Откриена е врска помеѓу земањето на фолна киселина во доцната бременост и појавата на астма кај децата

Научници од Универзитетот во Аделаида ги објавија резултатите од нивните истражувања во American Journal of Epidemiology. Со резултатите од испитувањето е фрлена светлост врз причината за зголемената појава на астма кај децата на возраст од 3-5 г. во развиените земји, во последните децении.

Според резултатите од студијата во која учествувале 500 жени, земањето на додатоци на фолна киселина во доцната бременост е поврзано со зголемен ризик од астма кај децата. Не бил пронајден доказ дека фолната киселина која е препорачливо да се зема до третиот месец од бременоста и игра огромна улога во намалувањето на вродени дефекти кај децата, ги има истите негативни ефекти кога се зема во првото тромесечие од бременоста.

Во студијата исто така не биле пронајдени докази дека земањето на фолати преку исхраната во доцната бременост придонесува за појава на астма кај децата.