Потреби на бебето

Што му е потребно на вашето бебе

За да можете да се грижите за Вашето бебе и да му овозможите нормален и здрав развој, воопшто не е потребно да бидете некаков експерт.

Освен телесната грижа, љубовата и вниманието се основните потреби на Вашето бебе. Верувајте дека имате се што Ви е потребно за да му помогнете да израсне во нормална, здрава личност и за да си го развие целосно неговиот потенцијал.

Покажете му ја на бебето вашата љубов

На децата им е потребна љубов. Вашата љубов, грижа и подршка ќе му овозможат на Вашето бебе да има сигурна база од која понатаму ќе го истражува светот. Запомнете дека љубовта што ќе му ја покажете на детето во првите години од неговиот живот, понатаму ќе има огромно влијание врз неговиот: физички, ментален и емоционален развој. Затоа никогаш немојте да се воздржувате да ја покажете Вашата љубов.

Како да му ја покажете Вашата љубов на бебето?

Прегрнувајте го, допирајте го, смејте му се, слушајте го, зборувајте му, охрабрувајте го и играјте си со него колку можете повеќе.

Погрешно е мислењето дека ќе го разгалите бебето, ако реагирате веднаш на неговиот плач. Ова особено важи за првите 6 месеци или година од неговиот живот.

Напротив, истржувањата покажале дека ако на децата им се покажува повеќе внимание и ако веднаш се реагира кога се вознемирени или среќни, тоа им помага во развивање на поцврста и посилна доверба и стабилна емотивна врска.

Спрема некои испитувања: децата кај кои родителите побрзо реагирале на нивниот плач во првите месеци од животот, покасно плачат помалку во споредба со другите деца.

 

бебе

 

Грижа за основните потреби на бебето

Спиење

Спиењето е многу важен процес за развојот и растот на Вашето бебе. Испитувањата покажале дека за време на РЕМ фазата на спиењето кај бебињата, клетките во мозокот ги градат меѓусебните патишта, познати како синапси. Овие синапси се патишта во мозокот, кои ќе му овозможат на бебето да ги поврзува и разбира работите што ги: гледа, слуша, мириса, допира, вкусува. Односно ќе му овозможат да учи, да се движи и да мисли, додека го истражува светот. Затоа помогнете му на Вашето бебе да го добие целиот потребен сон.

Исхрана

Најдобриот начин на исхрана за Вашето бебе е секако доењето. Бебињата кои се доени, помеѓу другото помалку се склони кон: алергии како астма и егзема, инфекции на увото, пролив, запек, проблеми со дишењето ит.н.

Ако сметате дека Вашето бебе има проблеми со спиењето или начинот на исхраната консултирајте се со неговиот лекар.

Секојдевна нега

Вие и Вашето бебе сте тим. Проверувајте го: дали му е премногу жешко, дали треба да се соблече дел од облеката, дали треба да се облече уште еден слој облека, дали пелената треба да се промени ит.н. Со еден збор внимавајте на потребите на бебето. Тоа се уште не може само да го прави тоа. Но Вие секако веќе имате внатрешен инстикт да го правите тоа и да реагирате на неговите потреби.

Зборувајте му на вашето бебе

Зборувањето со Вашето бебе е најдобриот начин да му помогнете во развивањето на неговиот мозок. Добро е да почнете да му зборувате на Вашето бебе, уште во текот на бременоста, додека расте во Вашата утроба.

Со тоа што ќе му зборувате на Вашето бебе, ќе му овозможите нормално да ги развие комуникациските вештини. Развојот на овие вештини е многу важен за неговиот понатамошен здрав и среќен живот од една страна и доброто снаоѓање на училиште од друга.

Почнете да му зборувате на вашето бебе уште веднаш одкога ќе се роди. Зборувајте му додека му ја променувате пелената, додека го преслекувате, кога го капете и сл.

