Плачење кај бебето

Причини заради кои бебето плаче и како да го смирите

Плачењето за бебето е начин на кој што тоа комуницира со околината. Бебето се уште не знае како да ги искаже своите потреби, а е целосно зависно од вас. Така тоа со плачот ви става до знаење дека нешто му е потребно, а на вас останува да протолкувате што е тоа.

Дури и најздравите бебиња плачат по 2-3 часа дневно.

плачење кај бебеКога прв пат се соочуваат со родителството, родителите обично се вознемирени заради плачењето на бебето и тешко им е да разберат зошто бебето плаче. Сепак како што мине времето, ќе можете се подобро да го запознаете Вашето бебе и неговите начини на плачење. По кратко време ќе научите дали плаче од глад, жед, од што му е студено или едноставно сака да го погалите.

Со запознавање на бебето ќе можете многу полесно да ги удоволите неговите потреби.

Не се грижете. Како што ќе расте бебето, тоа ќе учи нови и начини на комуникација: преку смеење, испуштање звуци, контакт со очите ит.н.

Бебето може да плаче од разни причини. Овие што ќе ги наброиме подолу се најчестите. Ако бебето плаче обидете се да ја пронајдете причината по следниот редослед:

Гладно е

Гладот е најчеста причина, заради која бебињата плачат. Колку бебето е помало, толку е поголема веројатноста дека плаче од што е гладно. Стомачето на бебето е многу мало и собира мала количина на храна. Тоа значи дека е потребно да се храни почесто. Бебето тоа Ви го покажува со плач.

Доколку продолжи да плаче и после хранењето, се работи за друга причина. Обидете се да проверите да не се работи за втората:

Не се чувствува убаво

Ако не се чувствува удобно, бебето ќе Ви го стави тоа до знаење. На пример ако пелената му е натопена или го стега некој дел од облеката и сл.

Влажната пелена може да ја иритира нежната детска кожа и бебето на тоа може да реагира со плач.

Значи ако не плаче заради глад, следно што е мудро да направите, е да му ја промените пелената. Тоа ќе Ви овозможи и да проверите дали пелената или некој друг дел од облеката се премногу стегнати.

Премногу толпло или премногу ладно

Внимавајте да не претерувате со премногу облекување на бебето, но во исто време треба да внимавате и да не му студи.

Обично бебето треба да има еден слој облека повеќе од возрасните, за да се чувствува пријатно.

За да видите дали на бебето му студи, не можете да се ориентирате преку допрање на рачињата или ноџињата. Наместо тоа допрете го неговиот стомак. Ако му е премногу топол, соблечете дел од облеката или отстранете еден покривач. Ако пак мешето на бебето е студено, облечете му уште еден слој облека или покријте го со уште една покривка.

Сака да го земете во раце

Бебењата имаат голема потреба од физички контакт со родителот. На тој начин се чувствуваат сигурно и заштитено. Ова особено важи за малите бебиња.

Кога ќе попорасне, веројатно ќе му биде доволно ако Ви го слуша гласот или Ве гледа во собата, но додека е мало, бебето има голема потреба од физички контакт.

Ако сте го нахраниле бебето и сте му ја промениле пелената, а тоа сепак продолжи да плаче, можеби едноставно има потреба да го земете во раце и да го утешите.

Некои родители се плашат да не ги разгалат своите деца, ако ги држат во раце премногу долго. Но во првите месеци од животот, тоа е невозможно. Се работи едноставно за потреба на бебето.

Некои бебиња имаат помала потреба од физички контакт, некои поголема. Ако Вашето бебе има поголема потреба да биде во вашите раце, можете да се обидете да го носите во слинг, на тој начин бебето ќе биде задоволно, а Вашите раце ќе бидат слободни.

Потребен му е одмор

Некои бебиња можат да заспијат веднаш, штом ќе почувствуаат умор. Многу други не можат да го направат тоа.

Понекогаш бебето може да биде хиперстимулирано. За бебето комбинацијата од: светлина, звуци, роднини кои го држат во раце и сл. може да биде премногу голема стимулација. Тоа може да направи да му биде тешко да се смири, иако неговото тело има потреба од сон.

За да му помогнете да заспие, однесете го на тивко и позатемнето место. На почетокот, можеби ќе продолжи да ги искажува своите чувства со плач, но наскоро ќе престане и ќе заспие. Ако не постои некоја друга причина заради која бебето плаче, можеби едноставно Ви кажува дека му е премногу од стимулациите.

Чувствува болка

Ако бебето продолжи и понатаму да плаче, можеби чувствува некоја болка. Од почетокот ќе Ви биде тешко да го разликувате плачот на бебето, но со време ќе го научите тоа.

Некои бебиња едноставно повеќе плачат, затоа што имаат проблеми со прилагодувањето кон надворешниот свет. Во тој случај со Вашето трпение и љубов ќе му помогнете да се прилагоди.

Кога бебето плаче заради болест, обично неговото плачење се разликува од вообичаеното. Некои бебиња пак, кои вообичаено плачат многу, болеста може да ја покажат со стишување. Вашата реакција ќе биде потребна и во двата случаи.

