Носење на бебето во марама или слинг

Полза од носењето на бебето во марама или слинг

 

Носењето на бебиња е многу стара пракса, која е подзаборавена во модерниот свет. Во Афричките или источните земји нашироко се применува до ден денес.

Денес во западните земји постои тренд кон враќање на оваа пракса. Не се работи за мода, туку за задоволување на потребите на бебето и олеснување на работата на мајката.

Ќе наброиме некои од предностите на носењето на бебињата:

  • Бебето има природна потреба да биде носено. Тоа било носено во утробата на мајката девет месеци. Таму се чувствувало безбедно, заштитено, го слушало срцето на мајката, ја чувствувало нејзината близина, нејзините движења ит.н. Кога ќе се роди бебето, неговата потреба од близина со мајката не престанува. Кога бебето е носено, повторно ја чувствува истата близина, утеха и заштита. Од гледна точка на бебето доаѓањето на свет е огромна промена. Во стомакот на мајката било носено 24 часа дневно, па кога ќе се роди се уште ќе има потреба од тоа. Не е точно дека со носењето бебето ќе стане разгалено. Со носењето Вие всушност одговарате на неговата потреба да биде близу до Вас.
  • Носените бебиња се позадоволни. Испитувањата покажуваат дека плачат помалку за 40-50%. Додека плачат кај бебињата се ослободува хормон на стрес. За секое бебе е нормално да плаче, но преголеми количини од овој хормон можат штетно да влијаат врз мозокот на бебето. Бебињата кои помалку плачат, тоа време го употребуваат за набљудување на околината и учење на нови работи.
  • Често пати исхраната на носените бебиња е подобра, затоа што мајката полесно ги забележува знаците на глад, уште пред бебето да почне да плаче.
  • Движењата кои ги чувствуваат бебињата додека се носени, се добри за развојот на центарот за рамнотежа и за целиот физички развој. Бебето го слуша дишењето на мајката, ги чувствува нејзините движења и самото реагира на нив со своите движења.
  • Докажано е дека прерано родените бебиња подобро напредуваат, ако се често допирани.
  • Носењето на бебето во положба со раширени нози е добро за развојот на колковите.
  • Кога бебето е носено во марама, мекиот материјал ја спречува појавата на сплеснување на задниот дел од главата. Инаку ова е честа појава кај бебињата кои многу лежат. 
  • Бебето може и треба да биде носено и од таткото. Тоа помага за развивање на близината помеѓу таткото и бебето. Онаа близина што ја имаат мајката и бебето уште во текот на бременоста, со таткото е неопходно да се развиве покасно.
  • Носењето на бебето, на мајката и го олеснува извршувањето на секојдневните обврски. Додека таа работи, бебето не е оставено само и може постојано да го надгледува.
  • Носењето и овозможува на мајката подобро да го запознае бебето и неговиот начин на комуникација. Мајките кои ги носат бебињата полесно ги разбират и толкуваат изразите на лицето на бебето. Во исто време имаат и повеќе време за меѓусебна комуникација. На тој начин се стимулира бебето да учи. Докажано е дека кога му зборувате на бебето, му помагате во развојот на неговата интелигенција.
  • Носењето не е толку незграпно, за ралика од буткањето во количка, носењето во корпа и сл. Можете без проблем да го носите бебето, додека другото дете го држите за рака.
  • Го олеснува доењето на јавни места, правејки го подискретно.

Можни ризици при носењето на бебето во марама и слинг

Ако се работи за неквалитетен слинг и ако не го врзете добро, бебето може да падне. Ова ќе го избегнете со купување на квалитетен слинг и посветување на внимание при неговото местење.

Неправилното носење на бебето во неквалитетен слинг може да предизвика оштетување на 'рбетниот столб и појава на дископатија. Во секој случај е потребно постојано внимание на правилната поставеност и на слингот и на бебето.

Нековалитетните марами или слингови може да предивикаат искривување на грбот или рамењата на родителите.

На што да обратите внимание при купувањето на слинг

 

Слингот треба да биде удобен за Вас

За да биде удобен слингот треба да го држи бебето високо и припиено за Вашето тело.

Слинговите кои висат од рамењата можат да бидат многу неудобни, особено при подолго несење.

