Подригнување на бебе - зошто и како да го подригнувате бебето
Подригнувањето е еден од важните аспекти на хранењето на бебето и тоа може многу да ви ги намали проблемите поврзани со неговото хранење. Еве некои факти за подригнувањето на бебињата.
Подригнувањето им помага на бебињата да се ослободат од воздухот кој се насобира во дигестивниот систем, а кој го голтаат за време на хранењето. Некои бебиња ако не подригнуваат, заради преголемата количина на проголтан воздух се склони кон плукање, гасови, плачливост и нервоза.
Како да му помогнете на бебето да подригне
Пробајте разни положби за бебето да подригне, а вие пробајте која најмногу ви одговара вам и на вашето бебе. Практично е да под главата на бебето да ставите крпа или пелена, за случај бебето да врати мала количина од испиеното млеко. Повеќето родители ги наоѓаат за ефикасни следните положби:
- Седнете исправено (или стојте) и потпрете го бебето на вашите гради. Неговата глава да биде потпрена на вашето рамо - додека му ја придржувате со едната рака. Со другата рака нежно тапкајте го бебето по грбот. Може да помогне и тоа ако седите во стол за лулање и нежно се лулате со бебето.
- Додека седите, земете го бебето во скут. Придржувајте му ги градите и главата на бебето со едната рака, така што коренот на вашата дланка ќе биде под неговите гради, а брадата ќе му ја придржувате со дланката. Со другата рака нежно тапкајте го бебето по грбот.
- Легнете го бебето на стомак, во вашиот скут. Придржувајте му ја главата и осигурајте се дека главата му е поставена повисоко од градите. Нежно тапкајте го по грбот.
Ако бебето е кенкаво додека го храните, запрете, подригнете го и продолжете повторно со хранење. Обидете се да го подригнете бебето после секои 60-90 мл испиено млеко или секогаш кога ќе ја смените градата ако го доите.
Ако бебето е склоно кон гасови, често плука или има гастроезофагален рефлекс, обидете се да го подригнете после секои 30 мл испиено млеко или после 5 минути доење. Ако бебето не подригне за неколку минути, променете ја положбата и обидете се да подригне од друга положба. Секогаш после јадење помогнете му да подригне.
За време на првите 6 месеци или отприлика до тоа време, држете го бебето по 10-15 минути во исправена положба после хранење за да спречите млекото да се врати назад. Не се грижете ако бебето понекогаш исплука, веројатно дека тоа е понепријатно за вас отколку за него.
Понекогаш бебето може да се разбуди заради гас, земете го, помогнете му да подригне - така ќе имате многу поголеми шанси да се смири и да продолжи да спие. Кога ќе порасне ќе нема потреба да се грижите дали подригнало, тоа значи дека бебето научило да јаде без да голта премногу воздух.