Хормонот на стрес во бременоста влијае врз интелектуалниот развој на бебето

Испитувањето објавено во списанието Биолошка Психијатрија (Biological Psychiatry) покажа дека изложеноста на фетусот на високи концентрации на хормонот на стрес е гласник за послаб развој на мисловните процеси кај бебето, но дека овие штетни последици  може да се поништат, ако мајките им обезбедат на овие бебиња чувствителна љубов и близина по раѓањето и во детството.

Ова е првиот доказ дека изложеноста на високи нивоа на хормонот на стрес - кортизол во бременоста, може да предизвика проблеми со концентрацијата и решавањето на проблемите покасно кај бебето. Но она што е уште поинтересно е вториот заклучок од студијата: дека ова може речиси целосно да се поништи ако мајката заснова сигурна поврзаност со нејзиното бебе.


Thomas O'Connor - водач на студијата и професор по Психологија и Психијатрија (University of Rochester Medical Center) вели дека ако идните студии ги потврдат наодите на оваа студија, тогаш ќе треба да се најдат начини за да се намали нивото на стрес кај трудниците, но и да се промовира важноста на  чувствителносто однесување на мајката и таткото.

Во студијата учествувале 125 жени од клиника за амниоцентеза. Земањето на примерок од плодовата вода им овозможило на лекарите да го утврдат точното ниво на кортизол во неа. Мајките се наоѓале во просек во 17-та седмица од бременоста и биле продолжени да се следат само оние мајки со нормална и здрава бременост и породување.

Кога децата наполниле 17 месеци, истражувачите направиле повеќе тестови прилагодени за нивната возраст. Исто така тие ја набљудувале и врската помеѓу мајката и бебето, тестирајки ја со така наречениот Ainsworth тест на "страни ситуации". Овој тест покажува дали се работи за сигурна или несигурна поврзаност помеѓу мајката и бебето.

Резултатите покажале дека децата кои со своите мајки имале изградено сигурни врски, немале негативен ефект од изложеноста на високиот кортизол во утробата на мајката. Децата на мајките пак со кои немале изградено сигурни врски (а биле изложени на високи концентрации на кортизол во утробата), имале послабо одржување на концентрацијата, послаби говорни способности и послаби вештини за решавање на проблемите.

O'Connor вели дека ова се многу охрабрувачки вести за мајките, олеснување е да се знае дека со добрата родителска грижа можат да се поништат потенцијалните влошувања кај нивните бебиња.

Се планира да се направи уште едно испитување на овие деца кога ќе наполнат 6 години, со цел да се утврди долгорочноста на последиците од изложеноста на високи нивоа на кортизол и да се види дали има и анатомски промени во мозокот како последица на изложеноста на кортизолот.

Досега се знаеше дека изложеноста на стрес во бременоста влијае и врз бебето, но оваа студија покажа на кој начин се случува тоа, односно се увиде вклученоста на кортизолот.