Бебињата на мајки кои патат од депресија или анксиозност имаат поголем ризик за послаб сон

Една нова студија покажа дека бебињата имаат поголеми шанси за кошмари и на 6 и на 12 месечна возраст, ако нивните мајки страдале од депресија или анксиозност пред бременоста.

Во студијата учествувале 874 жени на возраст помеѓу 20 и 34 години во Саутхемптон, Велика Британија. Пред да забременат, жените пополниле прашалник од кој се гледало нивото на депресија. Кај 29% имало значителни знаци на депресија или анксиозност.

Резултатите од студијата покажаа дека психохолшките проблеми: депресија и анксиозност пред зачнувањето биле силен индикатор за ноќно будење кај бебињата, независно од другите фактори. Значителни психолошки проблеми пред бременоста биле поврзани со зголемен ризик за ноќно будење кај 23% од шест месечните бебиња и 22% кај бебињата од 12 месеци.

Кога бебињата дошле на 6 и 12 месечна возраст, жените пријавиле колку пати во текот на ноќта се будат помеѓу полноќ и 6 часот наутро.

Резултатите се важни затоа што честото будење во втората половина од првата година на животот, укажува на проблеми со сонот и на три годишна возраст, а тоа е поврзано со проблеми и во однесувањето. Лошото спиење за време на детството може да влијае и врз способноста за учење на детето. Ноќното будење кај децата од друга страна ја лишува од сон и мајката и влијае врз нивото на нејзиното расположение, стрес и изнемоштеност.

Според авторите на студијата, лошото спиење кај бебињата има голем одраз врз здравјето и на детето и на мајката. Можноста за повеќе проблеми со депресија кај жените кои веќе иамале такви проблеми е уште поголема ако личноста е хронично ненаспана. Затоа се заклучува дека благовременото третирање на депресијата кај мајката пред, за време и после бременоста, може да го подобри сонот кај децата.