Секојдневните сексуални односи помагаат за да се намали ДНК оштетувањето на сперматозоидите и ја подобруваат плодноста

Според австралиска студија презентирана на годишното собрание на Европското Здружение за Репродукција и Ембриологија, секојдневното ејакулирање во текот на 7 дена го подобрува квалитетот на машката сперма со тоа што се намалува процентот на оштетувањето на ДНК.

Досега немаше консензус помеѓу лекарите за тоа дали треба или не треба воздржување од сексуални односи неколку дена пред овулацијата.

Др. David Greening, специјалист за гинекологија и акушерство со субспецијалност во репродуктивна ендокринологија и неплодност при ИВФ во Сиднеј вели: "Она што досега знаевме е дека сексуален однос на денот на овулацијата дава најголеми шанси за бременост, но не знаевме кој е најдобар совет за периодот кој и претходи на овулацијата, без разлика дали се работи за спонтана овулација или пак аспирација на јајце клетките за ин витро. Она што претпоставував е дека честата ејакулација е природен механизам за да се намали ДНК оштетувањето на сперматозоидите."

За да ја проучи оваа хипотеза, Др. David Greening испитал 118 мажи со повисоко ниво на ДНК оштетување на спермата од нормалното. Во испитувањето влегле мажи со оштетување на ДНК поголемо од 15%.

На мажите им биле дадени инструкции да ејакулираат секојдневно во период од 7 дена, а да не прават никаква друга промена во животниот стил. Пред да започне испитувањето, оштетувањето на ДНК во спермата кај мажите се движело од 15-98%, а просекот за целата група бил 34%, мерено после 3 дена апстиненција. Кога после 7 дена повторно било направено испитување на спермата, се покажало дека кај 81% од мажите имало намалување на процентот на оштетеност за 12%, а кај 11% од мажите имало просечно зголемување на оштетувањето за 10%. Просечното оштетување за целата група паднало од 34% на 26% (вклучувајки ги и мажите кај кои било зголемено оштетувањето).

Уште било откриено дека иако секојдневното ејакулирање го намалило волуменот и концентрацијата на спермата, подвижноста не само што не била намалена, туку било забележано благо, но значително подобрување.

Според Др. Greening подобрувањето на спермата при почестите односи се должи на тоа што има пократко време сперматозоидите да бидат изложени на реактивните молекули во тестикуларните канали и епидимусот, а кои во поголема концентрација можат да предизвикаат оштетување. Кај мажите пак кај кои дошло до зголемување на оштетувањето, веројатно има некоја друга причина за него.

Заклучокот е дека паровите со релативно нормални параметри на спермата е пожелно да имаат сексуални односи секојдневно во текот на една седмица пред овулацијата, за да ги зголемат шансите за бременост.