Цуцла за бебето
Дали треба да му се дава цуцла на бебето
Бебињата се раѓаат со силен рефлекс за смукање, тие го смукаат својот прст уште додека се во утробата на мајката. Многу бебиња наоѓаат утеха во цуцлата и се смируваат.
За тоа дали е добро да му се дава на бебето цуцла има спротивставени мислења, ќе ги наброиме позитивните и негативните страни на давањето на цуцла на бебето.
Позитивни страни на цуцлата
- Ако бебето е плачливо или нервозно, цуцлата може да го смири. Многу бебиња уживаат додека смукаат нешто.
- Никогаш немојте хранењето на бебето да го замените со давање на цуцла, но цуцлата може да помогне бебето да не стане премногу вознемирено во тек на неколку минути, додека да му дадете храна.
- Цуцлата на многу бебиња им помага да заспијат.
- Испитувањата покажуваат дека со употреба да цуцла во текот на спиењето, се намалува шансата за синдромот на ненадејна смрт кај новороденчињата.
- Некои бебиња ако не им дадете цуцла. ќе го смукаат својот прст, а да го одвинете од тоа ќе биде потешко, отколку да му ја земете цуцлата.
Негативни страни на цуцлата
- Ако рано му дадете на бебето цуцла, може да има проблеми со доењето. Чувството кое го има бебето кога ја смука цуцлата и градата на мајката е различно, па кај некои бебиња тоа создава проблем за да научат како да се дојат. Заради оваа причина не се препорачува да му дадете цуцла на бебето, се додека не наполни еден месец.
- Кај бебето може да се створи зависност од цуцлата. Ако бебето е навикнато постојано да ја има цуцлата додека спие, не е ништо неверојатно, ако ноќе ве буди со плач кога ќе му падне цуцлата од устата.
- Цуцлата може да го зголеми ризикот од инфекција на увото кај бебето. Сепак ризикот од оваква инфекција е помал во првите 6 месеци од животот, а тогаш е најголемата потреба од цуцла.
- Долгата употреба на цуцла, може да предизвика проблеми со искривување на забите. Сепак за да се случи тоа треба бебето да биде со цуцла во текот на неколку години.
- Цуцлата ја зголемува можноста за габични инфекции во устата и инфекции на органите за преработка на храната.
Совети за користење на цуцла
- Ако решите да му дадете цуцла на бебето, немојте да го правите тоа се додека доењето не се воспостави сигурно и без никакви проблеми. Најдобро е да почекате барем неколку седмици. Во спротивно бебето може да има проблеми со навикнувањето на доење.
- Немојте да ја корстите цуцлата како прва алтернатива за да го смирите или заспиете бебето. Наместо тоа обидете се да го нишкате, да му пеете и сл.
- Ако бебето не сака да ја прифати цуцлата, немојте да инсистирате на тоа. Ако му падне од устата додека спие, не се обидувајте пак да ја вратите.
- Редовно превривајте ја цуцлата и немојте да ја "чистите" со тоа што ќе ја ставите во вашата уста. Тоа само ќе донесе повеќе бактерии во устата на бебето.
- Ако има опасност од инфекции на увото, обидете се да го одвикнете бебето од цуцлата после шестиот месец од животот.
- Редовно проверувајте ја цуцлата да не има пукнатини или да не е прегризана. Во таков случај бебето може лесно да откине дел од неа, а тоа носи опасност од загушување.
Како да одберете цуцла за бебето
Внимавајте на тоа цуцлата да не може лесно да се разглоби, тоа претставува опасност за бебето. Ако вие можете да ја раздвоите цуцлата со влечење, веројатно тоа ќе може да го направи и бебето. Денес има цуцли кои се направени од еден дел.
Немојте како цуцла да го користите капачето од шишето на бебето, може да се распадне на делови и да доведе до гушење.
Постоајат ортодонтски цуцли за бебиња. Имаат округлол врв, а рамно дно. Направени се за да ги спречат евентуалните проблеми со забите во иднина, но некои бебиња повеќе ги сакаат класичните цуцли.
Силиконските цуцли се потрајни , не примаат мириси, лесно се чистат и бебето потешко може да ги прегриза. Но тие не се меки, па многу бебиња повеќе ги сакаат традиционалните цуцли од латекс.
Одберете цуцла чиј штит има отвори. На тој начин ќе избегнете да дојде до осип околу устата, заради слевањето на плунка. Отворите ќе овозможат областа да биде проветрена и полесно да се суши.
Внимавајте на тоа штитот на цуцлата да биде доволно широк, за да се избегне можност од загушување на бебето.
Немојте да купувате цуцли со течност во внатрешноста. Ако бебето ја прегриза цуцлата, течноста ќе се излее во неговата уста, а тоа може да биде опасно.
НИКОГАШ немојте да му ја врзувате цуцлата на бебето околу вратот. Многу родители тоа го прават за да го спречат губењето на цуцлата, но претставува голема опасност за бебето. Лесно може да се затегне врвцата и да дојде до гушење. Цуцлата е предмет кој ќе се губи, затоа подобро во резерва имајте барем уште една цуцла.
Крајната одлука дали ќе му давате цуцла на бебето или не, останува на вас. За некои бебиња цуцлите се корисни, за некои не. Вие оценете што е најдобро за вашето бебе.