Бременост со близнаци

 Бременост со близнаци

 

 

Симптоми на бременост со близнаци

Кога очекувате близнаци, тројкa ит.н. симтомите на бременост веројатно ќе ги чувствувате посилно. Се вели дека во бременоста со близнаци тегобите се два пати поголеми, но тоа не е правило. Всушност во бременоста со близнаци ќе ги имате истите симптоми како и кај бременоста со едно дете, само најверојатно ќе бидат поизразени:

  • Може да имате повеќе мачнини и повраќање, заради зголеменото ниво на хормони во Вашето тело.
  • Уште од почетокот на бременоста можеби ќе почнете да чувствувате дека Ви недостасува здив, а покасно со притисокот на бебињата врз дијафрагмата, ова уште повеќе ќе дојде до израз.
  • Заради поголемата тежина која ја носите, може да имате проблем со болки во грбот.
  • Проблемот со констипација или гасови може да биде понагласен.
  • Анемијата е почеста. Обидете се да јадете храна богата со железо.
  • Уморот може да биде поголем, во споредба со бременоста со само едно дете.
  • Веројатно Вашата тежина ќе се зголеми повеќе, отколку ако сте бремени со едно дете. Многу e важно да се обидете да имате здрава исхрана. Toa ќе им помогне на бебињата да бидат снабдени со сите потребни хранливи материи.

Не значи дека задолжително ќе Ви биде препорачано да лежите во текот на бременоста, но ќе Ви биде потребен доста одмор. Побарајте помош од блиските во справувањето со обврските. Бременоста со близнаци не е лесна работа. Ќе Ви биде потребна голема помош и после породувањето.

 

На што да внимавате кај повеќе-плодна бременост

 

Иако ризикот од компликации во близначката бременост е поголем, сепак не треба да следите некои посебни знаци, што не би требало да ги следите и во бременоста со едно дете.

Ако сметате дека има некаков проблем, јавете се кај Вашиот лекар. Внимавајте на знаците на предвремено породување и преeклампсија

Предвремено породување. Нормално бременоста се смета дека трае 40 недели, но за близначката бременост се смета дека е нормално ако се достигне 37-та недела. Сепак половина од бизначките бремености се завршуваат пред 37-та недела. Ако сметате дека породувањето започнало порано, јавете се во болница. Можеби се работи за лажна тревога, но подобро е да бидете вратени дома, отколку да ризикувате.

Прееклампсија. Прееклампсијата е почеста во близначките бремности. Бидејки се работи за сериозна компликација обратете внимание на следните симптоми:

  • Силна главоболка.
  • Проблеми со видот. Може да Ви се заматува или да гледате светкавици.
  • Болка во горниот дел од стомакот.
  • Повраќање.
  • Нагло отекување на стапалата, глуждовите, лицето и рацете.
  • Нагло качување на телесната тежина.

Ако ги почувствувате овие симптоми, под итно јавете се на лекар. На тој начин ќе избегнете многу сериозни компликации.

 

 

Исхраната кај повеќе-плодна бременост

 

Како и во секоја бременост, треба да се храните со здрава и разновидна храна. Повеќето близнаци се раѓаат пред терминот. Вашата правилна исхрана ќе помогне да се намали ризикот од раѓање на бебињата со премногу мала телесна тежина.

Тежината која ќе ја добиете во третото тромесечие, најмногу ќе влијае врз тежината на бебињата со која ќе се родат. Затоа од големо значење е Вие да се храните правилно и доволно да ја качите Вашата телесна тежина.

Можно е во бременоста со близнаци, заради зголемените проблеми со утринските мачнини, повраќање, констипација, лошо варење на храната и сл. да немате доволно апетит. Во таков случај обидете се да примате повеќе помали оброци, наместо 3 пообилни.

 

 

Колку тежина треба да се качи кај близначка бременост

 

Се смета дека е доволно да качите 15-20 кила во текот на близначката бременост.

Ако Вашата тежина не расте доволно, обидете се да јадете пообилно и да мирувате повеќе.

Ако пак ставате премногу тежина, тоагаш намалете ги калориите што ги внесувате. Немојте да држите диета, туку исфрлете ги грицките, слатките и сличните работи и заменете ги со овошје и зеленчук. Исто така можете да ја зголемите Вашата физичка активност, но само ако тоа Ви го дозволи Вашиот лекар.

Внимавајте ако нагло качите тежина, разговарајте со Вашиот лекар. Тоа може да биде еден од знаците на прееклмпсија.

Можеби Вашиот лекар ќе Ви препише да примате дополнителни витамински препарати.

 

 

Потенцијални опасности кај бременост со близнаци

 

Поголемиот број од близначките бремености завршуваат со здрави бебиња. Сепак некои можни компликации во текот на бременоста се почести кај овој вид на бременост. Тука спаѓаат:

Опасност од спонтан абортус. Ако сте бремени со близнаци, тројки ит.н. ризикот од спонтан абортус е поголем, особено ако се работи за идентични близнаци. Како и кај другите бремености, поголемиот дел од абортусите се случуваат во првите 12 недели. Често пати може да се загуби само едното бебе. Ако едното бебе се загуби во првото тромесечие, другото продолжува да се развива нормално. Мртвиот фетус најчесто целосно се абсорбира и сето ова може да помине без никакви симптоми.

