Исхраната во бременоста
Важноста на исхраната за здрава бременост
Дали знаете дека она што го јадете додека сте бремени, може да се одрази на вашето здравје и на здравјето на вашето бебе и во текот на наредните години?
Ако досега не внимававте на тоа вашата исхрана да биде здрава, сега кога сте бремени е крајно време да почнете. Запомнете дека вашето бебе нема друг извор на храна, освен она што доаѓа преку вас.
Вашите оброци треба да бидат составени од разновидна храна, која ќе вклучува:
- Многу овошје и зеленчук. Обидете се секојдневно да внесувате барем по неколку различни вида.
- Интегрални житарки.
- Храна богата со протеини: месо, пилешко, риба (имајте барем 2 оброка риба неделно), јајца и мешункасти растенија (грав, леќа и сл.) кои се исто така богати и со железо.
- Храна богата со растителни влакна. Тоа ќе го спречи запекот, кој е честа појава во бременоста. Растителните влакна најмногу можaт да се најдат во: интегралниот леб, интегрален ориз, овошјето и зеленчукот.
- Млеко, сирење, јогурт и сл. Овие производи се богати со калциум, кој пак е исклучително важен во текот на бременоста.
Добро е да ги намалите грицките, слатките и другите нездрави прехранбени продукти. Обидете се да ги замените со овошје или зеленчук. На тој начин ќе го избегнете претераното качување на телесната тежина во текот на бременоста.
Вашиот апетит ќе се менува во различните фази на бременоста и ќе ви биде индикатор за тоа колку храна ќе треба да внесувате. Често пати во првото тромесечие апетитот може и да се намали, во второто тромесечие може да се врати на ниво на пред бременоста, а во третото веројатно ќе биде значително поголем. Не се оптоварувајте со промените на апетитот и следете го правилото да јадете тогаш кога сте гледни.
Доколку патите од киселини или мачнини, обидете се да јадете повеќе помали оброци, наместо 3 поголеми.
Витамини и минерали во бременоста
Фолна киселина
Фолната киселина учествува во многу процеси во организмот: во создавањето на крвните клетки, метаболизмот на нервните клетки, во делбата и диференцирањето на клетките ит.н. Во бременоста потебата од фолна киселина значително се зголемува и најчесто нејзиното внесување преку храната не е доволно.
Недостатокот од фолна киселина во почетокот на бременоста, се смета дека е еден од главните фактори за настанок на дефектите на неуралната туба, како што се Spina Bifida, Anencephalus и сл. Испитувањата покажале дека со земање на фолна киселина се намалува шансата за појава на дефект на неуралната туба кај бебето за 70%. Воедно се намалуваат и шансите за спонтан абортус.
Фолната киселниа се препорачува да почне да се зема 1-3 месеца пред забременувањето. Доколку досега не сте започнале да ја земате, направете го тоа сега. Се препорачува бремените жени да земаат по 400 микро грами дневно, се до 12 недела од бременоста. Препаратите на фолна киселина лесно се поднесуваат и немаат штетни нуспојави. Само внимавајте да не земате препарат во чиј состав влегува А витамин. Големи количества на А витамин во текот на бременоста делуваат тератогено врз плодот.
Доколку во фамилијата веќе имало раѓање на бебиња со дефект на неуралната туба, препораките се да се земаат по 5 милиграми дневно.
Железо
За време на бременоста појавата на недостаток од железо е многу честа. Затоа се препорачува да се храните со храна богата со железо. Освен тоа потребно е да земате доволно Ц витамин. Тоа ќе му овозможи на Вашиот организам да биде поефикасен во абсорбирањето на железото.
Кафето и чајот ја намалуваат способноста на организмот да го абсорбира железото, па така добро е да го намалите внесувањето на овие напивки.
На редовните контроли кои ќе ги правите во текот на бременоста, количеството на железо во крвта ќе Ви биде редовно следено. Доколку лекарот утврди дека е слабо, ќе Ви бидат дадени допполнителни додатоци на железо во исхраната. Продукти богати со железо се:
- црвено месо
- житарки
- зелен зеленчук итн.
Иако црниот џигер е доста богат со железо, избегнувајте го во бременоста, затоа што е богат и со А витамин, кој пак во преголеми количини може да биде штетен за бебето.
Витамин Д
Д витаминот се наоѓа во мали количини во храната. Главно го добиваме од неговите провитамини, преку изложеноста на сонце. Доколку од некаква причина не излегувате доволно на сонце, голема е веројатноста да треба допполнително да го внесувате. Се препорачува во бременоста да се внесува дополнително околу 10 микро грами дневно Д витамин.
Витамин А
Избегнувајте дополнително внесување на овој витамин, затоа што може да делува штетно врз развојот на бебето. Имајте впредвид дека рибиното масло исто така го содржи во големи количини.
Калциум
Една од улогите на калциумот е да овозможи здрави коски и заби. Вие треба да внесувате доволно калциум, не само за Вас, туку и за Вашето бебе. Во бременоста потребите од калциум се зголемени.
Се препорачува дневно да земате по 4 пати храна, богата со калциум. Тука спаѓаат: млеко, јогурт, сирење и сл. Со калциум е богат и лиснатиот зеленчук. Доколку има потреба, вашиот лекар може да Ве советува да го земате калциумот и како додаток во исхраната.
Риба во текот на бременоста
Се препорачува да јадете риба барем два пати неделно. Рибата е богата со многу неопходни хранливи елементи и за Вас и за бебето.