Најважно е да запомнете дека никој не го познава Вашето бебе, толку добро како вие самите. Ако сметате дека нешто не е во ред, јавете се кај неговиот лекар. Така ќе можете да се осигурате дека бебето не плаче заради физичка болест. Задолжително побарајте лекарска помош и ако бебето додека плаче има проблеми со дишењето или пак плачењето е придружено со повраќање, пролив, запек и сл.

Бебето има грчеви

Ако бебето има грчеви, веројатно ќе плаче многу силно, неконтролирано и нема да можете да го смирите. Сепак не се плашете, бебињата кои имаат грчеви не назадуваат во развојот.

Обично се јавуваат од 2-та до 4-та седмица од животот на бебето и најчесто завршуваат во 3-от месец. Сепак за жал понекогаш продолжуваат до 6-от или 9-от месец. Најчесто се јавуваат од 18-24 часот. Или пак се јавуваат во текот нацелиот ден, но состојбата се влошува навечер. Кога бебето има грчеви освен што болно плаче, може да ги витка и исправа нозете, а може ќе забележите и дека испушта гасови.

Понекогаш грчевите може да се јават или да се влошат заради исхраната на мајката, која го дои бебето. За да бидете сигурни дека Вашата исхрана не е причина за грчевите кај бебето, обидете се на 2-3 дена да го исфрлите кравјото млело од Вашата исхрана и видете дали ситуацијата ќе се подобри. Ако грчевите се намалат или исчезнат, продолжете да се воздржувате од таа храна. Ако ситуацијата не се смени, можете да продолжите со истата храна.

Избегнувајте да јадете: зелка, карфиол, броколи, лук, соја, грав и сл. Добро е да се обидете да избегнувате кофеин и секако алкохол.

Кога го доите бебето, првото млеко е поретко, но побогато со лактоза, а лакотозата може да предизвика гасови. Како тече доењето, млекото е побогато со хранливи материи, а има помалку лактоза. Затоа обратете внимание на тоа кога цица бебето сегогаш да ја допразнува прво едната града, па потоа префрлете го на другата. Во спротивно ќе ги прими само млекото богато со лактоза.

Исто така и вештачките формули на млеко може да предизвикаат грчеви кај бебето. Ако го храните бебето со вештачко млеко, а страда од гасови, можете да се обидете да го замените со друг вид.

Ако цуцлата на шишето не е со соодветна големина за бебето, тоа при пиењето на млекото ќе голта повеќе воздух, а тоа исто така може да му створи проблеми со гасови.

Докажано е дека бебињата, кои се наоѓаат во простории со чад почесто имаат грчеви.

Ако и покрај се, бебето повторно има гасови, можете да се обидете да му помогнете на разни начини:

  • Можете да се обидете нежно да му ги мрдате ноџињата, како да вози велосипед. На овој начин ќе се створи благ притисок во стомачето и ќе помогне во исфрлањето на гасовите.
  • Оставајте го редовно по малку да лежи на стомачето, но ИСКЛУЧИВО под Ваш надзор (малите бебиња не смее да се оставаат да спијат на стомак, затоа што може да дојде до загушување).
  • Носете го бебето во раце, може и во слинг. Тоа што ќе биде во маку свиткана положба ќе створи притисок за излегување на гасовите.
  • Нежно масирајте го мешето на бебето. Поставете го да лежи на грб и нежно со прстите правете кружни дижења во правец на движење на стрелката на часовникот, почнувајки од под ребрата кон долниот дел.
  • Ако и покрај овие работи, бебето се уште има гасови, побарајте лекарски совет.

Што кога бебето плаче?

Има повеќе работи кои можат да ги смират бебињата, но вие треба да го пронајдете она што го смирува токму Вашето бебе. Како и возрасните и бебињата се посебни личности, со посебни потреби и желби. Затоа со запознавање на Вашето бебе, ќе бидете поуспешни и во неговото смирување.

За да го смирите бебето можете да се обидете со следното:

Бебињата сакаат да се чувствуваат сигурно, како кога биле во матката. Затоа можете да се обидете да го замотате бебето поцврсто во кебенце, но има бебиња на кои ова нема да им се допадне.

Исто можете да се обидете да го држите бебето припиено до Вашето тело. Слушањето на Вашиот срцев ритам, ќе има смирувачко дејство врз него. Ако бебето има голема потреба да биде држено во раце постојано, носењето во слинг ќе Ви биде од голема помош.

Нишкањето има смирувачко дејство врз повеќето бебиња. Внимавајте на тоа дека нишкањето мора да биде многу нежно, затоа што во спротивно може да дојде до повреди на нежното главче и 'рбет, кои можат да доведат и до смрт.

Пејте му на бебето. Повеќето бебиња сакаат приспивни песни.

Нежната масажа исто така може да помогне во смирување на бебето. Обидете се нежно да го масирате мешето на бебето, ова може да помогне и ако бебето има грчеви.

Ако сте сигурни дека бебето не плаче заради некоја физичка нелагодност или болка и сте сториле се за да го утешите, а сепак продолжува со плачењето, сетете се дека плачењето нема да му остави трајни последици.

Често пати плачењето на бебето е постресно за родителите, отколку за него. Ако бебето не е болно и не можете да го смирите и покрај сите Ваши напори, не се осудувајте и немојте да мислите дека тоа е затоа што сто лош родител. Едноставно некои бебиња имаат потреба од подолг период на прилагодување и ќе продолжат да плачат и покрај Вашите напори. Имајте трпение, тој период ќе заврши.