Неспуштени тестиси кај бебето - крипторхидизам
Што се неспуштени тестиси кај бебето
Додека машкото бебе се развива во утробата на мајката, во неговата стомачна празнина се формираат тестисите. Некаде после 28-тата седмица од бременоста, тестисите се спуштаат во скротумот, односно во кесата која се наоѓа зад пенисот. Сепак кај дел од бебињата се случува да дојде до неспуштени тестиси.
Кај некои бебиња изостанува спуштањето на тестисите во скротумот, пред да се родат. Особено ова е чест случај кај недоносените бебиња, од причина што бебето се родило пред тестисите да имаат време да се спуштат. Околу 30% од машките, предвремено родени бебиња имаат неспуштени тестиси. Може да не биде спуштен само едниот тестис или пак двата.
Лекарот проверува дали тестисите се спуштени веднаш штом бебето ќе се роди. Доколку едниот или двата тестиса не се спуштени со раѓањето, постои можност тие да се спуштат спонтано до крајот на првата година од животот. Доколку тоа не се случи до првиот роденден на бебето, веројатно ќе би биде предложена операција за нивно спуштање.
Кај некои момчиња пак може повремено тестисите да се качуваат, а потоа повторно да се вратат во скротумот. Ова е нормална појава, но треба да биде испитана од специјалист за да се утврди дека не станува збор за неспуштени тестиси.
Можни проблеми кај неспуштени тестиси
Доколку тестисите не се спуштат постои можност да се јават следните проблеми:
- Плодноста на детето кога ќе порасне може да биде намалена. Ова се случува од причина што за нормален развој на сперматозоидите не им одговара температурата во стомачната празнина, туку е потребно да се развиваат на пониска температура, која им е овозможена во скротумот.
- Доколку тестисите останат во стомачната празнина има поголеми шанси да дојде до нивно оштетување.
- Има поголем ризик од заболување од рак на тестисите.
- Кога ќе порасне, детето може да биде вознемирано и да се срами од несиметричниот изглед на скротумот.
Третман на неспуштени тестиси
Заради можноста да дојде со спонтано спуштање на тестисите, не се превзема ништо додека детето не наполни една година. Ако и по истекот на една година, не дојде до спуштање на тестисите, тогаш се препорачува да се направи операција за нивно спуштање.
Хирургот прво ќе се увери дали тестисот е здрав. Операцијата се прави така што се прави мал рез, се спушта тестисот во скротумот и таму се прицврстува. Има извесен ризик да дојде до оштетување на тестисот во текот на операцијата. Исто така понекогаш може да се случи тестисот после операцијата повторно да се повлече во стомачната празнина. Од таа причина, после операцијата е препорачливо да се прават контроли.
За да се намали ризикот од тумор на тестисите, потребно е операцијата да се направи додека детето е помладо.
Повеќето доктори сметаат дека доколку детето има само еден неспуштен тестис, дека ќе има нормален потенцијал за плодност. Ако пак не се спуштени двата тестиса, веројатноста е дека плодноста ќе биде намалена.
За сите момчиња е важно откако ќе влезат во пубертет да научат да прават самопреглед на тестисите, за благовремено да може да се примети можна појава на грутки или тумури.