Правилна техника на доење

Како правилно да го поставите бебето за доење на градата

Вашето бебе се раѓа со инстикт за цицање и тоа знае како да го прави тоа. Но ова не важи и за Вас. Правилната техника на доење се учи. За многу кратко време ќе се приспособите еден на друг, немојте да се обесхрабрувате. Доколку чувствувате болка при доењето, тоа е знак дека најверојатно доењето не е правилно. Заблуда и предрасуда е дека доењето треба да боли. Подолу можете да прочитате нeкои совети, кои ќе ви го олеснат доењето:

  1. Со брадавицата нежно допирајте ги усните на бебето за да го наведете да ја отвори устата. Може до го допрете бебето со брадавицата помеѓу горната усна и носот. Почекајте бебето широко да ја отвори устата.
  2. Привлечете го бебето кон себе, така да се приближи кон градата прво со брадата и долната вилица. Не ја тегнете градата накај устата на бебето, туку бебето поставете го на градата.
  3. Брадавицата треба да биде што подалеку од долната уста на бебето, односно да биде што подлабоко и погоре во устата. На тој начин бебето ќе може да фати поголем дел од градата.
doenje

Ако чувствувате болка за време на доењето, веројатно Вашето бебе ја цица само брадавицата.

Ако бебето ја цица само брадавицата, Вие ќе добиете разранети брадавици, а бебето нема да може да прими доволно млеко.

За да го тргнете, немјојте да го влечете. Наместо тоа, нежно ставете го прстот на аголот од неговата уста, помеѓу непцето и градата и обидете се повторно.

При правилното доење не треба воопшто да се гледа или пак ќе се гледа многу малку од ареолата (темниот круг околу брадавицата), зависно од нејзината големина и големината на устата на бебето. Ако се гледа дел од темниот круг, повеќе треба да се гледа над горната уста на бебето, отколку под долната. Устата на Вашето бебе треба да биде полна со градата, а неговата брада да биде допрена до неа. Усните на бебето ќе бидат завртени нанадвор, а не навнатре.

 

Видеото покажува како правилно да постапите за да го поставите бебето на градата

 

Како да препознаете дали правилно го доите бебето

Правилното доење можете да го препознаете по следните знаци:

  • Треба да можете да го видите розовиот дел од устата на бебето. Тоа значи дека устата не е вовлечена навнатре, туку нанадвор, како што и треба.
  • Ареолата, односно што поголем дел од ткивото на градата треба да биде во устата на бебето. Барем приближно 3 см во радиус околу брадавицата треба да биде во неговата уста.
  • Јазикот на бебето треба да се наоѓа помеѓу долното непце и градата, односно треба да се протега врз непцето. Ова ќе можете да го видите ако нежно ја повлечете малку надолу долната усна на бебето.
  • Ушите на бебето се мрдаат. Ова се случува задоа што за време на цицањето и голтањето, активно работат мускулите на вилицата.
  • Ќе можете да слушнете како бебето голта. Во првите денови по породувањето, ќе чуете дека бебето голта еднаш на можеби 5-10 пати смукнување. Ова е затоа што колострумот се лачи во многу мали количини. Покасно со надоаѓањето на млекото, бебето ќе голта на секои 2-3 смукнувања.
  • Не треба да истекува многу млеко од аглите на устата на бебето. Тоа значи дека бебето го голта млекото.

Со текот на времето, ќе научите да чувствувате дали бебето правилно цица. Ако чувствувате болка, обратете внимание, тоа покажува дека нешто не е во ред. Извадете ја градата од устата на бебето и обидете се повторно. Запомнете дека секогаш пред да го ставите бебето на градата, устата треба да му биде потполно отворена. Само така доењето ќе биде правилно и ефикасно.

КАКО ДА ПРЕПОЗНАЕТЕ ДАЛИ ВАШЕТО БЕБЕ Е ДОВОЛНО НАХРАНЕТО

  • Од вториот ден на раѓањето бебето дневно треба да врши барем по 3 пати голема нужда .
  • Од третиот ден треба да има по 6 или повеќе помочкани пелени.
  • Бебето треба да добива на тежина по 20-30 грама дневно.
  • Бебето изгледа задоволно после хранењето.
  • Урината на бебето треба да биде бистра или бледо жолта, а не темно жолта или портокалова.
  • Вашите гради се помеки откако ќе го нахраните.