Утрински мачнини во бременоста

Кога се јавуваат утрински мачнини во бременоста

 

Терминот утрински мачнини во бременоста, не е многу соодветен термин. Терминот доаѓа од таму што кај голем број трудници мачнините започнуваат наутро, а како одминува денот се намалува нивниот интензитет. Но утринските мачнини всушност можат да се јават во било кое време на денот или вечерта, а понекогаш можат да бидат присутни и во текот на целиот ден.

Околу три четвртини од бремените жени се соочуваат со овој проблем. Најчесто започнуваат во шестата седмица од бременоста, но може и порано, а вообичаено се смируваат околу почетокот на второто тромесечие. Сепак кај некои трудници утринските мачнини можат да продолжат и во текот на целата бременост, со можни периоди на пауза.

Мачнините - чест придружник на бременоста

Зголемен ризик од утрински мачнини

 

За причината за појавата на утринските мачнини има голем број теории, но ниту една од нив не е докажана. Не може да се предвиди дали некоја жена ќе ги има, но зголемена веројатност за нивна појава има кај:

  • Жени кое се бремени со близнаци или повеќе бебиња имаат поголеми шанси за повеќе мачнини. Кај повеќекратната бременост има зголемено ниво на hCG, естроген и другите хормони, а тоа ги засилува симптомите на бременост. Сепак некои жени и со повеќекратна бременост можат да ја поминат бременоста без мачнини.
  • Ако во претходната бременост сте имале мачнини, има поголема веројатност тоа да се повтори.
  • Ако вашата мајка или сестри имале интезивни утрински мачнини, има големи шанси да ги имате и вие.
  • Ако веќе сте страдале од мигренозни главоблоки.

 

Дали утринските мачнини ќе му наштетат на бебето

 

Ако се работи за благи или умерени утрински мачнини бебето нема да трпи никакви последици. Дури и ако не качите килажа во првото тромесечие од бременоста, воглавно тоа не е проблем доколку не се изгладнувате и не сте дехидрирани.

Ако мачнините ви ја нарушуваат исхраната земајте мултивитамини наменети за бремени жени.

Тешки продолжени мачнини можат да доведат до зголемен ризик од предвремено породување и раѓање на бебето со мала тежина. Сепак една студија во која биле испитувани хоспитализирани жени со тешки мачнини, покажала дека ако овие жени во текот на бременоста успеале да качат 7 килограми, имале исти изгледи за здраво бебе како и другите жени.

 

Дали отсуството на утрински мачнини значи зголемен ризик од спонтан абортус

 

Некои студии покажуваат дека жените без утрински мачнини имаат поглеми шанси за спонтан абортус, но тоа воопшто не е секогаш така.

Ако бебето или плацентата не се развиваат добро, тогаш нивото на труднички хормони кај мајката ќе биде помало, па таа ќе има мали или нема да има мачнини.

Сепак има огромен број на трудници без никакви мачнини, кои родиле совршено здрави деца и имале совршено нормална бременост. Доколку немате мачнини, немојте да се оптоварувате со тоа, туку сметајте се среќна што сте една од нив.

 

КАКО ДА СИ ПОМОГНЕТЕ

 

Ако имате благи утрински мачнини имате на располагање широк спектар на работи со кои можете да си помогнете. Секоја трудница е различна, па ќе треба да пронајдете што е тоа што ви одговара вам. Еве неколку совети:

  • Обидете се да избегнувате храна, која ги поттикнува мачнините. Ако ви се чини дека речиси сите прехрамбени проидукти го прават тоа, јадете ги тие малку што не ви пречат.
  • Топлата храна има повеќе миризба, па можете да се обидете да јадете ладна храна или храна на собна температура.
  • Наутро пред да станете изедете неколку крекери и полежете околу пола час. Чувајте ги крекерите во близина на креветот. Крекерите можат да помогнат иако се разбудите со мачнини во текот на ноќта.
  • Јадете повеќе помали оброци и грицкајте во текот на денот, така да стомакот никогаш не ви е празен.
  • Немојте да ги прескокнувате оброците.
  • Немојте да легнувате веднаш после јадење.
  • Избегнувајте масна, зачинета, пржена храна и храна на која и е потребно повеќе време за да се преработи во желудникот.
  • Пијте течности често меѓу оброците. Не го преполнувајте стомакот со нив, но пијте ги по малку во текот на целиот ден.
  • Одмарајте се често во текот на денот.
  • На некои жени им помага чај направен од сварен свеж ѓумбир.
  • На некои жени им помага грицкање на бадеми.
  • Понекогаш помага смукање на коцка мраз или лимон.
  • На некои жени им помага грицкање на чипс, иако е масна храна.
  • Доколку земате дополнително железо, обидете се да го земате пред легнување или заедно со храната. Железото кај многу жени ги зголемува мачнините.
  • Вашиот лекар можеби ке ви препише витамини Б комплекс. Познато е дека земањето на овие витамини може да ги ублажи мачнините. Земајте го во онаа доза која ќе ви ја препише лекар.
  • На многу жени магнезиумот им помага да се намалат и мачнните, освен што ја релаксира мускулатурата и ги намалува грчевите.

 

Што ако се работи за тежок случај на утрински мачнини

 

Кај некои жени може да се јави многу интезивно повраќање, оваа состојба е наречена hyperemesis gravidarum или ексцесивно повраќање во бременоста.

Ако не можете да задржите ништо во стомакот во текот на 24 часа, јавете се на лекар. Ако благовремено не се интервенира може да дојде до хроничнна дехидратација, неисхранетост и други компликации и за вас и за бебето. Колку порано ќе се интервенира, толку се поголеми шансите hyperemesis gravidarum да помине без компликации.

Доколку се јави оваква состојба, вообичаено се третира со интравенозна инфузија, а понекогаш е потребна и хоспитализација на мајката.