Жолтица кај бебето

Причина за појава на жолтица кај бебето

Околу 50% од здравите бебиња, родени во терминот и околу 80% од недоносените бебиња добиваат жолтица. Жолтицата кај бебињата е предизвикана од вишокот на билирубини во крвта. Билирубините настануваат како резлултат на распаѓањето на старите црвени крвни клетки, што е сосема нормална појава во текот на целиот живот. Потоа билирубините одат во црниот дроб, каде се разложуваат и понатаму се исфрлаат од телото.

Кај бебињата животниот век на црвените крвни клетки е пократок, па со самото тоа значи и количеството на билирубини од нивното распаѓање e поголемо.

Друга причина за појава на жолтица кај бебињата е што црниот дроб не е доволно созреан за да може да се справи со целото количесто на билирубини, па одтаму се јавува жолатата боја кај бебето.

Како да препозаете дали бебето има жолтица

Жолтицата кај бебето може да ја приметите, ако во добро осветлена соба со природно светло, со прстот нежно ја притиснете кожата на носот или на челото на бебето. Ако кога ќе го тргнете прстот остане жолта трага, бебето има жолтица. Жолтата боја започнува да се шири од главата, преку рамењата, градите, торзото, нозете, па се до прстите на нозете. Но многу ретко се случува толкаво проширување.

Освен на кожата жолтата боја може да се примети и на белките во очите, како и внатрешноста на устата.

Жолтицата најчесто се јавува во првите 3-4 дена од раѓањето на бебето и потоа постепено во следните неколку дена исчезнува. Најчесто е безопасна и не остава никакви последици. Доколку се јави во поинтезивна форма или трае подолго од 14 дена, ќе биде следена количината на билирубини во крвта на бебето и ако има потреба ќе му биде дадена терапија.

Доколку бебето е родено предвреме, жолтицата обично исчезнува во првите 2 месеци од животот.

Третман на жолтица кај бебињата

Доколку не се работи за серозна форма на жолтица, нема да биде потребен никаков посебен третман.

Нешто што Вие можете да направите е да го ставите креветчето на бебето на сончево место во собата, на пример под прозорецот. Светлината предизвикува да дојде до побрзо распаѓање на вишокот на билирубини во крвта.

Исто така ќе Ви биде препорачано и почесто да го доите бебето. Почестото доење ќе го забрза исфрлањето на билирубините.

Доколку се работи за посилна форма на жолтица, бебето може да биде подложено на фототерапија во болница.

Како што кажавме жолтицата најчесто е безопасна и не остава никакви последици. Но во исклучителни случаи на преголема количина на билирубини, може да дојде до оштетување на нервниот систем.

Во многу ретки случаи, доколку фототерапијата не помага, може да има потреба да се направи заменска трансфузија на крвта на бебето. Тоа значи дека дел од крвта на бебето ќе биде извадена и заменета со друга крв.