Дехидратација кај бебе

Што е дехидратација

Дехидратацијата значи дека телото изгубило премногу течности или пак дека не прима доволно течности. Дехидратацијата најчесто се случува заради: покачена температура, повраќање, пролив или пак прегревање. Дехидратацијата не е реткост кај бебињата и малите деца и може да биде многу опасна ако не се реагира навреме. Ако се сомневате дека Вашето бебе е дехидрирано, веднаш јавете се кај неговиот лекар.

Симптоми на дехидратација кај бебе

Ако видите некој од следниве знаци кај бебето, веднаш јавете се кај неговиот лекар.

  • Ако бебето 6 часа нема ниту една помочана пелена или пак во рок од 24 часа има помалку од 6 помочани пелени.
  • Ако бебето има постојано темно жолта урина.
  • Ако има помалку сила и губи интерес за игра, во споредба со вообичаено.
  • Ако устата на бебето е сува и леплива.
  • Ако воопшто не му течат солзи додека плаче.

Ако бебето продолжи да губи течности, може да дојде до сериозна дехидратација и потреба од интравенозна инфузија.

Причини за дехидратација кај бебето

Температура – покачената температура е една од најчестите причини за дехидратација кај малите деца. Кога бебето има температура, за да се олади, телото повеќе се поти и на тој начин губи многу течности. Исто така причина за губење на течности во случај на покачена температура може да биде и побрзото дишење.

Прегрејување – преголемата активност кога е топло може да доведе до дехидратација, заради зголеменото потење.

Пролив или повраќање – во двата случаја бебето губи течности, што може да доведе до дехидратација.

Одбивање да цица или да пие течности – некои болести како: болка во устата, болка во грлото и сл. можат да го натераат бебето да престане да цица или да пие други течности. Последица на тоа може да биде дехидратацијата.

Што можете вие да направите

Нудете му на бебето многу течности. Ако го доите нудете му почесто да цица, иако во пракса кај доените бебиња многу поретко доаѓа до дехидратација.

Кога е многу жешко, не го изнесувајте бебето на сонце.

Пред да го изнесете на сонце, понудете му да испие повеќе течности.

Ако бебето го боли грлото или има проблем со голтањето, консултирајте се со неговиот лекар.

Ако приметите кај бебето знаци на дехидратација, понудете му вода или многу редок сок од јаболко. Во консултација со неговиот лекар можете да му дадете соодветен електролитски раствор, но ништо немојте да правите на своја рака.

Водата или електрослитскиот раствор се даваат во мали дози на секој половина час. Ако состојбата се смири и бебето веќе не повраќа, можете да му дадете двојно поразблажен растовр од вештачката формула на млеко (доколку веќе не го доите).

Ако бебето не повратило 12-24 часа, можете постепено да го вратите на неговата нормална исхрана, но внимавајки да му давате доволно течности.

Напомена: во случај на дехидратација, исклучително важно е да го однесете бебето на лекар и да се придржувате кон неговите совети.