користење на алкохол, пушењето и сл. има огромно влијание врз квалитетот и бројноста на сперматозоидите.

Правилна исхрана за идните татковци

Со здравата исхрана шансите за зголемување на плодноста кај мажите можат значиелно да се зголемат. Обратете внимание на следното:

Земајте храна богата со цинк, фолати, антиоксиданси и Ц витамин.

На овој начин ќе му помогнете на Вашето тело да создава сперматозоиди со нормална морфологија. Испитувањата покажале дека недостатокот од цинк кај мажите е поврзан со неплодноста. Со земање на дополнителни количини на цинк сулфат и фолати спермата се подобрила и кај плодните и кај неплодните мажи. Но не треба да се претерува со цинкот, затоа што преголеми дози можат да предизвикаат слаба подвижност на сперматозоидите.

Цинкот се наоѓа во: немасното говедско месо, темното пилешко и житарките.

Со фолати се богати: зелениот зеленчук (броколи, спанаќ и др.), леќа, папаја итн.

Исто е покажано дека пушењето во значителна мера го влошува квалитетот на спермата. Ако пушите, добро е да престанете.

Избегнувајте алкохол. Експертите се согласуваат со тоа дека интезивното пиење го намалува нивото на тестотерон, а со тоа и квалитетот на спермата.

Доколку неколку месеци се храните со многу овошје, зеленчук, немасно месо, житарки и сл. и го намалите пушењето и алкохолот, ќе бидете во топ форма за да му овозможите на Вашето бебе оптимален почеток на животот.

Освен исхраната за подобрување на квалитетот на спермограмот се препорачува: носење на боксерки, избегнување тесна долна облека, избегнување туширање со жешка вода (топлината ги убива сперматозоидите), бавење со некоја физичка активност, односно со еден збор кажано водење на здрав живот.