Сестрите штитат од депресија

Имањето на сестра, дури и помала сестра, им помага на децата да не се чувствуваат толку потиштено.

Ова е еден од заклучоците на нова студија за меѓусебното влијание на браќата и сестрите. Laura Padilla-Walker - професор на Универзитетот во Биргхем е водач на студијата.

Има родители кои сакаат да имаат повеќе деца. Ова е една од студиите кои покажуваат дека овие родители се во право. Братот или сестрата имаат уникатно влијание во животот на детето.

Padilla-Walker вели дека влијанието на браќата и сестрите е уникатно и дека родителите не можат да им го дадат на децата она што можат да им го дадат браќата и сестрите. Тоа не значи дека треба да се потцени влијанието на родителите, но не треба да се потцени и тоа на браќата и сестрите.

Во студијата биле опфатени 395 семејства со повеќе од 1 дете, а барем едно од децата било на возраст од 10-14 години. Истражувачите собрале огромна количина на информации за динамиката на секое од семејствата, а потоа ги следеле во период од една година. Статистичките анализи покажале дека имањето на сестра ги штитело децата од чувство на осаменост, несаканост, вина и плашливост. Немало влијание тоа дали сестрата е помлада или постара или колкава била разликата во возраста помеѓу децата.

Браќата биле важни исто така. Студијата покажала дека имањето на брат или сестра влијаело да има повеќе добри дела, како помагање на соседите или грижа за други деца на училиште. Всушност она што изненадува е дека љубовта на братот или сестрата предизвикувала повеќе дела на милосрдие, отколку љубовта на родителите. Одоносот помеѓу љубовта меѓу браќата и сестрите и добрите дела бил 2 пати посилен, од односот помеѓу љубовта од родителите и добрите дела.

За родителите на помали деца пораката од студијата е да ја охрабрат љубовта помеѓу нив. Кога ќе станат тинејџери таа љубов ќе биде голем заштитен фактор.

Многу родители со право се загрижени поради кавгите и непријателството помеѓу нивните деца. Студијата покажала дека непријателството е поврзано со поголем ризик за деликвенција. Сепак Padilla-Walker додава дека кавгите им даваат на децата можност да научат да се помират и повторно да се здобијат со контрола врз сопствените емоции, а тоа е една вештина што има огромно влијание за успешен живот. Она што е поголем проблем всушност е отсуството на љубов.