Третирањето дури и на блага форма на дијабетес во бременоста е корисно за мајката и за бебето

Новите испитувања покажуваат дека третманот на гестацискиот дијабетес, дури и кај жени кај кои се работи за блага форма на дијабетес, има голема улога во спречувањето на претераното качување на килажата на мајката и на бебето и го олеснува породувањето.

Во студија во која се опфатени 958 жени со блага форма на гестациски дијабетес, се покажало дека третманот помага во намалувањето на ризикот од раѓање на бебето со преголема телесна тежина. Кај третираните жени имало помал број на царски резови и помал број на компликации во текот на бременста.

Доктор Mark Landon - водачот на студијата, вели дека според резултатите од студијата оправдан е третманот дури и на најблагата форма на гестациски дијабетес.

Гестацискиот дијабетес се јавува во бременоста и најчесто се повлекува по породувањето. Последиците од покаченото ниво на шеќер доведуваат до тоа да шеќерот се таложи во вид на масти кај бебето и тоа станува премногу големо. Понекогаш е потребно породување со царски рез, а може да дојде и до други здравствени проблеми кај мајката и кај бебето.

Резултатите од студијата покажале дека бројот на бебиња со преголема тежина, кај жените со блага форма на гестациски дијабетес кои не примиле третман бил поголем од оној кај жените кои биле третирани. Исто така се покажало и дека жените кои биле третирани, качиле во просек по 2,5 кг тежина помалку од нетретираните.

Кај третираните жени бил помал бројот на царски резови и појава на прееклапсија - тешка компликација во текот на бременоста, придружена со висок крвен притисок.

Третманот се состоел од препорака за соодветна диета или пак во случај на потреба давање на инсулин. Студијата покажала дека дури 93% од жените преку правилна исхрана и избегнување на шеќери успеале да го одржат нивото на шеќер во нормални граници, а само 7% примиле инсулин.

Заклучокот е дека е важно пратењето на состојбата и давање на соодветен третман дури и во случај на блага форма на гестациски дијабетес.