Сепак внимавајте каква риба јадете. Секоја риба содржи извесна количина на жива, но некои риби содржат жива во поголеми концентрации. Некои видови како: ајкула, сабјарка и др. големи риби, се препорачува воопшто да на се јадат за време на бременоста.
Туната се препорачува да се јаде во многу умерени количини, не само во бременоста, туку и ако планирате да останете бремени или доите. Затоа што исто така е богата со жива.
Според некои исражувања, децата на мајките кои јаделе риба со ниска содржина на жива во третото тромесечие од бременоста, покасно покажале подобри резултати на тестовите на интелигенција.
Храна која треба да се избегнува во бременоста
- Школки, суши и друга сирова морска храна. Постои опасност од Листерија и Салмонела.
- Младо сирење. Може да ја содржи бактеријата Листерија. Листеријата има способност да ја премине плацентата и да доведе до труење на крвта кај бебето. Тоа може да предизвика смрт и спонтан абортус.
- Недоволно термички обработено месо. Тука спаѓаат и сувомесните производи. Може да содржат бакетии, кои можат да му наштетат на бебето. Една од нив е Токсоплазмата. Исто така избегнвуајте сировото месо да се допре до другите прехрамбени продукти, при готвењето или во фрижидерот. Со тоа ќе избегнете да дојде до нивна контаминација.
- Свежи или меко сварени јајца. Избегнувајте ги заради опасноста од Салмонела. Исто така избегнувајте и домашен сладолед, крем, мајонез и др. продукти во кои знаете дека има свежи јајца. Готовите прооизводи најчесто се изготвени од пастеризирани јајца, а нив можете да ги јадете слободно.
- Непастеризирано млеко. Исто е опасно заради можноста да содржи Салмонела.
- Риба богата со жива: туна, ајкула и други големи риби.
- Неизмиено овошје и зеленчук. Овошјето и зелнчукот се неопходни, особено во бременоста, но внимавајте секогаш да бидат добро измиени. Во спротивно се изложувате на ризик од Токсоплазмоза.
- Црн џигер, избегнувајте го во преголема мерка. Содржи многу А витамин, кој може да му штети на бебето.
- Алкохол. Може да предизвика сериозни нарушувања кај бебето. Бебето се уште нема развиено механизми за брзо ослободување од алкохолот. Вие можеби нема да почувствувате никакво дејство од внесениот алкохол, но бебето тоа го чувствува многу посилно. На бебето алкохолот може да му наштети, дури и ако се работи за мали количини.
- Високи дози на кофеин. Премногу кофеин ги зголемува шансите за спонтан абортус, а исто е докажано дека бебињата се раѓаат со помала телесна тежина. Се препорачува да не се пие повеќе од 2 шољи кафе дневно.
- Доколку пушите, време е да престанете. Пушењето сериозно го загрозува, не само Вашето здравје, туку и здравјето на бебето. Докажано е дека жените што пушат имаат поголеми шанси за предвремено породување. Кај бебињата чии мајки пушат, постои опасност од раѓање со помала телесна тежина, инфекции на респираторниот систем, алергии како и низа други заболувања.
Диета во текот на бременоста
Бременоста никако не е период за држење диети. Диетета во бременоста може да биде опасна не само за вас, туку и за вашето бебе. Со држење диета можете на бебето да му ги ускратите неопходните витамини и минерали. Запомнете дека еден од знаците на здрава бременост е качувањето на вашата килажа.
Жените кои се хранат добро и здраво ја качуваат телесната тежина во текот на бременоста, имаат поголеми шанси да родат здрави бебиња.
Нека не ве плаши качувањето на тежината, бременоста е време за тоа. Добиените килограми ќе ги загубите после породувањето.
Доколку страдате од претерана дебелина, обидете се да ја исфрлите од исхраната брзата храна, која секако треба да се исфрли и другите нездрави навики. Калоричните грицки и слатки, заменете ги со свежо овошје и зелнечук.
Качување на тежина
Колку ќе се качи Вашата тежина е индивидуална работа. Во просек во бременоста жените најчесто качуваат помеѓу 8 и 15 кила.
Најчесто качувањето на килажата е најслабо изразено во првото тромесечие. Кај некои жени дури доаѓа до намалување на тежината во овој период. Понатаму како тече бременоста, тежината се зголемува. Во третото тромесечие, кога бебето најбрзо расте и зголемувањето на килажата на мајката е најизразено. На следниот линк можете да прочитате повеќе околу тоа колку е потребно да качите килажа за вашиот индекс на телесна тежина: КАЧУВАЊЕ НА КИЛАЖА ВО ТЕКОТ НА БРЕМЕНОСТА.
Како да ги избегнете киселините во бременоста
- Избегнувајте обилни оброци. Заменете ги трите големи оброци со повеќе помали.
- Јадете ориз, тестенини, леб. Сложените јаглени хидрати ги врзуваат кислеините.
- Избегнувајте претерано масни оброци. Маснотиите се задржуваат подолго во стомакот и предизвикуваат поголемо лачење на киселина.
- Не се прејадувајте со било што.
- Избегнувајте алкохол, кафе, чај.
- После оброкот бидете во исправена положба барем 45 минути.
- Спијте на повисока перница.
- На некои жени има помага грицкање бадеми.
- На некои жени им помага ако испијат чаша млеко. Според некои тврдења пак, млекото навистина во моментот ги намалува киселините, но потоа се ствара рефлекс на посилно лачење, така да проблемот може и да се влоши. Обидете се да го пронајдете она што ќе му одговара на Вашиот организам.