Индуцирано породување

Иако е најдобро да се остави работите да течат по природен пат, понекогаш има потреба од индуцирано или предизвикано породување.

Кај индуцираното породување лекарот може да употреби медикаменти или други методи за да предизвика контракции, за да се отвори грлото на матката и сл.

Често пати индуцираните породувања, сепак завршуваат со царски рез.

Индуцираното породување со себе си носи и извесни ризици. Тоа е причина поради која секогаш се гледа индуцирано породување да се изврши само во случај кога ризикот од продолжување на бременоста е поголем од оној на индуцираното породување.

 

 

Причини за индуцирано породување

 

  • Кога терминот за породување е поминат, односно бременоста трае повеќе од 42 седмици. Понекогаш породувањето се индуцира или предизвикува помеѓу 41-та и 42-та седмица.
  • Водењакот е пукнат, но породувањето се уште не започнува. Повеќето жени се пораѓаат во рок од 24 часа од пукањето на водењакот, но ако не се случи тоа се јавува опасност од појава на инфекции кај бебето.
  • Кога бебето расте премногу бавно.
  • Нема доволно плодова вода.
  • Комликации кога мајката е Rh-, а бебето е Rh+.
  • Вискок крвен притисок или преклампсија кај мајката.
  • Дијабетес, заболување на бубрезите или некоја друга болест кај мајката. Во овакви случаи понекогаш породувањето се предизвикува во 38-та седмица од бременоста.

 

Методи на индуцирано породување

 

Простагландини – тоа се соединенија слични на хормони, кои помагаат при контракциите на матката. Се среќаваат во вид на таблети, гел или вагитории, кои лекарот ќе ги става во вагината на жената за да предизвикаат побрзо созревање на грлото на матката.

Овој начин на индукција се препорачува најчесто, затоа што обично е најефикасен и има помали штетни последици во однос на другите средства.

Ретко може да се случи да дојде до хиперстимулација, односно контракциите на матката стануваат премногу силни и тоа може значително да го намали доводот на кислород до бебето. Многу ретко може да се случи да дојде до пукање на матката, особено ако претходно сте имале породување со царски рез.

Пробушување на водењакот – може да помогне во случај кога грлото на матката е омекнато и созреано, но породувањето сепак не напредува.

Окситоцин – тоа е хормон кој ги предизвикува контракциите на матката. За индуцирање на породувањето се употребува вештачка форма на окситоцин, но само ако другите методи не успеале.

Примената на ова средство носи повеќе ризици, во однос на другите средства. Хиперстимулацијата може да го доведе бебето во неволја, а понекогаш може да дојде и до пукање на матката. Исто така контракциите при негова примена се поболни од природните.

Понекогаш се прескокнува и се оди директно со царски рез.