Совети: како полесно да престанете со доењето
Прекинот на доењето ако не се изврши внимателно може да биде непријатен и за мајката и за бебето.
Избегнувајте да употребувате медикамени за да прекинете со доењето.
Еве неколку совети кои им помогнале на многу жени и кои можат ви помогнат да си го олесните преодниот период помеѓу доењето и неговиот целосен престанок:
- Немојте да престанете со доење наеднаш. Преодот нека биде постепен. Прво почнете со тоа што ќе намалите еден подој дневно. Постепено намалувајте ги и другите подои во текот на денот. Наместо подој во времето кога вообичаено го доите бебето дајте му вештачка формула на млеко или млеко (во зависност од возраста на бебето). Наутро можеби ќе сакате друг да му го дава шишето, обично тоа е време кога голем број бебиња најтешко ја прифаќаат замената на мајчината града.
- Немојте да седнувате во позиција во која го доите бебето и да му давате од млеко од шише сакајки да го измамите. Бебето секако ќе ја препознае разликата, ќе се создаде збунетост и тоа може да биде многу фруструрачко искуство за него. Наместо тоа наместете го во поинаква позиција, на пример легнете го на грб врз вашиот стомак. За да му го одвратите вниманието можете да му дадете некоја играчка или сл.
- Ако градите ви се преполнети, тешки и течат, издојувајте по малку млеко, но внимавајте да не претерувате со издоената количина. Ако претерате ќе го стимулирате телото да произведува уште повеќе млеко. Издојте колку да не бидат преполнети.
- За да го избегнете стварањето на грутки во градите, масирајте ги додека се туширате со топла вода.
- Обидете се да ставате ладни облоги неколку пати во текот на денот, така ќе се намали можноста да дојде до воспаление на градите.
- Нема потреба да ги врзувате градите како што тоа се правело некогаш, но сепак можете да набавите градник кој цврсто ќе ги држи и ќе го намалува нивното движење. Со движењето на градите се стимулира производството на млеко.
Поминувајте доста време со бебето, на тој начин и двајцата полесно ќе го пребродите периодот и ќе продолжите да ја градите вашата близина. Многу мајки по прекинот на доњето чувствуваат како да ја изгубиле најголемата близина со бебето, но не се обесхрабрувајте, цврстината на вашата врска ќе продолжи да се гради и понатаму на нови начини.