Обидете се да гледате во него додека му зборувате. Кога бебето ќе сфати дека му зборувате нему и тоа ќе возврати. Не мора да се грижите за тоа што ќе кажете. Едноставно можете да му опишувате што правите во моментот или пак што тоа прави. На пр. можете да му кажете дека му ја променувате пелената, дека спремате за да го капете ит.н. Галете го бебето и не се устегајте да користите т.н бебешки јазик. Тоа нема да му штети. Напротив, некои испитувања покажале дека на бебињата повеќе им се допаѓа кога нивните родители им зборуваат побавно и со повисок глас.

Читајте му на бебето

Можеби ќе Ви изгледа чудно, но читањето е една од најважните работи што може да ја направите за Вашето бебе.

На тој начин му помагате да го развие својот вокабулар и фантазија. Исто така читањето Ви дава можност да се галите и да се дружите со бебето.

Читањето на вечер пред заспивање е многу добра рутина, која ќе му помогне на детето во стварање на навиките за спиење. Со читање на бебето можете да започнете веќе од шестиот месец.

Испитувањата покажале дека децата на кои им се чита, имаат добра основа за покасно и самите да станат добри читатели.

Стимулирајте ги сетилата на бебето

За бебето да го спознае светот, односно луѓето, местата, предметите и сл. треба да дојде во контакт со нив. Секоја нова интеракција му дава информации за светот кој што го опкружува.

Секако дека може да се претера и детето може да стане хиперстимулирано. Тоа значи дека не треба бебето да го бобмбардирате по 24 часа со информации или дека треба да му ги ангажирате сите сетила одеднаш.

Кога бебето сака да си игра, овозможете му да има различни играчки. Изберете играчки со различна форма, бои, звуци, текстура и тежина. Тоа ќе ги збогати неговите искуства.

Пејте му песни. Играјте интерактивни игри со бебето, во кои ќе учествува и тоа. Носете го со вас кога одите да купите нешто, овозможете му да запознае нови луѓе.

Дури и најобичните, за Вас рутински домашни задачи, ќе му помогнат на бебето во развивањето на неговиот мозок.

Обезбедете му на бебето место за движење

За да може кај бебето да се развијат: силни мускули, добра рамнотежа и координација, потребно ќе му биде доволно широк простор за лазење и движење. Направете доволно широк безбеден простор за бебето. Во овој простот нека може слободно да ги истражува работите без постојано да мора да слуша како му викате: HE.

Охрабрете го на нови предизвици

Избегнувајте да го фрустрирате бебето со играчки и активности кои се многу над неговите способности. Но мал предизвик за бебето може да биде од голема полза за неговото самоусовршување. На пример ако бебето се обидува да отвори некоја кутија, немојте веднаш да го направите тоа наместо него. Дозволете му прво да се обиде само. Ако не успее покажете му како да го напави тоа и повторно дајте му ја кутијата затворена. На тој начин бебето не само што ќе учи, туку ќе ја гради својата самодоверба.

Грижете се за самите себе

Не се запоставувајте и самите себе. Ако сте депресивни или се чувствувате исцрпено, ќе приметите дека Ви е тешко брзо и чувствително да одговорите на потребите на детето.

Ако гледате кај себе знаци на постпородилна депресија побрајте помош и разговарајте со Вашиот лекар.

Ако се чувствувате исцрпено, договорете се со Вашиот сопруг за поделба на домашните и родителските обврски. Ако можете пронајдете луѓе кои ќе бидат спремни да Ви помогнат. Родителството воопшто не е лесна работа. Посветете си понекогаш време на самите себе, тоа ќе Ви помогне да си ја обновите толку потребната сила за справување со сите обврски.

Обезбедете добра грижа за бебето

Ако одите на работа и не сте во можност сами да се грижите за Вашето бебе, пронајдете личност за која сте сигурни дека навистина добро ќе се грижи за него.

Запомнете дека таа личност ќе треба да ги прави сите работи што погоре ги набројавме, наместо Вас. Погрижете се да најдете жена со искрена љубов кон децата, искуство и грижливост.

Имајте впредвид дека се работи за доверување на Вашата најголема скапоценост.