Бременост и тромесечија
Бременоста по тромесечија
Бременоста трае околу 40 седмици, почнувајки да се брои од првиот ден на вашата последна менструација. Запомнете го овој ден, затоа што тоа е важна информација за вашиот лекар и следењето на вашата бременост. Вашиот лекар ќе ја пресмета должината на вашата бременост, врз основа на овој датум. При редовните контроли ќе го споредува развојот и напредокот на бременоста врз основа на таа информација.
На следниов линк можете да ja следите вашата бременост по седмици. Ќе прочитате како напредува бебето во секоја поединечна седмица, што се случува со него, какви се промените во телото на мајката, како и многу совети за мајката и таткото - Бременоста по седмици. Ако не ја знаете точната седмица во која се наоѓате, на страната ќе најдете и калкулатор за нејзина пресметка и пресметка на терминот за породување.
Бременоста е поделена во 3 тромесечија.
Прво тромесечие
За првото тромесечие се карактеристични возбудата, радоста, привикнувањето на новата ситуација, можеби и збунетост, но сето тоа е нормално.
Постојат и некои физички симптоми, кои се карактеристични за првото тромесечие: умор, исцрпеност, мачнини, отечени и болни гради, често мокрење, промена на расположенито, киселини ит.н.
За среќа повеќето од овие симптоми ќе исчезнат, како што напредува бременоста. Иако ретко, некои жени не чувствуваат никакви неугодности.
Ако сте од оние жени кои ги чувствуваат тегобите на првото тромесечие, обидете се да направите промена во вашата рутина на живеење. Обидете се да се одмарате колку што ви е потребно. За да ги избегнете мачнините, заменете ги големите оброци со помали, но почести оброци. Со еден збор обидете се да си ги олесните работите колку можете повеќе и да се прилагодите на промените во вашето тело. Бременоста е период кога во телото се случуваат големи промени. Повеќе за промените во првото тромесечие прочитајте тука: Прво тромесечие
Второ тромесечие
Второто тромесечие трае од 13-тата до 28-та седмица од бременоста.
Во второто тромесечие кај повеќето жени мачнините и исцрпеноста исчезнуваат. Па за многу жени второто тромесечие е полесен период од првото.
Сепак промените во телото продолжуваат, па можеби ќе почнете да чувствувате: болки во грбот и стомакот.
Во второто тромесечие темните кругови околу брадавиците (ареолите), стануваат потемни, на средина на стомакот може да се забележи темна линија - линеа негра (нормална состојба во бременоста, која исчезнува по породувањето).
Можна е појава на стрии, чешање на кожата, јавување на темни флеки на кожата (образите, челото и сл., не се грижете се ова ќе исчезне со доаѓањето на бебето), отекување на глуждовите ит.н.
Трето тромесечие
Третото тромесечие од бременоста трае од 29-тата до 40-тата седмица. Ова тромесечие го означува и крајот на бременоста.
Некои од непријатностите од второто тромесечие ќе продолжат, но ќе се јават и нови. Најчесто во третото тромесечие се јавуваат потешкотии во дишењето, заради притисокот на матката врз белите дробови. Немојте да се грижите, ништо од ова не е опасно ниту за вас, ниту за вашето бебе. Исто така зачестува и потребата од мокрење. Сето ова ќе исчезне откако бебето ќе се роди.
Во третото тромесечие може да се јави отекување на глуждовите, проблеми со спиењето, болки во стомакот и лажни (но понекогаш и вистински) контракции.
Задолжително запознајте се со знаците на прееклампсија и предвремено породување. Во двата случаја навременото реагирање е од животна важност и за мајката и за бебето.
Како ќе се приближувате до крајот на бременоста, вратот на матката ќе станува поистенчен, помек и ќе почне да се отвара. Тоа може да предизвика уште посилен вагинален исцедок. Ова значи дека наскоро бебето ќе стигне на свет.
Вашата бременост, секако завршува со породувањето. Иако како должина на траењето на бременоста се земаат 40 седмици, не мал број на бремености продолжуваат до 42-тата седмица. Ова е случај особено ако се работи за прва бременост. Немојте да се грижите.
Она што е многу важно се вашите редовни контроли кај вашиот лекар. Доколку има некаков проблем вашиот лекар ќе го забележи тоа.
Имајте на ум дека описот којшто го наведовме е само ориентационен и приближен. Односно може да има разлика кај различни жени, бремени со различни бебиња. Запомнете дека секоја жена е посебна и дека нема две исти бремености, ниту кај една иста жена.