Предвремено породување . Околу пoловина жени бремени со близнаци се породуваат пред 37-та недела.

Висок притисок во бременоста. Висок притисок во бременоста се јавува кај 5-6% од жените кои носат по едно бебе, а кај близначките бремености оваа бројка е околу 25%.

Прееклампсија . Прееклампсијата се јавува кај околу 7% од трудниците кои носат по едно бебе, а кај близначките бремености е 3 пати почеста.

Одлепување на плацентата . Ова е ситуација кога плацентата се одвојува од зидот на матката уште пред породувањето. Кај близначката бременост е почеста, отколку кога се носи само по еден плод. Исто така оваа појава е поврзана со недоволна исхранетост, употребата на алкохол, дроги и пушењето. Правилната исхрана може да го намали ризикот од нејзино појаување.

Намален раст на фетусот. Може да се случи едниот или двата близнака да почнат да заостануваат со растот. Ова од своја страна може да доведе до компликации, но иако многу близнаци се раѓаат со помала телесна тежина, тие најчесто се совршено здрави. Околу една половина од сите близнаци се раѓаат со телесна тежина помала од 2.5 килограми. Интересно е тоа што шансите за преживвање кај многу малите близнаци се поголеми од шансите за преживување на единечните бебиња, родени со мала телесна тежина.

Синдром на трансфузија од едниот на другиот близнак. Оваа појава е ретка, но сериозна компликација кај еднојајчаните близнаци. Едното бебе е примач на крвта и прима премногу крв, за разлика од другото кое не прима доволно крв. Тоа ги оптоварува бубрезите на бебето кое прима премногу крв, а прави да не расте доволно бебето кое не може да прими доволно.

Во секој случај ако се јават овие компликации откако ќе ја достигнете 36-та седмица од бременоста, се смета дека сте излегле од опасната зона. Опасноста од раѓање на бебињата со премногу мала телесна тежина, значително опаѓа после 36-та седмица.

Ако компликациите се јават претходно, можеби ќе треба да лежите во болница под постојана лекарска контрола. Лекарот ќе биде во можност да ги извага сите можни ризици и да одлучи кога да се изврши породувањето. На тој начин на бебињата ќе им се даде најдобра шанса за опстанок.

 

 

Како да го намалите ризикот кај близначка бременост

 

Иако врз повеќето компликации кои можат да се јават нема да можете да делувате со Вашиот животен стил, сепак е добро да обратите внимание врз следните работи:

  • Научете да ги пратите знаците на прееклампсија и предвремено породување.
  • Обратете внимание на тоа да ставите доволно телесна тежина, особено до 20-тата недела. Со тоа ќе го намалите ризикот од раѓање на бебињата со премногу мала телесна тежина.
  • Информирајте се кај Вашиот лекар колку ќе биде нормално да качите на тежина во согласност со Вашата претходна тежина.
  • Внимавајте на здравата исхрана и пијте доволно течности.
  • Честа е појавата на анемија, па можеби ќе треба да земате дополнително железо.
  • Одете редовно на контроли кај Вашиот лекар. Многу опасности можат благовремено да се увидат, а со тоа и да се интервенира.

 

 

Породување со близнаци

 

Повеќето од оваквите породувања се извршуваат со царски рез, но тоа не е правило. Начинот на кој ќе се породите многу ќе зависи од тоа во каква положба е првото бебе, дали се работи за прво породување ит.н.

Ако првото бебе е свртено со главата надолу, а плацентата не го покрива цервиксот, тогаш е можно и вагинално породување.

Ако се работи за прва бременост шансите за царски рез се поголеми. Ако претходно имате раѓано, имате поголеми шанси за нормално породување.

На каков начин ќе се породите ќе зависи и од лекарот кој ќе Ве породува. За да избегнете непотребен царски рез, пронајдете лекар кој има искуство во вршење на породувања со близнаци.

povekeplodna bremenost

Ако има компликации, веројатно сепак ќе биде извршен царски рез. Во такви компликации спаѓаат:

  • Ако бебето не може да помине низ родилниот канал.
  • Ако пулсот на едното или на двете бебиња драстично се намали.
  • Тешка прееклампсија.
  • Одвојување на плацентата.
  • Други знаци дека бебето е во опасност.

Врз повеќето фактори од кои ќе зависи на каков начин ќе се породите нема да можете да делувате. Сепак постојат работи на кои може да обрнете внимание. За да избегнете непотребен царски рез внимавајте на здравата исхрана и кондицијата. На тој начин ќе имате сила да бидете активен учесник во породувањето.

На крај не се грижете. Можеби Вашата бременост ќе ја поминете со повеќе тегоби, но и наградата е двојна или повеќекратна.