Гестациски дијабетес

Што е гестациски дијабетес

Дијабетесот е заболување, при кое организмот не може правилно да се справи со количеството на шеќери во крвта. Кај луѓето кои имаат дијабетес организмот не создава доволно иснсулин. Инсулинот пак е хормон, кој овозможува шеќерите во крвта да се претворат во масти или енергија. При недостаток на инсулин, количеството шеќери во крвта останува покачено и се јавува дијабетес.

Гестацискиот (или трудничкиот) дијабетес е дијабетес, кој се јавува во текот на бременоста. Се јавува кај жени, кои претходно не страдале од него.

Точната причина за јавувањето на дијабетесот во бременоста се уште не се знае, но се смета дека се јавува затоа што хормоните кои ги лачи плацентата и му помагаат во развојот на бебето, го блокираат дејството на хормоните на мајката, а тука спаѓа и инсулинот. Така во бременоста, за правилно да функционира организмот, на мајката и е потребно три пати повеќе инсулин отколку вообичаено. Кога количините на инсулин, кои ги лачи панкреасот веќе не се доволни, се јавува дијабетесот.

Гестацискиот или труднички дијабетес исчезнува по породувањето. Но жените кои имале гестациски дијабетес, имаат големи шанси да ја развијат повторно истата состојба во следната бременост. Исто така имаат и поголеми шанси да заболат од дијабетес покасно во животот.

Како влијае дијабетесот врз бременоста

Гестацискиот дијабетес најчесто се јавува во третото тромесечие, но може да се јави и порано, после дваесеттата седмица од бременоста.

Доколку се јави треба да се превземат соодветни мерки, затоа што штетно делува и врз мајката и врз бебето. Кај бебето може да доведе до:

Вишокот шеќери што се јавуваат во телото на мајката, преминуваат преку плацентата до бебето. Тоа предизвикува панкреасот на бебето да лачи повеќе инсулин и вишокот на шеќери се складира како сало кај бебето. Заради тоа бебињата кои ги раѓаат мајките со гестациски дијабетес, често можат да бидат многу големи.

Бидејки се јавува покасно во бременоста, кога бебето најчесто е целосно развиено, не предизвикува дефекти како дијабетисот кој мајката го имала пред бременоста.

Како компликации кај новороденчето може да се јават: жолтица, ниско ниво на шеќери, проблеми со дишењето, склоност кој дијабетис тип 2 ит.н.

Фактори на ризик

Поголеми шанси за добивање на гестациски дијабетес имаат трудниците кои:

  • Имаат над 30 години.
  • Имаат преголема телесна тежина или качиле премногу килажа во бременоста.
  • Имале случаи на дијабетес во семејството.
  • Во претходната бременост имале дијабетес. Околку две третини од жените кои во претходната бременост развиле гестациски дијабетeс , повторно го добиваат и во наредната.
  • Во претходната бременост родиле крупни бебиња.

Доколку не спаѓате во некоја од овие групи, не значи дека не можете да добиете труднички дијабетес. Исто така доколку спаѓате во некоја од нив не значи дека и задолжително ќе го добиете.

Третман на гестациски дијабетес

Доколку Ви биде поставена оваква дијагноза, нема причина за паника. Ќе треба редовно да ја следите состојбата и да се придржувате кон начинот на исхрана и вежби, кои ќе Ви ги препорача Вашиот лекар.

Правилната исхрана е многу важна, за контролата на дијабетесот. Избегнувајте да јадете слатки, сладолед, вештачки сокови и се она што содржи шеќер. Овие работи можете да ги замените со овошје, кое содржи природен шеќер и не делува толку штетно.

Исто така многу важно е и вежбањето. Со вежбање шеќерот од крвта директно се претвара во енергија и на тој начин неговото ниво се снижува. Никако не го занемарувајте вежбањето, но само оние вежби кои ќе Ви ги дозволи Вашиот лекар.

Ако не сте навикнати на вежбање, започнете со 5-10 минути дневно. Покасно, постепено времето ќе можете да го зголемите до 30 минути. Запомнете дека колку почесто и подолго вежбате, толку шеќерот во крвта повеќе ќе биде ставен под контрола. Понекогаш, ако бременоста е комплицирана, вежбањето е целосно исфрлено. Околку начинот на вежбање задолжително консултирајте се со Вашиот лекар. Најчеста физичка активност во бременоста е шетањето, но би било добро ако можете да додадете и некои вежби или пливање.

Доколку од некои вежби почувствувате неугодност, болки или се јави некакво крварење, веднаш прекинете ги.

Веројатно ќе добиете лекарства кои ќе Ви помогнат во регулирањето на шеќерот во крвта, а понекогаш може да бидат препишани и инекции со инсулин. Важно е редовно да го контролирате шеќерот и да се придржувате до упаствата од лекарот.

Што после породувањето

За гестацискиот дијабетес е карактеристично што по породувањето се повлекува.

Сепак понекогаш покасно во животот, кај жената има поголеми шанси да се јави дијабетес тип 2. Тоа во никој случај не значи дека задолжително ќе го добиете. За да ги намалите шансите да се лучи тоа, доколку сте имале гестациски дијабетес, препорачливо е и по завршувањето на бременоста да продолжите не само со вежбањето, туку и со внимавањето на исхраната.

Исто така многу важно е, доколку имате преголема телесна тежина, да ја доведете Вашата килажа во нормални граници. Понекогаш ако се работи за претерана килажа, само со губење на неколку килограми шеќерот може да се доведе во нормала.