Пеленски осип кај бебето

бебе во пелена

Црвенилото или осипот под пелените најчесто се наоѓа на местото каде што пелената ја допира кожата на бебето: газето, бедрата и гениталиите. Понекогаш црвенилото може да се воспали и да се појават: пликови, осип, разранување или пак кожата да отече.

Што го предизвикува црвенилото и пеленскиот осип

Црвенилото кај бебињата е многу честа појава, затоа што кожата на бебето е исклучително нежна. За негова појава можат да придонесат многу причини:

  • Ако пелената е премногу стегната, особено ако нејзините краеви ја тријат кожата на бебето.
  • Ако пелената не се менува доволно често. Во тој случај урината и столицата ја иритираат нежната кожа. Особено подложни на црвенило можат да бидат бебиња, кои почесто вршат голема нужда.
  • Црвенилото често се јавува кога бебето ќе почне да се храни со цврста храна . Понекогаш додека го доите може да се јави и од некоја храна која вие сте ја јаделе, на пример домати или нивни производи.
  • Понекогаш црвенило се јавува ако употребувате пелени и влажни марамчиња, кои не му одговараат на бебето, ако користите избелувач или омекнувач при перење на пелените, ако прашокот не е добро исплакнат ит.н.
  • Користење на антибиотици од страна на мајката, која го дои бебето или пак ако ги прима бебето. Антибиотиците ја нарушуваат рамнотежата на добрите бактерии и ја прават кожата поприемчива на инфекции.
  • Користењето на заштитни најлонски гаќички врз пелените ја оневозможува кожата да дише и влагата се задржува внатре, па со тоа се зголемуваат шансите за појава на црвенило.
  • Ако бебето веќе има иритирана кожа, егзема и сл.

Како да ја спречите појавата пеленски осип

Најважно е газето на бебето секогаш да го држите чисто и суво.

  • Проверувајте му ја пелената на бебето што почесто и сменете ја веднаш штом ке биде навлажнета или извалкана.
  • Внимателно исчистете ја целата област кога ја менувате пелената. Најдобро е да користите топла вода за да го одмите бебето.
  • Дозволете кожата на бебето целосно да се исуши пред да ја облечете новата пелена.
  • Колку е можно повеќе оставајте го бебето без пелена. Особено кога црвенилото веќе е јавено. Отавете го бебето без пелена и без крема, за да може црвенилото да се засуши, што е важен дел од процесот на зацелување.
  • Немојте да користите креми кои содржат борна киселина, камфор, фенол или метил салицилат. Овие материи можат да бидат штетни.
  • Избегнувајте влажни марамчиња кои содржат алкохол или мириси.
  • Користете креми кои содржат цинк оксид или вазелин, за да ја заштитите кожата на бебето од влагата.
  • Ако кожата на бебето е зацрвенета, користете подебел слој на крема.
  • Избегнувајте заштитни најлонски гаќички.
  • После бањање не ја тријте кожата на бебето со крпа, туку впијте ја водата. Триењето може да ја изиритира кожата.
  • При плакнењето на пелените можете да додадете во водата половина кафено филџанче оцет. Тоа ќе ги неутрализира алкалните иританси.
  • Ако црвенилото продолжува, променете го видот на пелените, влажните марамчиња, сапунот и сл.
  • Ако црвенилото и понатаму продолжува или се инфицира, консултирајте се со лекарот на бебето.
  • Исто така консултирајте се со лекарот и доколку црвенилото се појави кај бебето во првите 6 седмици од животот.

НАПОМЕНА: Немојте да користите пудра или талк, затоа што бебето може да вдише дел од него во своите бели дробови.