Поголемата зачестеност на некои заболувања кај деца на постари татковци е објаснета со тестикуларни тумори

Ретка форма на тестикуларен тумор фрли светлина на нови генетски мутации кои се јавуваат кај децата. Истражувањето финансирано од Wellcome Trust и Данското здружение за рак, покажа зошто некои болести се јавуваат почесто кај деца на постари татковци.

Мутациите се јавуват во различни клетки, во различни делови од телото, на различна возраст. Ако тие мутации се јават во герминативните клетки (клетките од кои настануваат сперматозоидите и јајце клетките) тогаш мутацијата може да се пренесе и на потомството. Промените пак кои настануваат во другите клетки во телото можат да доведат до создавање на тумори, но не се наследни.

Во студијата објавена во списанието Природна генетика, направена од научници од Окфордскиот универзитет и Копенхагенската универзитетска болница, се објаснува поврзаноста на тешки генетски пореметувања кај децата со појавата на редок тестикуларен тумор кај постарите татковци. Се покажало дека герминативните клетки, од кои се формираат сперматозоидите се истите клетки од кои се создава и тумурот.

Иако почетните мутации се јавуваат во мал број клетки, тие се делат и размножуваат. Како напредува возраста на мажот, така нивниот број станува се поголем. Со тоа се зголемува и можноста од создавање на сперматозоиди, кои се носители на мутациите и предизвикувачи на заболувањата кај потомството.

Професорот Andrew Wilkie од Окфордскиот универзитет, кој е водач на студијата, објаснува дека според нивното мислење овакви мали гроздови од мутирани клетки се наоѓаат во тестисите на повеќето мажи, како што напредува нивната возраст. Тие најчесто се безопасни сами по себе. Но нивната локација во тестисите, доведува на создавање мутирани сперматозоиди, а со самото тоа ја зголемува можноста од раѓање на деца со тешки болести.

Студијата помага да се открие изворот на низа тешки состојби кои делуваат врз растот и развојот на децата. Тука спаѓаат: ахондроплазија, синдромите по Аперт, Нунан и Косетло, како и некои состојби кои предизвикуваат предвремено породување. Во повеќето случаи е малку веројатно дека и следните деца би ги имале овие нарушувања.

Овие испитувања помагаат да се објаснат и други тајни на генетиката. Некои болести како: рак на дојката, шизофренија и аутизам, почесто се јавуваат кај потомството на постари татковци. Причината за тоа сеуште не е објаснета. Професорот Andrew Wilkie сугерира дека причина можат да бидат слични мутации.

Понатамошните истражувања треба да покажат кои други гени се подложни на влијаението на овој процес.