Побарајте слинг кој ќе овозможува рамномерно разместување на тежината. За таа намена подобри се слинговите со широки прерамки, кои се обмотуваат околу телото, одколку оние со потесни прерамки.

Слингот треба да биде удобен за бебето

Испитувањата покажале дека се подобри слинговите во кои бебињата се носат со раширени нозе, од оние кај кои тежината паѓа на карлицата. Всушност идеалната положба за оптимален развој на карлицата на бебето е со раширени нозе.

Новороденчињата треба да се носат така што да имаат потпора по должината на целата кичма, барем додека не зајакнат мускулите на вратот.

Возраста на бебето

Кога купувате слинг изборот ќе зависи и од возраста на бебето. Идеално би било да имате 2 слинга. Еден за употреба додека бебето е мало и еден за кога се попорасне.

Вашата градба

Слинговите се изработуваат во разни големини, одберете го оној кој ќе одговара на Вашата висина и обем.

Слингот треба лесно да се мести

При купување на слинг, обратете внимание да може лесно да се намести и лесно да се адаптираат прерамките. Повеќето слингови се со алки на рамењата и како што расте бебето, треба да овозможуваат и лесно прилагодување на слингот.

Мерки на претпазливост при користење слинг

  • Кога одите внимавајте каде газите, за да избегнете да паднете со бебето. Внимавајте на расфлените играчки, влечки, прагови и сл.
  • Секогаш носете удобна облека и обувки.
  • Внимавајте на временските услови. Ако е врнежливо, патот може да биде лизгав.
  • Имајте на ум дека Ви е потребно поширок простор за да поминете некаде: во пролаз, низ врата, околу некое ќоше и сл.
  • Внимавајте на позицијата на главата на новороденчето. Внимавајте главата да не му падне нанапред, со брадата на градите. Тоа може да го попречи дишењето на бебето.
  • Кога бебето е попораснато, има поголема слобода на движење. Затоа внимавајте да не дофати некој опасен предмет.
  • Никако немојте да трчате со бебето. Потресите можат да предизвикаат големи оштетувања на 'рбетниот столб и нервниот систем на бебето. Имајте впредвид дека новороденчето се уште се развива.

Типови на носилки

Слинг со алки

 Овој слинг е изработен од материјал во едно парче, кое се спровира низ две алки и така се затегнува.

Предности:

Лесно се мести и соблекува.

Погоден е за деца од раѓање до 2 години.

Овозможува повеќе позиции на носење.

Ја распоредува тежината помеѓу рамењата и карлицата.

Непогодности:

Тежината која ја носи возрасниот не е рамномерно распоредена. Повеќе се оптоварува едното рамо.

Можно е една големина на слингот да не одговара за обата родитела.

 

Пауч слинг (вреќа – чаура)

Овој тип на слинг е направен од материјал, кој е сошиен на краевите. Се носи на едното рамо како трака. Материјалот е така превиткан за да се формира џеб, во кој ќе се носи бебето. Повеќето од паучовите не се прилагодуваат.

Предности:

Лесно се мести и соблекува.

Погоден е за бебиња на сите возрасти.

Непогодности:

Ако не се прилагодува, за кратко време веќе нема да одговара за бебето, а ниту за обата родитела.

Бидејки не се прилагодува, потешко да се најде удобна позиција за носење на бебето.

 

Марама 

Се состои од материјал, кој се обмотува околу телото и се врзува, така што бебето е прилепено до телото на возрасниот. Повеќето марами се долги околу 5 метри и се широки од 60-90 см. Марамите можат да бидат направени од растеглив материјал или да се ткаени. Растегливите се полесни за местење, но ткаените даваат подобра потпора и распоредување на тежината.

Предности:

Раномерно ја рспоредува тежината и е удобен за носење и подолго време, со потешки деца.

Овозможува голема разновидност на позициите за носење.

Одговара за бебиња на секоја возраст.

Непогодности:

Потребно е мала пракса за да се нучи да се врзува.

Не се мести брзо.

Некои луѓе не се чувствуваат убаво, кога се замотани со материјал.

 

Има разни техники на врзување на марамите. Ова е еден од сајтовите на кои можete да ги видите Littlepossums