Епизотомија

Што е епизотомија

Епизотомијата е хируршка интервенција, која се прави непосредно пред породувањето. Епизотомијата се прави така што се сече перинеумот - мускулниот дел помеѓу вагината и анусот, со цел да се прошири вагиналниот отвор.

Некои лекари оваа постапка ја прават рутински, особено ако се работи за прво породување на жената.

Епизотомијата се прави со цел да се убрза породувањето и заради уверувањето дека хируршкиот рез од епизотомијата ќе заздрави полесно од евентуалнотот спонтано раскинување на перинеумот. Во минатото многу од стручњаците сметале дека епизотомијата ќе помогне и за да се намали шансата за јавување на неконтролирано испуштање на урина или измет.

Но во изминатите две декади се направени голем број на студии, кои покажуваат дека овие уверувања не се точни. Всушност овие студии покажауваат дека рутински извршуваната епизотомија, не само што не помага, туку понекогаш и ја влошува ситуацијата. Заради оваа причина во многу западни земји епизотомијата веќе не се препорачува како рутинска процедура.

Спонтано раскинување или епизотомија

Истражувањата покажуваат дека жените кај кои дошло до спонтано раскинување на перинеумот имаат помалку компликации и заздравуваат побрзо од оние кај кои била направена епизиотомија.

Жените кај кои се прави епизиотомија имаат поголемо крварење за време на породувањето, повеќе болки за време на опоравувањето и покасно имаат подолго време неугодност или болка при сексуалните односи. Исто така кај овие жени ризикот од инфекции е поголем.

Студиите уште покажале дека кај жените - кај кои е направена епизиотомија при првото породување, има поголеми шанси да дојде до раскинување на перинеумот при второто породување.

Уште е докажано дека кај жените кај кои била направена епизиотомија, имало почесто распукување на перинеумот до ректалните кружни мускули или самиот ректум, што е многу сериозна состојба. Кај жените кај кои била направена епизотомија, доаѓало до распукување до кружните мускули на анусот кај една на 12 жени. Кај жените кај кои немало епизотомија овакво распукување се јавувало кај 1 на 26 жени.

Објасувањето е следното: ако сакате да раскинете една ткаенина, кога на почетокот ќе направите мал засек, ќе ја скинете многу полесно. Истото важи и при епизиотомијата, кога кожата веќе е засечена, полесно доаѓа до натамошно раскинување.

Ако дојде до сериозни распукнувања до аналните мускули, тогаш има голема веројатност жената да страда од неконтролирано испуштање на измет или гасови и опоравувањето ќе трае многу подолго.

Кога е потребна епизотомија

Во некои случаи епизиотомијата може да биде корисна. На пример кога се работи за многу големо бебе, ако бебето се заглави во родилниот канал или ако при породувањето се употебуваат клешти, па на лекарот му е потребно повќе простор за маневрирање.

Епизотомијата може да помогне ако бебето при породувањето е свртено наопаку, односно со нозете надолу.

Епизотомијата може да биде потребна и ако се случи бебето да треба да се роди што е можно побрзо, на пример ако срцето на бебето почнува да дава знаци дека не го поднесува добро породувањето.

Како да избегнете непотребната епизотомија

Разговарајте со вашиот лекар за неговиот став кон оваа процедура. За жал кај нас епизотомијата се уште се изведува рутински, заради старите предрасуди. Прашајте го вашиот лекар во кој случај тој би направил епизотомија.

Можете да почнете со перинеална масажа 4-6 седмици пред породувањето. Според некои истражувања тоа ги намалува шансите за потреба од епизиотомија или раскинување на перинеумот.

Опоравување по епизотомијата

Ако ви биде направена епизиотомија, раната ќе биде сошиена со конци кои ќе се разложат во телото. Но сепак ќе треба да помине време за нејзино заздравување.

Некои жени чувствуваат болка 1 или 2 седмици, а некои по 1 месец или повеќе. Тоа ќе зависи од резот и степенот на раскинувањето, доколку дошло до него.

За да си помогнете, можете да ставате мраз на тој дел од телото во следните 12 часа, но внимавајте мразот да не го држите на местото повеќе од 5 минути, за да не се попречи циркулацијата на крв. Кога ќе бидете дома можете да применувате топли седечки бањи. Местото каде што е раната нека биде суво и чисто.

Исто така многу важно е да внимавате да не дојде до запек. Јадете храна богата со растително влакна за да го избегнете.

Кога можете да започнете со сексуални односи по епизотомијата

Перинеумот треба сосема да заздрави во рок од 6 седмици. Доколку се чувствувате спремни и лекарот утврди дека се е во ред можете да почнете тогаш. На почетокот некои жени чувствуваат извесна болка или теснотија. Понекогаш е потребно да поминат и неколку месеци за да ја снема непријатноста. Испитувањата покажауваат дека на жените кај кои била направена епизиотомија, им е потребно повеќе време за да можат повторно да почнат со нормални сексуални односи.

Ќе во помогне користењето на лубриканти на база на вода и наоѓање на положба која ќе биде најпријатна за вас. Многу жени продолжуваат да користат лубрикант за време на целото доење. Причина за тоа се хормоналите промени кои ги предизвикува доењето. Доењето го намалува количеството на естроген кај жената, а една од последиците е појава на вагинална сувост.