Избор на шише за бебе

Пластично или стаклено шише

 

Предноста на пластичните шишиња е што не се кршат. Но за сметка на тоа се оштетуваат и треба редовно да се менуваат. Штом ќе забележите дека шишето се заматило или е изгребано, треба веднаш да се замени.

Предноста на стаклените е шишиња е што не се оштетуваат, нема потреба да се заменуваат (освен ако се скршат или напукнат) и што е најважно: млекото во нив не го менува својот состав.

Научниците уште пред повеќе години открија дека од пластичните шишиња се ослободува опасна материја - бисфенол А (БПА), која бебето може да ја прими преку млекото или течноста која ја пие.

Мали количини од бисфенолот -А се поврзуваат со ризик од рак, намален имунитет, дебелина, дијабетес, ран пубертет итн.

По откритијата за штетноста на БПА се појавија кампањи за производство на пластика без БПА, но додека многу родители се чувстуваа подобро заради употребата на пластика без БПА, работите се далеку од идеални.

Понова студија откри дека дури и пластичните шишиња, кои се рекламираат дека не содржат бисфенол А и дека се безбедни, сепак испуштаат други не помалку штетни материи со естрогенска актвиност.

Затоа, се поголем број на родители зе одлучуваат за стаклено шише.

Доколку сепак се одлучите за пластично шише, никако немојте да го загревате во микробранова печка, ниту пак да го загревате со течноста во него. Немојте да оставате да стои течност во шишето, туку неиспиената количина фрлете ја веднаш. Ако на шишето има гребнатинки или пак се замати треба веднаш да се замени со ново.

Избор на цуцла за шишето

Денес има голем избор на цуцли: од латекс, гума или силикон. Латексот е помек и еластичен, но овие цуцли не траат долго. Исто треба редовно да ги проверувате, затоа што бебето кога ќе има запчиња може да одгриза дел, а со тоа да се изложи на ризик од гушење.

Силиконските пак се потврди и подолго ја задржуваат почетната форма.

Денес има и голем избор на различни форми на цуцлата: вообичаена, со рамен врв – која ја имитира формата на брадавицата на мајката итн.

Формата на цуцлата има поголемо значње ако бебето го доите и го прихранувате. Тоа може да го збунува и да не го прифаќа едниот начин. Во оваков случај можете да изберете цуцла со широка основа, која ја имитира градата на мајката.

Исто така важно е дека големината на цуцлата треба да биде соодветна со возраста на бебето.

Конечниот избор веројатно ќе го направи вашето бебе. Вие иако сметате дека ќе биде погоден еден избор на цуцла, можеби вашето бебе нема да го прифати него. Затоа не купувајте наеднаш повеќе цуцли од еден вид, туку прво пробајте да видите како ќе реагира бебето.

Како да препознаете дали цуцлата му одговара на бебето

Како и за другите работи поврзани со бебето, ќе треба да го набљудувате. Ако бебето е премногу бучно додека пие, можеби му влегува премногу воздух во шишето. За да го избегнете тоа, додека го храните бебето внимавајте шишето да биде така навалено, за да нема воздух во цуцлата. Постојат и цуцли со систем за намалување на количеството на воздух, кое може да влезе во шишето.

Исто така ако цуцлата пропушта премногу течност наеднаш, треба да ја замените. Ако бебето голта премногу течност одеднаш, може да добие стомачни проблеми.

Немојте да го потпирате шишето и да го оставате бебето само. Така ќе избегнете можност за згушување.

Стерилизирање на шишињата за бебе

Имунитетот на бебето се уште не е добро развиен и тоа го прави подложно на разни инфекции. Затоа е препорачливо стерилизирање на шишињата, цуцлите и другиот прибор кој го користите.

Најдобар начин за да се стеризилираат шишињата за бебето е да се вријат во вода.

Расклопете го шишето на неговите составни делови и ставете го во сад со вода. Количеството на вода во садот треба да биде доволно големо, за да ги прекрие сите делови заедно со шишето.

Откако ќе зоврие водата, оставете да врие барем 10-15 минути.

Изведете го шишето и составните делови и оставете ги на чиста крпа за да се исушат на воздух.

Топлење на млекото во шише

Никогаш не го топлете млекото во микробранова печка. Микробрановата печка загрева нерамномерно, тоа може да доведе до создавање на жешки џебови и уништување на хранливите состојки во мелкото.

Особено е опасно ако употребувате пластично шише и го загревате во микробранова печка, тоа може да предизвика да се ослободи поголемо количество на бисфенол, што е многу опасно за бебето.

Најдобар начин за подгревање на млекото е да го ставите шишето во сад со топла (не врела) вода или да го држите под млаз од топла вода.