Царски рез

Што е царски рез

Царскиот рез е извршување на оперативен зафат, за да се роди бебето.

Царскиот рез се извршува така што се прави рез прво на кожата, салото и мускулите, а потоа и на матката, за да се извади бебето. Откако ќе се извади бебето, се сече папочната врвца, се отстранува плацентата и лекарот ја зашива раната.

Повеќето царски резови резултирааат со здрави мајки и бебиња, но сепак царскиот рез е голема операција и со себе носи извесни ризици. Исто така и за заздравување на мајката е потребно повеќе време, отколку при вагиналното породување.

Многу царски резови се направени без вистински да има причина за нив, затоа е потребно да се запознаете со фактите за оваа операција. За жал некои жени и сами бараат да бидат породени на оваков начин.

Причини за царски рез

Лекарот може да Ви препорача царски рез, ако смета дека е тоа побезбедно за Вас и Вашето бебе, отколку вагиналното породување. Некои царски резови се однапред закажани, но повеќето се прават откако ќе се појават можни компликации за време на породувањето.

Вообичаени причини за царски рез се:

  • Повеќекратна бременост (двојки, тројки ит.н.).
  • Инфекции кај мајката (како СИДА, херпес... или друга инфекција која може да се пренесе врз бебето за време на породувањето.).
  • Ако мајката има висок крвен притисок.
  • Ако мајката има проблем со обликот на нејзината карлица.
  • Ако постојат проблеми со плацентата.
  • Ако постојат проблеми со папочната врвца, односно постои опасност да се прекине доводот на кислород до бебето.
  • Ако бебето е во карлична положба (со нозете надолу).
  • Ако бебето е во опасност (н.пр. има успорен срцев ритам...).
  • Ако бебето не може да се спушти низ цервикалниот канал.
  • Ако мајката веќе се породила со царски рез во минатото, иако некои жени можат да имаат нормално породување и после царскиот рез.
  • Ако претходно веќе била извршена поголема операција на матката.

Имајте на ум дека секогаш треба внимателно да се извагаат ризиците од царскиот рез и ризиците од неговото не извршување. Во многу од горенаведените случаи, породувањето може да се изврши и вагинално.

Ризиците од царскиот рез вклучуваат: тешки крварења, инфекции, згрутчување на крвта, проблеми со следните бремености (може да дојде до запушување на јајцеводите, неможност за зачнување заради лузната на матката, се зголемува ризикот од пукање на матката во следната бременост ит.н.).

Бебињата родени со царски рез имаат повеќе проблеми со дишењето, отколку бебињата родени по нормален пат.

Исто така периодот на закрепнување на мајката е многу подолг, а болките после породувањето се многу поголеми.

Иако во денешно време породувањето со царски рез е многу зачестено, не се препорачува да се прави во случаи кога навистина нема медицинска причина за тоа.

Бидејки се работи за голема операција закрепнувањето трае околу 6 недели. Погрижете се за тоа време да добиете доволно одмор и фокусирајте се на зацелувањето на раната и формирањето на врската со Вашето бебе.

 

Како да ги намалите шансите за потреба од царски рез

  • Хранете се здраво, вежбајте, одмарајте се. Обидете се во текот на бременоста да останете во оптимална форма, па така ќе бидете поспремни и за породувањето.
  • Дознајте колкава е стапката на царски резови во болниците кои ги земате во предвид за да се породите. Во некои болници стапката на царски резови е поголема и се прават без да има вистинска потреба од нив.
  • Шетањето или стоењето во исправена положба се додека можете во текот на продувањето, ќе ги засили и ќе ги направи контракциите поефикасни.
  • Пијте течности за време на породувањето, за да избегнете дехидратација. Така ќе имате повеќе сила за успешно да го довршите породувањето до крај.
  • Не се плашете и верувајте дека телото на жената е создадено и сосема подготвено за чинот на породувањето. За породувањето да се одвива без пречки многу важна е опуштеноста на жената и нејзината доверба дека се ќе биде во ред.