Анемија во бременоста
Што е анемија
Анемијата е состојба при која во крвта нема доволно црвени крвни клетки (еритроцити). Еритроцитите се многу важни, затоа што го разнесуваат кислородот од белите дробови низ целото тело. Доколку ги нема доволно, организмот не може да функционира нормално и се појавува слабост, карактеристична за анемијата.
Анемијата може да се јави било кога, но во текот на бременоста е многу честа и се јавува кај околу 50% од жените.
Анемијата може да биде предизвикана од разни заболувања, но во бременоста најчесто е предизвикана од недостаток на железо. Причина за тоа е што кај бремените жени е потребно крвта да го разнесува кислородот не само низ телото на мајката, туку и низ телото на бебето, па волуменот на крвта се зголемува за околу 50%. Тоа прави крвта да се разреди и ги зголемува потребите од железо за изградба на новите еритроцити.
Анемијата може да доведе до предвремено породување или раѓање на бебето со мала телесна тежина.
Симптоми на анемија
Вообичаени симптоми на анемијата се:
- Премореност
- Чувство на слабост
- Вртоглавица
- Бледило на кожата
- Студенило на стапалата
- Забрзана или неправилна работа на срцето
- Плитко дишење
- Намалена телесна температура
Многу од овие симптоми се јавуваат затоа што срцето мора да пумпа забрзано, за да се разнесе доволно кислород низ телото.
Како да ја спречите анемијата во бременоста
Добро е да имате резерви од железо во организмот уште пред да останете бремени. Ако бременоста се започне со резерви од железо во Вашите коски, помала е веројатноста да дојде до анемија.
Пред бременоста дневните потреби од железо се околу 18 мг, а во текот на бременоста дневно се потребни по 27 мг. Потребата од железо особено расте во третото тромесечие. За да ги намалите шансите за анемија, препорачливо е да се храните со храна богата со железо. Тука спаѓа:
- Месо (говедско, свинско и др.)
- Црн дроб (но внимавајте, во бременоста не смее да се јаде многу црн дроб, заради големите количини на А витамин - кои можат да делуваат штетно врз плодот)
- Пилешко
- Риба
- Зелен зеленчук: спанаќ, броколи и сл.
- Грашок и др. мешункасти зеленчуци.
- Житарки
Исто така е препорачливо да земате и храна богата со Ц витамин. Ц витаминот ја зголемува способноста на организмот за апсорбција на железото.
Третман на анемија
Доколку се појави анемија, лекарот ќе Ви препише некој препарат со железо. Некои од овие препарати, можат да предизвикуваат: киселини, запек и гадење. За да ги избегнете овие нуспојави, обидете се со следното:
- Земајте ги заедно со оброкот.
- Почнете со помали дози и зголемувајте ја дозата секој ден, додека да дојдете до препишаната.
- Не ги земајте непосредно пред легнување.
- Пијтте повеќе течности и јадете храна богата со растителни влакна, за да го избегнете запекот.
Обидете се овие препарати да ги земате со чаша природен сок од некој цитрус. На тој начин, заради Ц витаминот, организмот ќе може да искористи повеќе од внесеното железо. Избегнувајте ги кафето и чајот, затоа што ја оневозможуваат апсорбцијата на железото.