Запек кај бебе

Како да препознаете дали бебето има запек

Изгледот на столицата на бебето е често под инспекција на неговите родители. Тоа не е без причина. Од изгледот на столицата често пати може да се позне дали бебето има некои здравствени проблеми. Запекот е еден од нив.

Запекот е редок кај мали бебиња. Особено е редок кај оние бебиња кои се доени. Најчесто може да се јави проблем кога бебето ќе попорасне и ќе почне да јаде и тврда храна.

Во првите недели од животот доените бебиња какаат по неколку пати дневно. Понекогаш дури и после секое доење. Понекогаш пак може да се случи да го направат тоа само еднаш или два пати во цела седмица. Дури и во таков случај, ако столицата е ретка, нема потреба за загриженост.

Бебињата кои се хранети со вештачки формули на млеко најчесто какаат само еднаш дневно, а понекогаш може да се случи да го направат тоа еднаш во 3-4 дена. Ова не мора да биде проблем, ако столицата не е тврда. Но бебињата хранети со вештачко млеко имаат поголеми изгледи да добијат запек и кај нив е потребна поголема внимателност.

Вистинскиот запек значи дека изметот се задржува во цревата и станува се посув и потврд.

Симптоми на запек кај бебето

Речиси сите бебиња кога вршат нужда се грчат и стенкаат, но доколку бебето плаче или приметувате дека има проблеми додека врши нужда, кажете му го тоа на неговиот лекар.

Запекот кој се јавува кога бебето ќе почне да јаде тврда храна најчесто ги има следните симптоми:

  • Болка или нелагодност во стомакот.
  • Цврст стомак.
  • Болка во стомакот, која се намалува по извршената нужда.
  • Цврста столица.

Причини за запек кај бебето

Најчесто запек може да се јави ако бебето не прима доволно течности. Но ако проблемот продолжи, ќе биде потребно да се испита и да се исклучи некое заболување.

Што да направите ако вашето бебе има запек

  • Кога Вашето бебе е на тврда храна и пати од запек, консултирајте се со неговиот лекар дали да додадете неколку чајни лажички пасирани модри сливи во неговиот оброк од житарици или пак 2 чајни лажички сок од модри сливи.
  • Давајте му повеќе течности.
  • Намалете ја количината на храна која го поттикнува запекот нпр. банани, ориз, житарки и сл.
  • Може да му помогне ако нежно ги движите ноџињата како да вози велосипед. Тоа ќе направи полесно да се разработат цревата на бебето.

Напомена: Никогаш немојте да му давате на бебето лаксативи. Доколку има потреба, неговиот лекар ќе му препише некое благо средство, погодно за неговата возраст.